На Денот на победата над фашизмот

Заев и Брнз во Вратница се поклонија пред споменикот на петте американски пилоти

Πред споменикот подигнат во чест на петмина американски пилоти, во село Вратница, тетовско денеска, по повод 9 Мај, Денот на победата над фашизмот во Втората светска војна, се поклонија премиерот Зоран Заев, амбасадорката на САД во земјава Кејт Мери Брнз и претставници на Сојузот на борци.

Двајца од петмината пилоти ги загубија животите кога на 26 август 1944 година, нивниот авион беше соборен од окупаторските сили на територијата на Македонија. Останатите тројца членови на екипажот на американскиот бомбардер „Либератор Б-24 Г“, со кодно име „Наша Љубов“ кој бил погоден и паднал на падините на Шар Планина над селото Вратница, биле спасени и евакуирани на безбедно.

Акцијата за нивно спасување од страна на населението од Вратница Заев ја нарече редок и скапоцен настан.

„Застанати на страната на Сојузот на прогресивните антифашистички сили, не само што ставија крај на крвавата светска војна на бојните полиња, туку му ставија крај и на погромот на фашизмот заради кој беа погубени милиони недолжни цивили и луѓе во логорите на смртта. Сеќавањето и чествувањето на настанот од 1944 година во Вратница и поменот на петмината пилоти веќе е прифатен како еден од најсимболичните моменти од нашата заедничка соработка со САД“, рече Заев.

Амбасадорката на САД, ја истакна важноста на денешниот настан и локацијата каде е подигната спомен плочата.

„Ова е место каде што луѓето од обете наши земји можат да се соберат за да слават храброст пред опасностите и конфликтите. Токму на една планина во близина на 26 август 1944 година се урна американски бомбардер Б-24Д откако го погоди непријателски оган додека се враќаше во Италија од Романија. Селаните, изложени на голем личен ризик за себе и за своите семејства, им помогнале на тројцата преживеани по планината и извадиле тела на уште двајца и ги закопале. Тоа беше длабок чин на хуманост за кој мојата земја останува благодарна“, потсети Брнз.

Претседателот на главниот одбор на Сојузот на борците, Никола Стојановски, во своето излагање потсети на улогата што Македонија ја одигра во борбата против фашизмот.

„Денеска кога оддаваме почит и сеќавање на големите жртви и заедничката борба за слобода, Сојузот на борците со гордост го истакнува нашиот придонес за слободна и демократска Европа, заедницата со која ги споделивме идеалите на новото време. Таа Европа и тој свет, драги пријатели, да биде против неофашизмот и екстремниот популизам, против ксенофобијата, расизмот, верската нетолеранција и другите насилства, против војните, хегемонистичките наметнувања, тероризмот во неговите облици. Опасноста да ја замениме со реафирмирање на начелата на Обединетите нации, човековите права, правото и правдата во светот“, рече Стојановски.

Божин Милосавлевски, жител на село Вратница ги прераскажа преданијата од своите соселани кои херојски помогнаа при спасување на пилотите.

 

Узурпацијата на јавниот простор како камен за сопнување на граѓанскиот активизам.

повеќе

Паузата во борбата против коронавирусот, бизнисот ја користи за свое преструктуирање и за непосредни контакти со компаниите кои беа запоставени во изминатиот период.

повеќе

Страшно е да се помисли дека постојат луѓе што со години се распрашуваат, го истражуваат, и го следат животот на граѓаните преку социјалните мрежи и интернетот.

повеќе