Македонија-Грција

Заев, Димитров и Османи се за компромис за името, грчките политичари не попуштаат

Премиерот Зоран Заев вчера најави дека до крајот на месецот ќе почнат серијата средби на преговарачот на ОН за името Метју Нимиц со претставниците на двете земји, Македонија и Грција. Новата македонска Влада уште од почетокот на мандатот се претстави како власт која е подготвена конечно да најде решение за името. Такви сигнали не доаѓаат од Атина.

Верувам дека до крајот на ноември ќе се случат први средби со медијаторот на ОН за името Метју Нимиц, можеби не со мене, можеби дури не и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, но со преговарачките тимови на двете земји, барем да се видат позициите и да се направи чекорот понатаму, изјави вчера Заев во интервју за Македонската радио телевизија. Заев рече дека македонската Влада веќе и официјално го поканила Нимиц после локалните избори да дојде во земјава со нови идеи за надминување на проблемот со името.

„За мене доаѓа период на решавање на проблемите и треба да ги решаваме мудро, заштитнички кон државата и да ѝ дадеме иднина на Македонија. Рековме тоа прашање ќе го решаваме заедно со опозицијата и со сите клучни фактори во државата, претседателот, Парламентот, Владата и јавноста, но во функција на изнаоѓање на решение, а не на блокирање или одложување на овој проблем“, посочи Заев.

Мобилизација на македонската дипломатија за името

Од првиот работен ден на новата Влада, 1 јуни, членови на кабинетот на Заев постојано даваат позитивни изјави во однос на можното брзо наоѓање на решение за името. Се чекаше на завршување на локалните избори за да може да се стартува со некои поконкретни чекори. Мобилизацијата на македонската надворешна политика на овој план ја обликува перцепцијата во меѓународната заедница дека Македонија е конечно подготвена за некаков посериозен компромис во однос на деценискиот проблем со спорот за името покренат од Грција. Овој спор и блокадите на Грција во меѓународните организации е сериозна пречка за членството на Македонија во НАТО и ЕУ.

Од јуни досега се одржаа неколку билатерални средби со претставници на грчката Влада на кои им беше презентирана на македонската подготвеност да се направи некаков исчекор во однос на спорот за името.

Сега е веќе јасно дека периодот од ноември до пролетта наредната година ќе биде клучен за активирање на преговарачкиот процес за спорот со името меѓу Македонија и Грција, како и за постигнување прогрес по тоа прашање. Во втората половина од 2018 година Грција ќе влезе во изборен процес што ќе значи и стопирање на овој процес.

Јасно е дека медијаторот Метју Нимиц ќе има доста работа во овој период.

Резулатите од локалните избори само ја засилија позицијата на коалициските владини партнери СДСМ и ДУИ во однос на изнаоѓање компромис за името. Ова е уште еден плус во однос на забрзување и напредок во преговарачкиот процес меѓу Атина и Скопје за решавање на спорот со името.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров веќе и официјално најави дека по локалните избори, со Грција ќе се преговара за промена на името на нашата држава.

„Преговорите за името ќе почнат по локалните избори. Ние многу сериозно го земаме тој процес“, рече неодамна Димитров.

Пред неколку дена вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи најави дека разликите околу името со Грција наскоро ќе бидат решени. „Македонија може да избегне референдум благодарение на решение кое би произлегло од промената на името на аеродромот „Александар Велики“ и на останатите стратешки точки кои досега Грција ги сметала за иредентистички. Локалните избори беа еден вид референдум и за ова“, рече Османи, за после тоа да се исправи и додаде дека референдум ќе има пред да се донесе какво било решение.

Вчера се вклучи и министерката за одбрана Радмила Шекеринска која изјави дека замрзнатиот проблем со името во изминатиот период беше катастрофа за Македонија, но и лош развој на настаните за Грција. Таа посочи дека во суштина Грција во моментов не губи ништо особено од отворениот спор со името, но ако се анализира што се случуваше во последниве 10 години ќе се види дека замрзнатиот спор и грчката блокада од 2008 година наваму не беше позитивна ни за нив.

Македонија да влезе во НАТО пред Грците да излезат на избори

Сите проценки се дека ваквото одмрзнување на преговарачкиот процес за името ќе мора да заврши до втората половина на 2018 година кога Грција ќе влезе во нов изборен циклус.

„Доколку продолжиме да ги реализираме реформите со оваа динамика и да успееме да го затвориме прашањето за името, јас ви гарантирам дека ќе добиеме уште поголема поддршка од граѓаните, бидејќи граѓаните бараат Македонија да биде членка на НАТО и на Европската Унија“, рече Османи.

Сигурно не случајно, пред две недели дојде и информацијата за можни преговори помеѓу власта, опозицијата и меѓународниот фактор во куќата на Жан Моне близу Париз. Тука сигурно не би се разговарало само за реформите восудството и почитувањето на човековите права, туку би се направил обид за согласност меѓу власта и опозицијата за можниот компримис за името.

Брисел и Вашингтон сигурно е дека нема да останат без ангажман и да го остават овој процес на добрата волја на македонските политичари. Ставот барам на дел од нив, на власта, е дека мора да се најде решение за деблокирање на процесот на интеграција во НАТО и во ЕУ.

Првичниот план на власта беше барем влез во НАТО под референцата „поранешна југословенска Република Македонија“. На овој план брзо стигна реакција од Грција дека нема шанси. Во јули грчкиот премиер Алексис Ципрас изјавил дека спорот за името меѓу Грција и Македонија мора да се реши пред влегувањето на земјава во НАТО. „Одлуките на Европскиот совет и на НАТО се јасни, дека прво мора да се реши прашањето за името, на взаемно прифатлив начин“, рекол Ципрас.

Генерално, грчките политичари исто така даваат позитивни изјави за подобрувањето на односите меѓу двете земји. Но никој од нив не даде сигнал за промена на нивната позиција. Првиот услов е име за целокупна употреба (ерга омнес), следува барањето за отстранување на иредентизмот од учебниците и најновото што дојде од шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас, тоа се употребата на името, изведените зборови, каква врска имаат со името и акронимите.

Ваквата позиција навистина остава малку простор за какво било попуштање од македонска страна. Оваа позиција на Грција, за Павле Воскопулос, членот на претседателството на македонската партија Виножито во Грција значи отворена рана, бескрајно одложување на решението за името на Република Македонија.

Како оваа отворена рана новите актери на политичката сцена во Македонија ќе ја решат, ќе гледаме наредните месеци. Она што досега беше на маса, а и натаму е актуелно, се предлозите  „Северна Македонија”, „Нова Македонија”, „Вардарска Македонија“…

А.Д.

Македонија сѐ повеќе заглавува во сиромаштија чија стапка изнесува скоро 22 отсто од вкупното население, речиси една третина од децата живеат во сиромаштија.

повеќе

Дали поновите, посјајните и посложените нешта автоматски значи дека се подобри? Всушност, најчесто вистината е спротивна на тоа.

повеќе

Сознанијата за степенот на местенки во судството неминовно го наметнува прашањето дали има местенки и во високото образование.

повеќе