На конференцијата на „Економист“

Заев од Атина: Ова е исполнување на мојот сон, да зборуваме за соработка, бизнис и размена на искуства

Се чувствувам како да е исполнување на мојот сон, да дојдам во Атина да разговарам за бизнис, да разговарам за соработка, да разговарам за споделување на искуства, изјави премиерот Зоран Заев на конференцијата на „Економист“ што се одржува во Атина.

На панел дискусијата посветена на Западен Балкан, како што јавува МИА од Атина, Заев кажал дека ќе се обиде да ги охрабри лидерите од соседните земји, но и во Грција, во Северна Македонија да видат добар партнер за иден развој. За него лично, како што рекол, многу е важно „да му покажеме на остатокот од светот, особено за регионот од Југоисточна Европа, дека секој договор, секое пријателство, секое ракување, носи придобивка за граѓаните“.

Заев говорел за односите со Грција, но и со останатите соседи, за ситуацијата кај нас, за европската перспектива на регионот, како и за денешните средби со грчкиот државен врв.

„Се чувствувам како да е исполнување на мојот сон, да дојдам во Атина да разговарам за бизнис, да разговарам за соработка, да разговарам за споделување на искуства. Навистина сум многу среќен, бидејќи сето она што се случи минатите неколку години на Западниот Балкан, верувам дека е некој вид на специјален фокус на Западниот Балкан, за кој нема алтернатива освен членството во ЕУ и НАТО и дека стратегијата за сите земји нѐ води да направиме реформи во нашите земји, да го подобриме квалитетот на животот за нашите граѓани, да градиме добри пријателства, а преку овие пријателства го сменивме Балканот, сѐ повеќе стануваме Европејци“, рече Заев.

Во однос на денешната средба со неговиот грчки колега тој објасни дека ќе разговараат за следните чекори во соработката, една од темите ќе биде и избегнувањето на двојното оданочување, заштита на инвестициите, но и Договорот од Преспа.

„По нашите избори, треба да продолжиме да разговараме за да најдеме начин како да ги решиме бренд имињата на продуктите. Во октомври, коморите од Грција, од Солун и Атина ќе бидат во Скопје за да разменат идеи, а потоа експертската група ќе продолжи за да најде решение за тоа“, изјавил Заев и изрази надеж дека и комисијата за учебниците набргу ќе најде решение.

По договорите со Бугарија и Грција, според него, Македонија е земја што разви огромно пријателство со сите соседи, а говорејќи за европската перспектива објаснил дека нашата земја, заедно со Албанија, очекува во декември да почне преговори со ЕУ, додавајќи дека германското претседателство и канцеларката Меркел се посветени на овој процес.

Паралелно, тој спомена дека и улогата и помошта на Грција се важни на патот на Северна Македонија и Албанија кон ЕУ.

За тоа колку време би требало за земјава да стане полноправна членка на ЕУ, Заев рече дека имаме реални очекувања и процесот ќе трае онолку колку што е потребно.

„Пет, седум, десет години. Зависи од нас, но зависи и од ЕУ колку е фокусирана на Заладниот Балкан. Прашањето не е да бидеме членки на Европската Унија, само за да бидеме во ЕУ, туку Европа да ја внесеме во Северна Македонија“, вели Заев.

На панелот, македонскиот премиер се задржа и на економската ситуација во земјата, но и на трговските односи со Грција, кои бележат раст од 20 отсто по Договорот од Преспа, истакнувајќи дека граѓаните и бизнисмените ја следат позитивната клима и изрази надеж дека по кризата со коронавирусот ќе продолжи да се зголемува трговската размена со јужниот сосед.

Заев истакна дека „политичарите може да победат на избори по драматични, историски, тешки одлуки“ и објасни дека се решени сите домашни порашања, нагласувајќи дека „Северна Македонија, сега е држава без отворени прашања во внатрешноста“.

На вториот ден од конференцијата на „Економист“, на панел дискусијата заедно со Заев учествуваа и премиерот на Албанија Еди Рама и поранешните министри за надворешни работи на Грција, Дора Бакојани и Јоргос Катругалос, кои сега се пратеници од Нова демократија, односно СИРИЗА.

Пред почетокот на панелот, учесниците имаа кус неформален разговор заедно со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и амбасадорот на САД во Атина, Џефри Пајат.

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да покаже демократски капацитети и зрелост очекувана од граѓаните

повеќе

Historia magistra vitae est (Историјата е учителка на животот). Оваа латинска изрека ќе ги објаснува односите меѓу народите и нациите додека постои светот.

повеќе