На прес-конференцијата

Заев-Ципрас: Изгубивме 30 години, треба да трчаме за да ги премостиме јазовите

Нашата официјална посета овде и нашата средба е историски чекор напред за Балканот и за Европа. Тука сме за да најдеме решенија, да гледаме напред, кон иднината, да ги премостиме јазовите, да градиме мостови наместо ѕидови, порача грчкиот премиер Алексис Ципрас на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин, македонскиот премиер Зоран Заев.

„Учиме од историјата, но и правиме наша сопствена историја“, изјави Ципрас, цитирајќи изјава на Папата Франциско дека оние што градат ѕидови, самите се затвореници во тие ѕидови.

Според Ципрас, тие, заедно со Заев, сакаат да изградат поинаков наратив, поинаква историја, да го сменат наративот на традиционална омраза и поделби, се обидуваат да изградат нов наратив на соработка, заедничко разбирање, а успехот ќе биде успех за целиот Балкан и за Европа.

„Мојата посета е прва официјална посета на грчки премиер во вашата земја. Изгубивме многу време, три децении, треба да трчаме, да брзаме за да ги премостиме тие јазови. 30 години ни беа потребни да ги воспоставиме овие нормални односи“, изјави Ципрас.

Премиерот Заев рече дека оваа историска посета е силен израз на заедничката политичка волја и јасен знак за решавање на отворени прашања како придонес за еден нов Балкан.

„Од 17 јуни минатата година кога нашите две земји го потпишаа Договорот од Преспа пишуваме историја во неколку наврати. Грција е првата земја што го потпиша Протоколот за членство во НАТО, што е наш стратешки стремеж, а премиерот Алексис Ципрас упати повик до ЕУ да започне преговори за членство со нашата држава. Сето тоа е за победа на политиката на напредок, за мир и пријателство меѓу народите“, изјави Заев.

Според него, политичката волја, пријателството и довербата изградена во изминатите месеци, доведоа до денешната седница на Високиот совет за соработка меѓу двете земји, каде што го потпишаа Акцискиот план за зајакнување на сеопфатната соработка согласно Договорот од Преспа.

„Кога гледате кон минатото гледате пропуштени прилики, кога ќе погледнете во иднината гледате отворени можности и заеднички интереси. Двата соседа донесоа храбри одлуки со желба за заедништво, а она што изгледаше за невозможност денес е реалност“, кажа  Заев и информираше дека се договориле до средината на мај заедничка експертска група ќе расправа за комерцијална употреба на името, терминологијата, брендовите.

Двајцата премиери го најавија и отворањето нов граничен премин кај Кавадарци, со што ќе се зацврсти соработката во туризмот и во трговијата, а ќе ја подобри и комуникацијата меѓу граѓаните од двете земји.

Толку убава, чиста земја, богата со шуми, планини и природни ресурси ја претворивме во Мордор.

повеќе

Сè повеќе се зборува за диверзификација на приходите, наместо фаворизирање само еден извор на финансирање.

повеќе

Пранкот врз премиерот го откри „гангот" кој управува со државата.

повеќе