Заедничка изјава на САД и Македонија: Отворивме ново поглавје на соработка, ќе го продлабочиме партнерството

По вчерашниот Стратегиски дијалог меѓу САД и Македонија двете земји издадоа заедничко соопштение во кое се наведува за што разговарале делегациите и какви ќе бидат правците на идната соработка на двата докажани пријатели. Таа соработка е во регионалните иницијативи, одбраната и безбедноста, економијата, енергијата и животната средина, како и врските меѓу луѓето.

Фото: ЕПА

„На 2 јуни 2022 година, владите на САД и С Македонија одржаа Стратегиски дијалог во Вашингтон, фокусиран на продлабочување на билатералното партнерство. Стратегискиот дијалог го предводеа министерот за надворешни работи на С Македонија, Бујар Османи, и помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, д-р Карен Донфрид. Тие ги потврдија силните односи меѓу своите две земји и му се радуваа на заедничко унапредување на заедничките приоритети за безбедност и просперитет на билатерален план, на европскиот континент и во целиот свет“, пишува во заедничкото соопштение, кое го објави Стејт департментот.

„Соединетите Држави и С Македонија ја истакнаа својата силна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и слободата да ја следи својата избрана европска иднина. Тие ја повикаа Русија веднаш да ја прекине својата непредизвикана војна и целосно да се повлече од Украина. Соединетите Држави и С Македонија ја потврдија својата посветеност на регионалната интеграција на Западен Балкан преку политички, економски и безбедносни иницијативи и ја истакнаа својата поддршка за економската интеграција и просперитетот на Западен Балкан. САД ја истакнаа важноста за унапредување на процесот на пристапување во ЕУ за С Македонија и Албанија што е можно поскоро. Тие го поддржаа конструктивното вклучување на С Македонија во регионалните иницијативи за стабилност и безбедност, вклучувајќи ги Иницијативата VIII и Б6, иницирани од С Македонија, како и намерата на С Македонија да стане членка на Иницијативата за три мориња. Соединетите Држави со нетрпение очекуваат да ја поддржат работата на С Македонија кога таа ќе го преземе претседавањето со ОБСЕ во 2023 година.“

„САД“, се вели во соопштението, „го пофалија развојот на областа за обука Криволак во С Македонија за да им служи на сложените обуки на сојузниците и партнерите во НАТО. Соединетите Држави го поздравија потпишувањето на С Македонија на Договорот од 1951 година за статусот на организацијата на Северноатлантскиот договор, националните претставници и меѓународниот штаб (исто така познат како „Договор од Отава“). САД и С Македонија ја потврдија својата соработка во рамките на САД – Јадранската повелба (А5), како единствена платформа за регионална соработка, и со нетрпение очекуваат тесна соработка за време на претстојното претседавање на С Македонија со Повелбата во 2023 година.“

Двете земји ја повторија својата посветеност за зголемување на енергетската диверзификација и независност во поддршка на националната безбедност и на начин што ќе ги спречи најлошите влијанија од климатските промени со задржување на границата од 1,5 Целзиусов степен на пораст на температурата на дофат.

С Македонија ги повтори своите заложби дека постепено ќе го исфрли јагленот до 2030 година и ќе придонесе за целта на Глобалното ветување за метан за 30 отсто намалување на глобалните антропогени емисии на метан до 2030 година од нивоата во 2020 година.

САД и С Македонија ја потврдија својата посветеност да ги прошират образовните, културните и професионалните размени што поттикнуваат меѓусебно разбирање меѓу луѓето од двете земји и ги одразуваат заедничките вредности, аспирации и цели. Соединетите Држави ја пофалија С Македонија што ѝ се приклучи на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот како полноправна членка во 2022 година. Двете земји со нетрпение очекуваат да ја зајакнат промоцијата на образованието и историски точното сеќавање.

Двете земји се посветени на промовирање на демократијата, владеењето на правото и човековите права и на регионално и на глобално ниво, и се надоврзуваат на ветувањата дадени на Самитот за демократија чиј домаќин беше претседателот Бајден. Годината на акција е можност за двете земји да ги спроведат заложбите на Самитот и да продолжат со нашите напори за зајакнување на демократијата дома, регионално и глобално. Соединетите Држави го поздравија интересот на С Македонија да стане земја партнер со Глобалната програма за влез на Царината и заштитата на границите на САД.

Двете земји ја потврдија заедничката посветеност за проширување и продлабочување на билатералната економска и комерцијална соработка. Соединетите Држави ја препознаа С Македонија како стратегиски важен пазар во развој со висок потенцијал за раст. С Македонија и САД изразија подготвеност да ги искористат комерцијалните можности, да ги унапредат реформите во деловната клима и да продолжат со идентификување и намалување на бариерите за трговија и инвестиции“.

На средбата што ја имаа државниот секретар Ентони Блинкен и Бујар Османи заедно со делегациите, американскиот дипломат во уводните забелешки, како што објави Стејт департментот, нагласи дека „ја цениме многу значајната реформска агенда на која се ангажираше С Македонија, за демократијата, за енергетиката, за регионалните економски иницијативи. Сите овие работи се значајни, важни се и ние многу ги поддржуваме.

Исто така, ние силно ги поддржуваме амбициите на С Македонија во процесот на пристапување во ЕУ. Многу сакаме да видиме дека се движи напред и ќе продолжиме да го поддржуваме тоа на секој начин што можеме. И, се разбира, имаме многу да зборуваме кога станува збор за руската агресија против Украина“, рече меѓу другото Блинкен во уводните напомени.

На овие зборови на Блинкен Османи меѓу другото одговара: „Ова е многу важен ден за нас. Отпочнувањето на Стратегискиот дијалог меѓу САД и Република С Македонија претставува значајна пресвртница во нашите севкупни билатерални односи и мислам дека е логичен чекор напред по 30 години воспоставени дипломатски односи и 15 години Стратегиско партнерство, а особено две години сојузништво во НАТО.

Мислам дека ова ќе отвори ново поглавје на соработка, ќе ја врами нашата севкупна соработка, ќе стави одредена динамика и предвидливост. И ова е особено важно сега кога нашите вредности се соочија со предизвик; и ние истомисленичките земји што споделуваме исти вредности, треба да бидеме тесно координирани за да се справиме со тие предизвици“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе

Иако е важно да бараме решенија за нашата заедничка историја и да се обидеме да ги разликуваме фактите од пропагандата, зарем не е исто така важно да научиме да живееме заедно и покрај нашите различни и силно политизирани гледишта?

повеќе

Нашето општество е социјално неправедно, а социјалната неправда е, и ќе биде погубна.

повеќе