Заев: Членството во НАТО отвора нова и сигурна безбедносна перспектива за наша земја

Премиерот Зоран Заев, по средбите во седиштето на Европската Унија, оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и ја потврди посветеноста на Македонија кон целите и вредностите на Алијансата.

„Во нашата земја многу генерации напорно работеа на остварувањето на оваа наша историска цел и достигнување. Нашите аспирации за членство во НАТО секогаш имале висок степен на одобрување и поддршка од најширокиот спектар на нашето општество. Така е и денес. Сакам да напоменам дека ние знаеме дека членството во НАТО отвора нова и сигурна безбедносна перспектива за наша земја“, изјави Заев.

Премиерот потврди дека Македонија е решена да ја постигне целта од два отсто од бруто-домашниот производ за одбраната, како што се бара од сите земји членки на Алијансата.

„Во 2018 го зголемивме буџетот на нашите одбранбени сили за 14 проценти и остануваме посветени да ја оствариме нашата цел и најдоцна до 2024 да обезбедиме два процента од нашиот БДП да одат за современи армиски сили, кои во секој поглед ќе бидат рамноправни со своите сојузници“, рече Заев по средбата со Столтенберг.

Зголемувањето на буџетот за воените сили е една од обврските што ги преземаа сите земји членки на Алијансата уште во 2014 година, заложба што ја потврдија на минатогодишниот Самит на НАТО во Брисел.

Ова, рече премиерот, ќе значи и зголемено учество во воените мисии на Алијансата, истакна премиерот.

„Оваа наша цел ќе ни помогне да го зголемиме нашето учество во мисиите предводени од НАТО, како и нашата партиципација во командните и политичките структури на Алијансата. Тоа е  приоритет за нас кога стануваме полноправна членка на Алијансата.  Подготвени сме да продолжиме да соработуваме со сите наши НАТО сојузници за да го преземеме нашиот дел од заедничките обврски и одговорности како триесетта членка за да обезбедиме свој придонес за натамошното обликување на регионот во мирен, безбеден и просперитетен регион“, изјави Заев.

Тој ги увери сојузниците дека Македонија е посветена да ги брани и вредностите врз кои се темели Северноатлантската алијанса, како и да придонесува за регионалната стабилност.

„Нашето членство ќе придонесе за стабилноста и безбедноста во регионот и ќе биде инстурмент за креирање попозитивна слика за нашиот регион. Процесите што ги поминавме не беа лесни, но беа исклучително важни за нашата земја“, истакна премиерот.

Тој додаде дека договорите со Бугарија и Грција се непобитен доказ за нашата зрелост, тие се темелите за идниот развој, за силното партнерство што ќе  биде придонес за зајакнување на регионалната безбедност и стабилност, подготвени сме да ги поддржиме сите земји од соседството во исполнувањето на овие стратешки цели.

Генералниот секретар на НАТО уште еднаш го поздрави Преспанскиот договор и заложбите на владата кон евроатлантските процеси и рече дека со нетрпение го чека полноправното членство на Северна Македонија како триесетта земја во Алијансата.

„Заедно ги браниме демократијата, индивидуалните слободи и владеењето на правото. Северна Македонија веќе многу придонесува. Дел сте од мисијата во Авганистан, промовирате соработка во југоисточна Европа и спроведувате важни реформи. Ја охрабрувам земјата да продолжи по реформскиот пат, ова е важно додека се подготвувате за членство. Со нетрпение го чекам членството на Северна Македонија во Алијансата, она што се чинеше далечен сон наскоро ќе стане реалност“, изјави Столтенберг.

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе