Разговорите помеѓу министерот за надворешни работи Бујар Османи и бугарскиот премиер Бојко Борисов беа добри, но разговорите помеѓу бугарската министерка Екатерина Захариева и Османи не беа многу добри, оцени Заев.
„Сепак, верувам дека тоа не став на премиерот Бојко Борисов, мојот пријател, верувам дека тоа не е став ниту на бугарскиот народ и ќе направиме сè овие претстојни денови да изнајдеме решение", додаде премиерот и нагласи дека и Македонија си има своја посебна историја.
Заев рече дека досега меѓу двете комисии кои работат на историски прашања се решени пет историски личности и три историски периоди и додаде оти верува дека и наредното прашање ќе биде разрешено. Тој изрази очекување дека во овој процес со поддршка ќе се вклучи и бугарскиот претседател Радев.
Вицепремиерот Никола Димитров денеска од Прилеп со својата изјава најави дека односите со Софија се во поделикатна фаза. Тој упати и порака до Брисел.
Димитров порача дека доколку македонскиот јазик биде пречка за почетокот на преговорите, дека тогаш Европската Унија не ја заслужува придавката европска.