Во Собранието

Заев побара од опозицијата да не шпекулира за разговорите за името и да не прави штета

Немојте да шпекулирате дека некој нешто прави во четири очи. Зоран Заев секогаш кога разговарал соопштувал во јавноста. Никола Димитров секогаш кога разговарал соопштувал во јавноста. Секој документ што е создаден на формален состанок стои во архивите на МНР, во Влада, кај претседателот на државата, порача премиерот Зоран Заев од собраниската говорница, предупредувајќи ги пратениците од опозицијата дека со своите дискусии можат да направат непоправлива штета во процесот за решавање на спорот за името. 

„Ако во текот на преговорите Грција пуштила неархивирано писмо или ние, или предлог, заради тактики во преговорите, апсолутно, ниту се денеска составен дел од тоа што се договара, ниту се постојни документи, затоа што од Нимиц е документот којшто доаѓа и секогаш  секој записник од преговорите освен последните, а верувам дека веќе се доставени, можеби најпоследниот не е доставен од Брисел, но тој од Њујорк е веќе доставен до сите. Како е комплетно напишано, така е детално доставено и до претседателот на државата”, рече Заев.

Тој кажа дека во овој процес секогаш Владата преговарала и нормално е премиерот да биде водач во преговарачкиот процес, а тоа го работеле и министрите за надворешни работи и овластените преговарачи. Тој додаде дека сѐ што досега е преговарано е пренесено на лидерска средба. 

„Сѐ што досега е преговарано директно на лидерска средба, директно на состанок сум го споделувал со опозицијата и со другите лидери во Македонија. Се преговара, но на крајот институциите во Македонија се тие коишто носат одлука. Во овој случај заради тоа што е специфична работа, многу важна, граѓаните одлучуваат на референдум. Затоа ве молам да бидеме внимателни посебно по овие прашања”, рече премиерот. 

Прашањето, според него, е тешко, но треба да се реши и заради неговата чувствителност треба да се внимава.

Премиерот ова го кажа по дискусиите на Димитар Стевананџија и Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ. 

Стевананџија побара од Заев доколку се дојде до предлог за решение за името, тоа да оди најпрво на референдум и побара за договорот да не се гласа во Парламентот и да не ги изложува пратениците од власта на, како што кажа, „трет шок после гласањето на двојазичноста и на договорот со Бугарија“.

„Да ги прашаме најпрво граѓаните, а не прво пратениците затоа што ние сме минливи и менливи, нашиот мандат трае две, три, четири години, некогаш и помалку и немаме мандат за нешто кое што постои две илјади години да го решаваме овде”, рече пратеникот и предупреди дека пратениците немаат мандат за одлучување за такво прашање, но и дека никаде во програмата на актуелната Влада не стои промена на името.

Јовановски, пак, зборувајќи за работата на Владата во изминатата година, меѓу другото, го обвини премиерот за, како што рече, распродажба на името, јазикот, идентитетот на земјата... 

„Нанесувате непоправливи штети со вакви драматургии коишто може да ви личат на штиците коишто живот значат”, му реплицираше Заев, потенцирајќи дека Република Македонија е пред пресериозни одлуки.

Премиерот потсети дека 25 години сме ФИРОМ, дека треба да се направи иднина за сите деца во земјата. 

„Вие сте добар глумец, но овде сте пратеник и треба да се однесувате чесно кон граѓаните коишто ве избрале. Плукате со невидени зборови, нанесувате непоправливи штети”, рече премиерот.

Решението, според Заев, го јакне нашиот идентитет и побара од пратениците да бидат трпеливи и доколку се успее со договорот тие ќе го видат. 

„Немојте, барем заради и тие гаранции што ги имаме, Парламентот одлучува, институциите одлучуваат, граѓаните кај нас на референдум одлучуваат. Не правете штети заради тоа што и вие сте за НАТО и за ЕУ. И немојте да шпекулирате и за јазикот, и за идентитетот. Тие шпекулации прават проблеми”, рече премиерот.

Во однос на договорот со Бугарија, Заев рече дека во него стои „двата народи“ и оти е потпишан на македонски јазик согласно Уставот. 

„Дипломатските начини на решавање на проблемите се тие затоа што Бугарија не ни го признава ни народот, ни јазикот. Но, чекори се прават”, додаде тој.

Од споменикот во Струмица кажа дека тој го избришал зборот „бугарски“ пред „фашистички куршум“.  

„Остана фашистички куршум оти треба да градиме пријателство, заради тоа сум го направил тоа како градоначалник. Внимавајте како зборувате, заради тоа што национализмите, популизмите го избркаа нашиот народ од државата”, порача Заев.

МИА

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе

Подгорица во 2019 година ќе добие споменик на Јосип Броз Тито.

повеќе