Комисиска расправа за концепцијата на реформи во образованието

Заев: Доцниме со реформите, но нема да избрзаме

Моето мислење е дека доцниме со реформите во образованието и дека тие требаше да се случат пред десетина години, па сепак со решенијата нема да избрзуваме, рече премиерот Зоран Заев по отворањето на јавната комисиска расправа во Собранието на Македонија за концепцијата на реформи во основното образование. Министерката Мила Царовска нагласи дека реформите се нужни затоа што на децата не им се дава соодветна наставна програма, ниту имаат квалитетни учебници.

„Целта на реформата е да го осовремениме нашето образование со нов модел на наставата кој е инспириран од образовните системи на развиени земји во Европа и светот, но имајќи предвид нашите автентични општествено-економски состојби. Сакаме да создадеме современ национален, македонски модел на основното образование, рече премиерот Заев.
Според него, треба да се имаат предвид македонските специфичности и концептот „Едно општество за сите".

„Слушам дека брзаме со образовната реформа, но јас мислам дека доцниме. Тие требаше да се случат пред десетина години, зашто паралелно со брзиот развој во сите општествени сфери, се потребни динамични и прогресивни промени во образовниот процес. Сепак, треба да се биде внимателен и нема да избрзуваме, ќе работиме на тоа да дизајнираме најсоодветна образовна реформа, која е во најдобар интерес за децата. Со таков иновативен и применлив образовен модел, да му овозможиме на секое дете преку образованието да го постигне својот максимален потенцијал. Реформите за првпат се прават на транспарентен начин и со вклученост на сите страни, со цел и да се расчистат некои дезинформации во однос на првичниот нацрт на концепцијата", рече премиерот.

Заев нагласи дека со предметот Општествени науки не се укинува предметот Историја или други предмети, туку како што рече, содржините од нив се предвидуваат да станат задолжителен дел од новата наставна програма. Не се предвидува ниту намалување на бројот на наставници по Историја, Географија и Граѓанско образование, туку тие продолжуваат, како што рече, заедно да ја планираат наставата со цел учениците да добијат најдобро можно знаење на најефикасен начин.

Додаде дека концепцијата им овозможува и кариерен развој на наставниците и дека се темели на анализа од експерти и меѓународни институции и дека е дел од Стратегијата за образование 2017-2025 и е предвидена со Законот за основно образование донесен минатата година.

Министерката Мила Царовска во обраќањето истакна дека реформите во образованието се нужни, зашто се во интерес на сите деца во државата, и овој процес не смее да запре зашто секоја учебна година нашите деца, како што рече, учат од неквалитетни учебници, следејќи несоодветна програма, а тоа нанесува огромни штети на младите генерации.

„Сите истражувања потврдуваат дека нашите деца не се стекнуваат со потребните вештини и не можат да го развијат својот полн потенцијал поради лошиот образовен систем", рече Царовска.

Таа наведе дека според ОЕЦД, учениците до 14 години од Македонија добиваат околу 900 часа помалку настава во споредба со другите земји членки, а според УСАИД, нашите деца имаат тешкотии во основни вештини, како што се читање со разбирање и одземање. Нивните тестирања покажуваат дека помалку од 40 проценти во второ одделение ги завршиле задачите со прочитан текст, наспроти меѓународното мерило од 80 проценти.

"Овие податоци значат уништени генерации и запоставени и заборавени идни човечки потенцијали", рече ресорната министерка, која во обраќањето зборуваше за придобивките од новата концепција.

Членовите на работната група кои ја креираа Нацрт-концепцијата, Виолета Петровска-Бешка и Кирил Барбареев се задолжени пред Комисијата да ја претстават концепцијата на реформи. На седницата на матичната Комисија за образование, наука и спорт присуствуваат претставници на Владата, МОН и од органите во негов состав, од државни образовни институции, професори од педагошките факултети, директори и наставници од основни училишта, од МАНУ, невладини и меѓународни организации.

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе

Таквиот вид на анахрон национал-романтизам, со речиси апологетски однос кон окупаторската политика на Бугарија во Втората светска војна, штетна е за хармонизација на односите на Балканот, пред сѐ на Бугарија со РСМ, но и со Србија.

повеќе

Некогаш да градиш на три континенти, а денес да не ја градиш сопствената држава.

повеќе