ВО СОБРАНИСКОТО ОБРАЌАЊЕ

Заев: Минималната плата ќе биде 12 илјади, парно ќе плаќаат само тие што го користат, нема да толерираме криминал

Мандатарот Зоран Заев во денешното обраќање пред парламентот најави дека ќе предводи реформска влада преку која ќе има живот за сите во Македонија. Според него, владата ќе се фокусира на три клучни темели - економија и живот за сите, силни професионални институции и правда за сите, како и интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО и перспектива за сите.

„На тоа се обврзувам овде во законодавниот дом низ кој ќе ги носиме одлуките и од пратениците барам доверба за новиот состав и програма на владата“, порача Заев.

„Ќе обединувам, нема да делам. Ќе составувам, нема да кршам, порача Заев и обраќајќи им се на новите министри рече: „Не очекувајте да бидам министер наместо вас. Министерот не е назначен да го прашува премиерот туку да дава решенија.“

Заев вети нула толеранција за корупцијата и за криминалот, за врските и протекциите.

„Дојде време за институциите на граѓаните. Ќе бидеме покритични кон себе. Македонија е зрела за нов начин на водење политика. Политичарите треба да ги слушаат граѓаните. Граѓанското општество да го третираме како наш партнер. Насушно ни е потребна општествена зрелост. Ни требаат граѓани што размислуваат и дејствуваат. Сите интелектуалци имаат обврска да се вградат во државата. Подавам рака кон секого. Македонија ќе биде држава на сите граѓани“, рече Заев и повика на трпение, смиреност и одлучност. Неговиот говор беше дочекан со аплауз.

Тој додаде дека интеграциите ЕУ и НАТО остануваат помеѓу приоритетите на реформите влада. „Ќе работиме чесно и посветено, исклучиво за потребите на граѓаните. Програмата е доставена до Собранието, таа ќе биде предмет на дебата овде и кај граѓаните. Она што е напишано, ќе биде завет за нас дека ќе работиме да ја исполниме. Во составувањето на програмата се водевме според принципите прифатливи за сите граѓани“, рече лидерот на СДСМ и додаде дека Македонија ќе биде држава на сите граѓани и дека ќе се настојува да се обезбеди стабилност за сите.

„Нашата цел е преговори со ЕУ и НАТО во најбрз можен рок, потоа раст на економијата и раст на платите. Минималната плата на работниците законски ќе ја зголемиме на 12 илјади денари, а ќе се однесува на сите. Наша цел е 16 илјади денари плата до крајот на мандатот. Приоритет е поддршка на малите и средните претпријатија, кои ќе немаат притисоци. Паралелно ќе работиме на намалување на трошоците на животот, ќе ги зголемиме семејните буџети“, додаде тој во своето обраќање.

Заев порача дека ќе заврши времето на партискиот реваншизам. „Сакам да порачам дека е доста од реваншизми и партиски отпуштања. Никој да не чувствува страв за своето работно место. Граѓаните кои не користат парно, нема да плаќаат. Ќе ги намалиме казните, ќе ја укинеме радиодифузната такса, ќе има бесплатно болничко лекување. Ќе воведеме енергетски ваучери за струја, ќе се намалат 50 проценти за енергетски гас за секое семејство. Ќе ги покачиме платите на специјалистите на 100 илјади денари, ќе го укинеме екстерното тестирање. Ќе го решиме проблемот со јавните службеници што земаат плата а не работат. Клучна цел за социјалната политика е намалување на сиромаштијата. Пензиите ќе се усогласуваат според трошоците за живот, посебно ќе посветиме внимание младите да останат и да работат во Македонија“, рече Заев.

Најсериозните реформи ќе бидат направени во судството, а институциите ќе работат професионално и независно, рече мандатарот. „Институциите да работат независно и професионално, за граѓаните да знаат за што се наменети парите. Сите одлуки ќе ги носиме со граѓаните и граѓанските здруженија. Се обврзавме дека ќе имаме независно судство и јавно обвинителство, затоа ќе има реизбор во судството според познати светски стандарди и европски практики. Ќе формираме специјално одделение во Основниот суд Скопје 1 во чија надлежност ќе бидат предметите од Специјалното јавно обвинителство“, потенцираше Заев.

По експозето на мандатарот Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери, даде пауза до 13.30 часот.

Со 66 гласа „за“ пред говорот на Заев во Собранието беше изгласано следна точка на дневен ред да биде изборот на новата влада. За изборот на новата влада пратениците треба да гласаат најдоцна до среда на полноќ, а за неа треба да се изјаснат најмалку 61 пратеник во 120-члениот парламент.

Партиите од новата владина коалиција СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците во Парламентот имаат поддршка од 62 пратеници.

Ова повеќе не е „бегалска криза" ниту „криза за управување со бегалци". Сега веќе е хуманитарна криза по сите дефиниции.

повеќе

Али Ахмети на средбите со Тачи и Харадинај изразил уверување дека македонските Албанци се подготвени да имаат блиска соработка со Косово во насока на проширување на влијанието на албанскиот фактор.

повеќе

Сега треба лидерите во Скопје, Атина, Брисел, па дури и во Вашингтон да осигурат дека храброста што ја покажаа македонските граѓани нема да биде залудна.

повеќе