Заев најави обнова на раководството на СДСМ, без Шекеринска, но со нови луѓе

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев изјави дека тој и потаму ќе соработува со Радмила Шекеринска и покрај нејзината најава дека нема намера да се кандидира за трет мандат на позицијата заменик претседател на партијата, додавајќи дека со неа и со огромен процент од раководството се договориле да го обноват партиското раководство.

„Радмила Шекеринска ја најави оставката и во разговор со мене сподели дека нема намера да се кандидира за заменик претседател за трет мандат. Заедно со Радмила во 2013 година, јас како претседател, а таа како заменик претседател, презедовме да го водиме СДСМ во едно извонредно тешко време. Јас ја почитувам. Покрај сите други и ѓраѓаните, таа е една од најзаслужните за нашето членство во НАТО, за кандидатскиот статус со ЕУ, за добиената одлука за почеток на преговори со ЕУ, и за многу процеси во државата важни за граѓаните. Знам дека ќе продолжиме понатаму да соработуваме, таа е мој другар или другарка без разлика каде ќе се најде во иднина во СДСМ или во општеството. Во општеството сигурно, секако заради целото нејзино искуство и верувам дека на многу заеднички проекти или предизвици ќе соработуваме во периодот кој што претстои“, рече Заев на новинарско прашање по пуштањето во употреба на Фотоволтаична централа во селото Теново во општина Брвеница.

Во однос на информациите дека Шекеринска ја одбила позицијата на амбасадор на земјава во Вашингтон и дека се дистанцирала од лидерот на партијата, Заев вели дека тоа е прашање за неа, а за него таа е и останува близок соработник.

„Таа е мојот прв соработник како заменик претседател во СДСМ. Во првата Влада која што ја водев 2 години и 6,5 месеци беше заменик претседател на Владата и министер за одбрана, сега е министер за одбрана и навистина е еден од првите мои соработници. За амбасадор немаме разговарано, реално. Некои долгото држење празно место во Вашингтон го поврзуваат со оваа работа, но немаме разговарано заради тоа што таа е министер за одбрана и не е ред, ниту е чест и би било невнимателно да се разговара за такви позиции. Мислењето на Радмила за Зоран Заев може да го каже Радмила и немам сомневање какво мислење со мене ќе сподели заради тоа што работиме секој ден за мал милион предизвици. Дефинитивно имаме уште многу што заедно да работиме во животот“, вели Заев.

На прашањето како тоа ќе влијае во партијата, тој појасни дека со Шекеринска и со огромен процент од раководството се договориле да го обноват раководството на СДСМ.

„Тоа му го должиме на нашиот народ и на социјалдемократите, да дадеме шанси на нови луѓе, на нови ликови. Знаете дека и како кандидат за претседал на 21 март главната порака беше нова политика. Таа политика треба и кадровски и со конкретни чекори да ја покажеме. Луѓето сакаат во 21 век во третата деценија новини, инвентивности кои што ќе го забрзаат растот и развојот на државата, ќе донесат со подинамично темпо повеќе среќа, повеќе економски благодети кај нашиот народ, Тоа е наш заеднички концепт, ние до денденеска работиме и ќе продлжиме да работиме без разлика кој во иднина како ќе биде поставен на своите обврски и одговорност“, истакна Заев.

Тој отфрли секаква поврзаност на случајот „Рашковски“ со Шекеринска и кажа дека една од главните заложба на Владата е законот да важи еднакво за сите, потенцирајќи дека „нема недопирливи, како што нема ни виновни додека не се докаже тоа“.

„Апсолутно во овие неколку години ја свртивме областа во делот на владеење на правото целосно во позитивна насока. Покажавме како на транспарентен начин, без какво било влијание, можат да работат и Обвинителството и судството. Дали е тоа преку постапките на Јавното обвинителство или преку судските рочишта секојдневно. Водиме транспарентни постапки кои секојдневно дефинитивно се најголемиот коректив за одговорноста при работењето и апсолутно не гледам никакви точки на поврзаност на случајот ‘Рашковски‘ со тоа што Радмила нема да биде повторно кандидат за заменик претседател на СДСМ“, изјави Заев.  

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе