Преговори

Заев и Јанушев веруваат дека ќе има решение за законот за ЈО, за Дескоска работата е јазол

Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција во Владата рече дека е оптимист и дека очекува до 15 септември со консензус да биде донесен законот за јавното обвинителство.Ќе биде законот за ЈО, ќе ги прифатат сугестиите и барањата на ВМРО-ДПМНЕ, напиша денеска генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев. Само министерката за правда, кога директно е вклучена во преговорите, вели дека дијалогот меѓу власта и опозицијата е во јазол.

Правдата и предметите на СЈО, рече Заев, мора да бидат осигурани. Во преговорите за законот, црвените линии кои се јасно поставени, не смеат да бидат поминати, а планот „Б“ никојпат не бил спомнат како закана.

„Знаете дека сум оптимист по многу прашања. Се надевам на решение. Не е лесно. Тешко е, се среќавааат работните групи. Но, предметите мора да бидат осигурани. СЈО како институција мора да има иднина, државата вложила пари, странски држави – пријатели помогнале. Верувам дека решението ќе го изнајдеме заедно, во соодветниот период кога е тоа возможно. Планот „Б“ никојпат не сме го спомнале како закана и воопшто не сакаме да го спомнуваме. Но, не дај боже да не осамне 16-ти. Сите ќе прашаме и сега, политичарите не се договорија, што правиме? Ќе мора да се најде решение зашто на први некој ќе треба да потпише таму плата на вработените. СЈО има мандат до 15 септември. Кое ќе биде решението? Тогаш ги гледаме актуелните закони и ќе го бараме решението“, изјави денеска Заев.

Планот Б и евентуалните интервенции во законот за Советот на јавни обвинители повеќе не е во игра – да не остане дека не ви кажав дека планот Б беше приказна за “мали деца” од квази-правници, пишува генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев на својот фејсбук-профил.

„Не ја потценувајте интелегенцијата на народот, ова не е ВМРО од времињата кога СДСМ добиваше на „зелени маси”, а народот не беше прашан, ова не е ВМРО од времето на Пржино, а СДСМ го нема ветерот во грб на кој тогаш едреа. Тоа време помина! Ќе биде Законот за ЈО – ќе ги прифатат сугестиите и барањата на ВМРО-ДПМНЕ, а бараме само модерен и современ закон, онаков како што функционира во цивилизираниот свет... Закон со кој ќе се почитува владеење на правото и правната држава, со примена на светските и европските конвенции за заштита на човековите права – тоа го бара ВМРО-ДПМНЕ и нема да отстапи од истото! Едноставно е, ќе мора да се откажат од унапредувањето на Катица Јанева кое го бараа, да се откажат од префрлање на кадарот на урнисаното и мртво СЈО во новиот оддел на ЈО и ќе мора да поддржат независен обвинителен систем. Ако „соберат сила” тоа да го прифатат, ќе има нов Закон за ЈО.  А, во меѓувреме, не исклучувам со еден таков нов закон да се пофали Заев дека сето ова било негова идеја. Да, да, бесрамно на прес-конференција на која ќе каже дека за тоа се залагал од почетокот. Веќе го научивме човекот дека лаже-суши и нема мака, но поважно е државата да добие правда. Сега или потоа – правдата ќе дојде“, пишува Јанушев на Фејсбук.

Само министерката за правда Рената Дескоска е резервирана. „Јазолот во дијалогот меѓу власта и опозицијата за предлог-законот за ЈО, ја натера Владата да мисли за план Б, во случај да не се најде заеднички јазик. Треба да се мисли и на втората опција“, вели Дескоска.

Планот Б може да значи да се назначи вршител на должност на местото на Катица Јанева, со цел СЈО да продолжи со работа, но и некои законски промени за Советот на јавни обвинители.

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да го вратиш.

повеќе