Предвремени парламентарни избори

Заев и Мицкоски во трка за формирање парламентарно мнозинство, сите партии најавија приговори

Коалцијата Можеме предводена од СДСМ со освоени 46 мандати ќе има прва можност да соопшти дали може да формира поширока коалиција за собраниско мнозинство. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие со 44 мандати во македонското избирачко тело имаат најголем кредибилитет да се борат за состав на нова Влада, по предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули годинава.

Во новиот собраниски состав СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат помалку пратеници од досега, додека ДУИ и Алијанса за Албанците ќе ја зголемат својата застапеност, а Левица со двајца пратеници влегува за првпат во Парламентот.

Според неофицијалните конечни резултати од Државната изборна комисија (ДИК), Демократската унија за интеграција (ДУИ) освои 15 мандати, Алијанса за Албанците и Алтернатива – 12, Левица два мандати и ДПА еден мандат.

Коалицијата предводена од СДСМ е победник во голем број општини и има најголем коалициски капацитет, со што извесно е дека лидерот Зоран Заев ќе биде новиот мандатар и прв ќе има шанса да состави владино мнозинство, информираат од аналитичкиот центар на СДСМ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера на првата прес-конференција по завчерашните предвремени избори истакна дека опозициската партија го има најголемиот кредибилитет да се бори за состав на новата Влада, според кого ВМРО-ДПМНЕ, има повеќе гласови од СДСМ, без Беса, со која е во коалиција.

„Важно е што во Македонија расположението е опозициско, а  резултатите покажуваат дека опозицијата освои повеќе гласови од власта, а ВМРО-ДПМНЕ без Беса во редовите на СДСМ освои повеќе пратенички мандати. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За обнова на Македонија победија во 41 општина“, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски најави дека е подготвен да разговара со сите политички партии, но оти тоа нема да го прави под уцена и условување.

„Подготвен сум да преговарам бидејќи кредибилитетот кој го носи ВМРО-ДПМНЕ за овие избори е најголем, но она што не сум подготвен да преговарам е условот. Јас под диктат не работам“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали би го прифатил условот на ДУИ за премиер Албанец.

Тој не сакаше да каже дали веќе контактирал со некој од лидерите на партиите од албанскиот блок, додека во врска со предлогот на лидерот на СДСМ Зоран Заев за меѓусебна поддршка со пратеници за евентуално формирање влада, потенцираше дека нема намера тоа да го направи.

Лидерот на Левица, која со освоени двајца пратеници за првпат влегува во Парламентот, рече дека засега немаат контакти со политички партии за коалицирање, но и дека очекува да има нови предвремени парламенарни избори.

„Веруваме дека ќе има наредни предвремени парламентарни избори, бидејќи е ова Пирова победа. Кој и да состави влада нема да може да ја одржи до крај. На наредните избори Левица ќе влезе со двоцифрен број пратеници“, рече лидерот на оваа партија.

На новинарско прашање одговори дека засега немаат контакти со ниту една партија и веројатно преговори ќе има откако ќе биде даден мандатот за формирање влада, но, рече, „начелно со СДС и Заев нема што да разговараме“.

Генералниот секретар на Движењето Беса, Аријанит Хоџа, изјави дека мандатот на СДСМ и движењето Беса ќе биде владин мандат во наредните четири години.

„Некогаш бројките и победата не се важни, но важно е да се биде на вистинската страна. Движењето Беса на овие избои ги има и бројките и победата и е токму таму каде што сакаат мнозинството граѓани – во опцијата што гарантира пат за инреграција во ЕУ, економски разој и градење на рамноправна држава за сите врз основа на партнерство меѓу Албанците, Македонците и сите други етнички заедници“, рече Хоџа.

На новинарско прашање во врска со тоа која партија од албанскиот блок ќе биде поприфатлива за коалициски партнер, Хоџа рече дека очекуваат да го видат финалниот резултат и врз основа на тоа ќе донесат длуки.

Портпаролот на ДУИ Бујар Османи, преку Фејсбук објави некои изборни математики, алудирајќи дека ДУИ со 15 пратеници е сигурен победник кај албанските гласачи.

Османи, во математиката на својот фејсбук профил, ги изедначува на 46 гласа СДСМ – БЕСА 46 (42+4) и ВМРО-ДПМНЕ – Левица 46 (44+2), додека коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива ја дели на Алијанса – 8, а Алтернатива – 4 пратеници.

Сите партии имаат забелешки на работата на ДИК. Според пресметките на СДСМ разликата во корист на Коалицијата Можеме е најмалку три мандати.

„Во податоците презентирани од страна на ДИК забележани се сериозни недостатоци и грешки кои може да даваат неточна слика за конечниот резултат“, соопшти вчера Социјалдемократскиот сојуз.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вчера најави дека правната комисија на партијата работи на евентуални приговори за кои има рок од 72 часа да се достават до Комисијата.

Генералниот секретар на партијата Игор Јанушев, објави дека по барање на ВМРО-ДПМНЕ, ДИК повторно ги пребројува резултатите од записниците, сѐ со цел да се отстранат сите можности за било какви неправилности во однос на резултатите од изборите.

„Во моментов сите опции се отворени, и по завршувањето на пребројување ќе ги соопштиме нашите следни чекори“, објави на фејсбук Јанушев.

Претседателот на Алијансата на Албанците, Зиадин Села, изрази длабока загриженост и негодување за, како што вели, игрите што се играат со необјавување на резултатите од изборите.

„Има многу информации од теренот кои не одговараат на резултатите објавени од  Државната изборна комисија до раните часови утринава. Има многу сомнителни резултати на многу избирачки места. Имаше сериозни обиди, но и активности насочени кон отуѓување на волјата на граѓаните. Нашиот заеднички штаб пријави десетици вакви случаи до релевантни тела, но и до релевантни меѓународни институции“, објави на својот Фејсбук профил Села.

Истовремено тој најави дека Изборниот штаб на коалицијата Сега е време, по официјалните резултати ќе поднесе приговори, поткрпени со, како што вели, факти и докази за конкретни изборни нерегуралности.

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев рече дека партијата е оштетена за минимум околу 10 илјади гласа и дека им се украдени, како што рече, тројца пратеници, во изборните единици 1, 2 и 4.

„Она што најмногу загрижува е тоа што има најмалку 80.000 гласови кои се несоодветни. Според нашиот аналитички центар, не кореспондираат електонските записници со хартиените записници. На овој начин, ние сме искрадени по 30-40 гласа во урбани средини по избирачко место, а пратениците кои „висат“ во овие три изборни единици се за 200 до 600. Тоа значи дека доколку не беа овие изборни нерегуларности ние ќе имавме чисти плус тројца пратеници. Сега засега имаме двајца пратеници чисти. Се прави максимален обид од СДС да ни го земат и вториот пратеник во Третата изборна единица, кој е чист како солза. Ќе дадеме максимум од себе да дојдеме барем до тројца пратеници“, рече Апасиев.

Тој рече дека ќе поднесат приговор во законскиот рок од 48 часа, а најави и кривични пријави против членовите на ДИК зашто ова е, рече, „невиден скандал во досегашната изборна историја“.

Од Македонска конзервативна партија – ИНТЕГРА, која не освои пратенички мандат, побараа да се направи увид во неважечките гласачки ливчиња со цел да се расчистат сомнежите.

Претседателот на партијата Љупчо Ристевски, побара државните органи да ги расчистат сериозните сомневања во јавноста и да понудат материјални докази за кредибилноста на изборниот процес, бидејќи како што посочи е доволен аргумент дури и да се поништат изборите.

Дваесет дена по одржаните избори треба да се конституира новото Собрание, по што претседателот на државата во рок од десет дена треба да го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот.

Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. 

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе

Како по ѓаволите успеаја политичарите да го претворат токму Гоце Делчев во повод за поделби и омраза?

повеќе

Независна Македонија не може да се пофали со успешно менаџирање на етничките прашања, а првите „грешки“ се прават во првите денови од независноста.

повеќе