Од среда Ковачевски ќе има 10 дена да го предложи идниот владин кабинет. Радмила Шекеринска, министерката за одбрана пред два дена изјави дека заминува од фунцкијата и потсети дека веќе подолго време не се согласувала со актуелната политика на СДСМ.
Стоматологот Беким Сали од Алтернатива е веројатниот наследник на министерот за здравство Венко Филипче. Тој најави и повлекување од партиските функции. Неофицијално се дознава дека од Владата заминува и вицепремиерот за борба со корупција Љупчо Николовски, кој најверојатно нема повеќе да биде ниту генерален секретар на СДСМ. Не се знае дали и кој би го наследил Оливер Спасовски на позицијата министер за внатрешни работи. Од СДСМ неофицијално се дознава дека заминувањето на Мила Царовска од позицијата министерка за образование е повеќе од сигурно.
Идната недела треба да се одржи и седница на Централниот одбор на СДСМ на која треба да се избере и новото раководство на СДСМ по што ќе биде познато и кои ќе бидат идните потпретседатели, како и кој ќе биде новиот генерален секретар на партијата. За оваа функција се споменува името на Миле Зечевиќ.
„Овие денови завршуваме со консултациите со коалициските партнери. Тоа што можам да го кажам е дека се заокружуваат важни процеси и програмски и владини и кадровски. Одлуката за повлекување ќе ја донесам на почетокот на следната седмица и ќе соопштам кога точно ќе биде формализирана пред Собранието“, изјави деновиве премиерот во оставка Зоран Заев.
По оставката на Заев, во оставка ќе биде и целата Влада.
А.Д.