Скопје-Брисел

Заедничка изјава на Г7 – поддршка на преговорите, ЕУ да го оствари ветеното

Во заедничката изјава, министрите на Велика Британија, САД, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија го поддржаа официјалното отворање на преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија и спроведувањето на реформската агенда поврзана со преговорите за пристапување во Унијата со Црна Гора и Србија, се вели во заедничкото соопштение од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

Македонија заедно со Албанија доби поддршка за отворање на преговорите за членство од министрите за надворешни работи на членките на Групата седум индустриски најразвиени држави (Г-7) кои ја потврдија нивната заедничка посветеност на безбедноста, економското закрепнување и европската перспектива на Западен Балкан, како клучна инвестиција за мирот и стабилноста.

Реафирмација на поддршката на Италија за старт на преговорите со ЕУ вчера во Рим доби и министерката за одбрана Радмила Шекеринска од нејзиниот италијански колега Лоренцо Гуерини и од потсекретарот за европски прашања на италијанската Влада, Винченцо Амендола.

Амендола, оцени дека недоделувањето на датум за почеток на преговори за Македонија и Албанија со ЕУ е сериозна историска грешка што треба да биде исправена.

„Италија ќе продолжи активно да лобира за што побрзо отворање на пристапните преговори и одржување на првата меѓувладина конференција во најкус можен рок. Италија е со вас“, потенцираше Амендола.

Американската амбасадорка во земјава Кејт Брнз вчера оцени дека земјава постигнала евидентен напредок по потпишувањето на Преспанскиот договор и влезот во НАТО, но порача дека тој чекор мора да се одржува, особено во делот на реформите кои треба да се спроведат како предуслов за влез во Унијата.

„Периодот кој следи ќе биде од пресудно значење за иднината на Северна Македонија како просперитетен сојузник кој придонесува за стабилноста во регионот. По потпишувањето на историскиот Преспански договор во 2018 година, како и влезот во НАТО и зеленото светло за пристапни преговори со ЕУ во 2020 година, Северна Македонија оствари евидентен чекор напред. Но, овој чекор мора да се одржува и шансата мора да се искористи дури и во времиња полни со предизвици. Знаеме дека во иднина може да има предизвици, како што се корупцијата, непотизамот, дури и нефункционални институции, со што се попречува патот на Северна Македонија кон зацртаните цели“, рече Брнз.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи смета дека можноста што ја нуди јунскиот или јулскиот самит на ЕУ е шанса која не смее да се пропушти заради тоа што следните самити се покомплексни и поограничени во можноста да нудат перспектива за почеток на преговори. Затоа, вели, е во дипломатска акција да се мобилизира целокупниот потенцијал на поддршка која што ќе треба да го подигне вниманието на целата европска јавност за важноста на моментот дека кредибилитетот на процесот на проширување е ставен на тест и тоа токму на случајот со досието на Северна Македонија.

„Имајќи го предвид искуството од минатото не можам да прејудицирам каков ќе биде исходот во јуни. Понекогаш се добива чувство и на подвижна мета, затоа што како исполнуваме одреден критериум се појавува ново прашање кое што не успорува во процесот. И затоа не можам да кажам со 100 процентна сигурност дека ќе биде во јуни. Но, имајќи ги овие прозорци на можност, јунскиот или јулскиот, ноемвриско-декемврискиот и следниот мартовски идната година, некако по многу аспекти овој ми изгледа со поголеми можности кои што за жал се искомплицира сега со непредвидливоста на случувањата во Република Бугарија“, рече Османи во гостување во емисијата Објектив на Националниот сервис.

За можноста да дојде до одвојување на Албанија и Северна Македонија во процесот на интеграциите ако не дојде до надминување на прашањето со источниот сосед, Османи вели дека прашањето погрешно се поставува бидејќи секоја земја кандидат се оценува според сопствените заслуги и ниту една држава не смее да биде во заложништво на досието на друга држава.

 „Не е прашање дали Албанија треба да ги почне преговорите, туку дали С Македонија смее да не ги почне преговорите во услови кога ги има исполнето сите критериуми за членство и кога е станата лакмус тест на европскиот кредибилитет во кој се свртени очите на граѓаните на Косово, на Србија, на Босна и на Црна Гора, бидејќи нашата приказна ќе им даде уверување колку треба да веруваат и да вложат во оваа перспектива. Одлуката се носи со консензус и доколку Република Бугарија продолжи да става вето тоа значи дека нема да може да ги започнеме преговорите. Но, ние нема да се откажеме од оваа цел, затоа што е стратешка цел на државата за која има консензус на граѓаните“, порача Османи.

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе