Пред лидерската средба

Заев и Мицкоски пред предизвикот да постигнат согласност за старт на пописот

На денешната средба на лидерите на власта и на опозицијата Зоран Заев и Христијан Мицкоски, бездруго во еден дел од потешките прашања на преговорите ќе биде и одржувањето на пописот на населението. Парламентарните партии ДОМ, НСДП и ЛДП сметаат дека е крајно време во Македонија да се спроведе попис на населението и дека точните резултатите се важни за развој на државата, но и предупредуваат дека епидемијата со ковид-19 е голем предизвик. Демократскиот сојуз предложи одложување на пописот барем до јуни. 

На денешната средба на лидерите на власта и на опозицијата Зоран Заев и Христијан Мицкоски, бездруго во еден дел од потешките прашања на преговорите ќе биде и одржувањето на пописот на населението. ВМРО-ДПМНЕ бара негово одложување, наведувајќи го како главна причина третиот бран со ковид-19, растот на новозаразените и незaпочнатата имунизација на населението.

Во услови кога пописот на населението од обична статистичка, повторно се претвори во политичка операција и, кога ВМРО-ДПМНЕ бара негово одложување, но и се сомнева дека пописот е веќе фингиран во резултатите што ќе ги даде, се чини дека е неизбежно дека токму од согласноста околу ова прашање ќе зависи исходот и од другите теми од разговорот меѓу Заев и Мицкоски.

Од друга страна Левица е категорично против одржување на попис според ваков закон и на граѓаните им најави дека и со правна помош ќе им излезе во пресрет доколку се соочат со закани од казни поради неотворање на врата на попишувачите.

Демократскиот сојуз, партија која беше во парламентарна коалиција со СДСМ, викендов побара одлагање на пописот најмалку до месец јуни или на неопределено време, со цел да се постигне политички консензус за времето кога би се одржал, а во меѓувреме попишувачите да се вакцинираат. Лидерот на партијата Павле Трајанов изјави дека со имунизацијата се доцни, дека голем број граѓани најавуваат дека нема да им отворат на попушувачите пред сѐ поради страв од вирусот и дека поради тоа јасно е дека пописот нема да биде сосема успешен.

Претседателката на зелената партија ДОМ и пратеник, Маја Морачанин во изјава за МКД.мк вели дека не е добро пописот на населението, постојано да се одложува имајќи предвид дека 19 години во земјава не е спроведена таа статистичка операција многу важна за развојот на земјата.

Морачанин смета дека доколку се почитуваат сите здравствени безбедносни протоколи дека е можно успешно и безбедно да се реализира пописот. Нагласува дека попишувањето трае кратко, дека доаѓаат потопли денови и дека е можно да се реализира и на терасите, во дворовите, на отворено, со одржување на растојание, со носење на маски и задолжителна дезинфекција и секако, со следење на евентуално нови инструкции од Комисијата за заразни болести.

Таа вели дека пандемијата во светот, а особено во Европа, не стивнува и дека не се знае кога ќе заврши ширењето на болеста и дека оттаму, за секоја евентуална одлука поврзана со пописот на населението е потребна широка политичка согласност.

Како лекар, Морачанин апелира до сите граѓани секојдневно да ги почитуваат здравствените мерки и препораките за лична безбедност, а како лидер на зелена партија укажува дека мора во земјава да се води сметка за зачувување и унапредување на животната средина бидејќи и пандемијата е еден вид сигнал од природата дека човештвото со своето однесување го нарушило балансот со планетата.

Лидерот на НСДП Тито Петковски смета дека се направени сите подготовки за пописот, потрошени се средства, попишувањето е започнато во дијаспората и дека Македонија конечно, по речиси 20 години, треба да ја заврши оваа важна статистичка операција.

Но, како што нагласува во изјава за МКД.мк, растот на бројот на новозаразени е голем предизвик за почетокот на пописот внатре во земјава, во услови кога и попишувачите не се имунизирани, но и како што потенцира, статистичката операција е веќе на големо политизирана од големите партии, за кои пописот стана и терен за предизборен мегдан, додека за партиите на Албанците во прв план се бројките на Албанците надвор и внатре во земјава поради што домашни лидерите веќе инволвираа и државници од соседните Косово и Албанија, или пак, како што вели, во преден план им е законот за државјанство.

Затоа, за стартот на пописот или за евентуално негово извесно одложување потребен е итен договор, политички консензус, при што партиите ќе го стават во прв план државниот интерес и тоа да биде најрационалната одлука во овој момент, која нема да ѝ направи на земјава посериозни последици, вели Петковски.

Либерално демократската партија која вчера донесе одлука на локалните избори да настапи самостојно, смета дека е крајно време Македонија да спроведе попис и конечно да се знае колку жители има во земјава и како и на кои полиња да се гради стратегијата за развој на државата.

Пописот е државно прашање од врвно значење и треба да биде спроведена според законските прописи и кредибилно и во резултатите да нема сомнежи, и многу важно, во целост според здравствените протоколи зашто епидемијата во земјава е голем предизвик, вели во изјава за МКД.мк Моника Зајкова, пратеник и потпретседател на ЛДП.

Зајкова нагласува дека треба да се почитува до крај здравствениот протокол што Комисијата за заразни болести го изработи за Државниот завод за статистика, но и евентуалните нови нејзини препораки, дури и ако тоа значи можно мало поместување на стартот на пописот.

Таа нагаласува дека бидејќи пописот е прашање од државен интерес дека така треба да се однесуваат и сите партиите, и ја повика опозицијата разумот да го стави пред сопствениот партиски рејтинг.

Што се однесува до опозициската албанска коалиција Алијанса - Алтернатива, нивниот став беше дека пописот треба да се одложи во согласност со препораките на Обединетите нации во време на пандемија да не се одржува попис никаде во светот.

Но, кога власта тоа го одби и кога веќе четворица инструктори се болни од ковид-19, што ќе значи и еден број попишувачи позитивни на коронавирусот, Алијанса и Алтернатива сметаат дека најпрво е потребна итна имунизација на сите попишувачи и претставници на Заводот за статистика кои ќе бидат директно инволвирани во процесот на попишување.

П.Џамбазоски

Критики за тоа дека треба да се слушаат критики од членови, зошто е разрешен Стојко Пауновски, зошто Максим Димитриевски не е член на Централен одбор, беа искажани на последниот конгрес на СДСМ кој се одржа во неделата.

повеќе

Владите ширум светот имаат тенденција да ги следат своите национални интереси, наместо да следат глобално координиран пристап.

повеќе

СКСМ - комора на иднината, САП системите - иднина на македонскиот бизнис.

повеќе