Заев им вети на амбасадорите на земјите членки на ЕУ дека ќе ги продолжи разговорите со Софија за решавање на меѓусебните односи и проблемот кој доведе до блокирање на евроинеграцискиот пат на Македонија.
Во изјава за медиумите Заев рече дека останува оптимист до Самитот на ЕУ во декемри.
„Не зборуваме за отстапки, се зборува за решенија од двете страни. Постојат начини како тоа да се реши, секако уште еднаш потенцирам - драго ми е што Бугарија го призна македонскиот јазик и македонскиот идентитет како наша реалност. Верувам дека низ тие формулации ќе се изнајдат решенијата заради тоа што постојат решенија доколку едната страна внимава кон другата страна во преговорите - ние да внимаваме кон бугарската, а бугарската страна да внимава кон нас. Така прават пријателите и верувам дека уште еднаш ќе покажеме дека сме пријатели", рече Заев пред почетокот на одржувањето на Енергетскиот форум во Скопје кој поради пандемијата се одржува со ограничен број на присутни говорници и преку видеоконференциска врска.
И бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска преку видео конференциска врска пред амбасадорите на ЕУ и на Швајцарија порачал дека е подготвен за продолжување на разговорите со Македонија за да се одблокира европската интеграција.
„Бугарија отсекогаш била подготвена за дијалог и разбирање за решавање на билатералните прашања со Република Северна Македонија, но тоа треба да го сакаат и да биде направено од обете страни", напишал на својот фејсбук профил бугарскиот премиер преку кој статус кажува дека ги информирал амбасадорите и за справувањето на неговата земја со пандемијата.