Самит ЕУ-Западен Балкан во Софија

Заев на средби со Макрон и Ципрас, Коѕијас не се појави во Софија

Средбата меѓу премиерите на Грција и на Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев што е предвидена за утре во 10.30 часот што ќе се одржи на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан се смета за исчекор кон конечно решение, иако мали се очекувањата дека ќе се случи нешто спектакуларно.

Првата шанса за средба меѓу Заев и Ципрас е попладнево на самитот на Групата на социјалистичките партии, бидејќи вечерата што ја организира ЕУ е само за членките на ЕУ.

Изненадувачки е што во Софија не допатува грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас, кој досега имаше средба со македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров во секоја прилика и многу често, но овојпат не се појави во Софија. Сепак, никој од грчката делегација не дава објаснување зошто Коѕијас не дојде, кога веќе средбата меѓу двјацата премиери се најавуваше толку долго.

Но, пред утрешната средба на Заев со Ципрас, македонскиот премиер вечерва ќе има средба и со францускиот претседател Емануел Макрон.

Пред утрешниот самит ЕУ-Западен Балкан министерот Никола Димитров од Софија порача дека е можно „чудо“ во преговорите за името со Грција и побара од ЕУ датум за почеток на преговорите.

„Ќе биде чудо ако успееме да го решиме спорот за името со Грција, но чудата се можни. А денес на сите ни се потребни чуда”, порача Димитров  од панелите во Софија, заедно со бугарскиот и хрватскиот премиер Бојко Борисов и Андреј Пленковиќ и неговата бугарска колешка Екатерина Захариева.

Захариева на истиот панел изрази надеж дека две земји од Западен Балкан ќе станат членки на ЕУ до 2025 година.

Пред почетокот на формалната агенда, прес конференција одржа претседателот на Европскиот Совет, Донал Туск, кој нагласи дека самитот со земјите од Западниот Балкан во ваков формат се случува за првпат по 15 години.

Ова, како што рече е можност за двете страни да ја реафирмираат европската перспектива на балканските земји и дека членството во ЕУ останува нивна геополитичка перспектива.

Инвестирањето во инфраструктурата и социо-економскиот развој во регионот, вели Туск, е во најдобар интерес на ЕУ.

„Тоа ќе биде целта на овој самит. Се надевам дека овој самит ќе ги доближи овие земји поблиску до ЕУ. Сѐ што ќе зборуваме денес и утре има глобална димензија”, рече Туск.

Заев, пак, учествуваше на конференцијата „Демократија што испорачува: Откочување на потенцијалите на Западен Балкан десет години подоцна“, на покана од фондацијата Конрад Аденауер и тинк-тенк организациите Центар за студии по демократија и Европски фонд за Балканот. Во обраќањето тој потсети дека граѓаните во Македонија срушиле авторитарен режим со пенкало на избори и со решителна волја за враќање на демократијата.

„Успеавме да го направиме она што честопати се стремат да го направат многу земји ширум светот, но ретко успева”, рече Заев, додавајќи дека надминувањето на кризата било само половина од приказната.

За МКД.мк од Софија

Жана П. Божиновска

Природната и суровата храна се заменува со фабрички подготвени оброци и со обработена храна.

повеќе

Гувернерот, кој и да е, не е ничиј должник. Ниту на предлагачот, ниту на тие што ќе го изгласаат.

повеќе

Родовото прашање е клучен двигател за резултатите на здравството.

повеќе