За грчки „Катимерини“

Заев: Не прифаќаме каква било интервенција во македонскиот идентитет

За европската перспектива и бугарското вето, но и грчката поддршка, за Договорот од Преспа, како и за односите со поранешниот и актуелниот премиер на Грција, говори премиерот Зоран Заев во неделното издание на грчкиот весник „Катимерини“, во интервјуто под наслов „Заедно за Балкан на 21-от век“, јавува МИА од Атина.

Заев објаснува дека и покрај позитивните извештаи од Европската комисија и покрај Договорот за добрососедство со Бугарија, сепак поради ветото од Софија, Северна Македонија не ги започна преговорите со ЕУ.

„Во 21 век да ја одредуваш историјата на друга нација не е во согласност со европскиот дух, бидејќи треба заедно да градиме иднина. За Северна Македонија, за македонскиот народ, за сите граѓани на нашата земја, каква било интервенција во македонскиот идентитет е неприфатлива. Процесот трае веќе подолго време, не сакаме да запреме и нема да запреме, но нема да ги ставиме во опасност нашето достоинство и нашиот идентитет. Верувам дека ќе најдеме заеднички решенија со Бугарија и ќе изградиме квалитетна иднина за нас и за идните генерации“, вели Заев и додава дека минатото не треба да се заборави, но „треба да се градат мостови на соработка меѓу сите балкански земји, бидејќи тоа е единствениот пат што води до успех“.

Од друга страна пак, вели дека Грција останува „силен медијатор и поддржувач“ на европскиот пат на нашата земја, за што добил уверување и од грчкиот премиер.

Заев потсетува на првите средби со Мицотакис во септември и ноември 2019 година, велејќи дека и тогаш и на следните средби бил создаден „пријателски однос, ослободен од сите прашања што во минатото ги оптоваруваа билатералните односи“, бил прифатен веќе дефинираниот партнерски однос основан на доверба и пријателство, „кој односите меѓу двете земји ги претвори во сојузништво“. И двајцата, како што вели се обврзале на

целосно и непречено спроведување на билатералните обврски одредени од Договорот од Преспа и на сите средби разговарале за поголема економска соработка која треба да продолжи и да се надгради.

Дополнително зајакнување на пријателството и енергетската соработка, според премиерот е и гасоводот што ќе ги поврзува двете земји, односно договорите како за терминалот во Александруполи, така и за изградбата на интерконекторот.

Дел од интервјуто за „Катимерини“ е посветено на Договорот од Преспа, преговорите и односите со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас.

„Мислам дека не би било претерување ако кажам дека и Алексис Ципрас и јас влеговме во процес во кој ја ризикувавме нашата политичка кариера, без да сметаме на личната цена. Го прифативме предизвикот да најдеме решение што произлегува од европскиот пристап во изнаоѓањето одговори на најтешките прашања, како што беше прашањето за името на мојата земја и нејзината долгогодишна блокада од три децении. Стигнавме до договор и до решение. Знаевме дека постоеше ќор-сокак, во спротивно немаше да постои таква политичка и лична волја на сите оние кои учествуваа во процесот“, објаснува Заев.

Додава дека во преговорите немало наметнувања, а најважниот момент бил кога констатирале дека ги делат истите вредности и одбрале да донесат одлуки и да го решат спорот.

„Одбравме да донесеме одлуки. Да го решиме спорот со името на мојата земја. Да не одолговлекуваме, да не земаме превид други фактори, да не си играме со јавноста како во мојата така и во вашата земја, да не им го трошиме времето на нашите пријатели и поддржувачи на процесот. Да му дадеме на регионот нов Балкан, Балкан на 21 век, каде што минатото, сенките на историјата, нема да бидат непремостливи пречки за заедничка иднина. Ова беше тоа што нѐ поврза и ова поврзување се зајакна од пријателската атмосфера што стануваше сѐ поинтензивна на секоја наша наредна средба“, вели Заев.

Интервјуто на Заев за „Катимерини“ е во пресрет на неговото учество на Делфи економскиот форум, што од 10 до 15 мај ќе се одржи во Атина.

Освен Заев, на форумот, ќе учествуваат и вицепремиерот Никола Димитров, шефот на дипломатијата Бујар Османи и министерот за животна средина Насер Нуредини.

 

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе