Комисиска расправа за нацрт-амандманите

Заев: Подготовен сум да ја сносам политичката цена, но тоа е вредно за Македонија

Историскиот контекст е целосно сочуван, а правото на самоопределување е признаено од Грција. Подготвен сум да ја сносам политичката цена, но тоа е вредно за Македонија. Длабоко сум убеден дека осигуруваме иднина за генерациите кои доаѓаат, им порача премиерот Зоран Заев на пратениците на денешната дебата по нацрт-амандманите на Уставот на Република Македонија.

Во репликите на пратениците по вториот нацрт-амандман за кој се расправа на собраниската Комисија за уставни прашања, премиерот Заев истакна дека нема да има друг и подобар договор и оти двете страни добиваат од договорот.

„Веројатно историскиот момент и можноста од грчка страна да има соговорник ги поклопија коцките да се донесе одлуката. И тука според мене е моментот кога го прекршувате личниот и партискиот интерес во однос на државните интереси”, истакна Заев.

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ предложи во Преамбулата на Уставот да бидат внесени уште три документи. 

„Има уште три правни документи кои трeбa да се во Преамбулата. Првиот е правилата на македонскиот востанички комитет од Македонското кресненско востание од 1878 година. Во него се утврдува концептот на идната македонска држава. Во него разработени се меѓунационалните односи, односите со соседните народи и разработени се и социјални прашања. Потоа Уставот на ТМОРО од 1896 и Уставот од 1991 година“, рече Димовски, додавајќи дека инспирација за овој предлог било вметнувањето на Охридскиот рамковен договор во нацрт-амандманите.

По него премиерот Зaев рече дека ќе се консултира со правни екпсерти за предлозите бидејќи, според него, немало ништо лошо во нив, особено ако тоа би придонело во иднина да се зголеми бројот на пратеници кои ќе размислат за поддршка на амандманите.

Алијансата за Албанците и движењето „Беса“ и денеска повторија дека отворањето на уставните измени е добар момент да се разговара за сите отворени прашања и предложија Македонија во Преамлбулата да се дефинира како мултиетничка држава.

„За жал, првата реченица од Преамбулата дава лош сигнал. Јас не сум граѓанин кој живее во Република Македонија. Јас сум Албанец кој живее и ќе живее во иднина и верувам дека вака е за сите други народи. Наш предлог е во Уставот да се избрише делот каде пишува ‘граѓаните кои живеат во нејзините граници’ и по македонскиот народ да се додаде формулацијата ‘албански народ, влашки народ, српски народ, бошњачки народ…”. Со ова Македонија ќе биде поправедна и ќе ги застапува подеднаво сите граѓани”, рече Зијадин Села од Алијанса за Албанците.

На ова реплицираше премиерот Заев кој истакна дека може да се разговара за квалитетот на постигнување на еднаквоста, но оти комплетната еднаквост во делот на формулацијата не е до крај оправдана затоа што постојат национални држави како Албанија, Босна и Херцеговина, Србија….

„Да се избрише делот од реченицата ‘како и граѓаните кои живеат во нејзините граници’, оди во друга крајност. Мораме да признаеме дека постојат национални држави како Албанија, Србија, Турција, Босна и Херцеговина, а ова е Република Македонија која со уставните измени ќе биде Република Северна Македонија”, појасни Заев.

Во вториот нацрт-амандман се предлага одлуките од АСНОМ да се заменат со прогласот од АСНОМ и да се внесе Охридскиот рамковен договор.

Комисијата за уставни прашања веќе го прифати првиот од четирите нацрт-амандмани со кој се предвидува замена на зборот Република Макеоднија со Република Северна македонија секаде во уставот, освен во членот 36 каде има историски аспект.

МИА

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе