„Изборно ветување на СДСМ е изборен модел со една изборна единица, сега на ред е Парламентот. Ако Парламентот преточи измени и дополнувања на Изборниот законик, сме ѝ ветиле на јавноста дека сме за една изборна единица, и како СДСМ ќе гласаме. Сакам да го направиме тоа сите, убаво е да се дефинира со консензус, значи и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и другите партии да застанат зад тоа што ќе го договориме“, рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата во Владата по промоцијата на платформата „Отворени финансии“.
Заев верува дека малите партии кои ги водат разговорите ќе направат сѐ што е до нив да ги седнат на маса сите партии и тие да го кажат својот став, како што вели, барем на работни состаноци.
„Јас би бил задоволен ако можеме да почнеме веднаш со нов изборен модел. Тоа за мене е демократија. Една изборна единица значи дека најмногу губи СДСМ, па потоа губи ВМРО-ДПМНЕ, па ДУИ, барем според тоа како сме рангирани според резултатите на последните избори, но добива демократијата и помалите партии и се отстранува можноста за каков било авторитарен режим во иднина. Но, би бил на крајот задоволен ако договориме и вградиме во Изборниот законик дури и имплементација на нешто и од следните избори, но важно е да направиме чекор. Најдобро е да стартува уште сега“, рече Заев.