Задоволни сме од Извештајот на ЕК, но не е доволно за да се опуштаме, вели Маричиќ

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во емисијата „Топ тема" на телевизија Телма истакна дека со вкупната оценка „добро ниво на подготвеност" во Извештајот на Европската комисија треба да бидеме задоволни, имајќи предвид дека сме втори во регионот по оценките, веднаш зад Црна Гора, а особено во контекст од последната сериозно кризна година.

„Задоволни сме, но тоа не значи дека тука ќе застанеме, туку овој Извештај треба да ни биде мотивација за да одбереме клучни области во кои би имале подобри оценки. Задоволни сме, но не е доволно за да се опуштаме, треба да се обележи дека ова е прв извештај отако ги започнавме преговорите на 19 јули и дека од денес до наредниот Извештај ќе имаме многу работа за да ја подобриме оваа оценка,“ нагласи Маричиќ.

Тој додаде дека приоритетите на Владата беа фокусирани на менаџирање на последиците на кризата, со недостатокот на струја и на останати ресурси, за да може зимата да мине мирно и спокојно, без посериозни последици, но и во такви услови започнаа преговорите со Европската Унија и се одржа одредено темпо на континуитет на реформите.

„Како држава треба да сме задоволни од оценките во кластерот за фундаментални вредности, каде што државата е позитивно оценета за спроведувањето на пописот, локалните избори, континуитетот во реформите во судството, како и добрите оценки за економијата поради доброто менаџирање на кризата,“ истакна Маричиќ.

Маричиќ нагласи дека еден од минусите е атмосферата на Собранието.

„Нам ни е неопходна обнова на тој консенсуз во собранието меѓу политички партии, но и во општеството, дека без дилеми одиме во ЕУ. Таа поддршка мора да биде проширена, тој возобновен консензус ќе значи и практично покажување на дело од страна од сите, и од главната опозициска партија и од општините и од граѓанскиот сектор. Мора да се собереме на иста маса, без разлика кој каков став имал спрема францускиот предлог или други прашања,“ рече Маричиќ.

Тој нагласи дека изборот на владата е што поскоро да дојдеме до членство во ЕУ, но за тоа мора да се работи заедно, не може владата сама, ниту само граѓанскиот сектор, ниту само собранието.

„Ако не го искористиме овој момент и овој извештај да тргнеме во таа насока се понатаму ќе ни биде потешко и ќе се прашуваме каде згрешивме, Атмосферата ја знаеме. Многу време чекавме, пред се заради други, иако и ние во одредени периоди имавме крупни проблеми, но исто така е важно од страна на ЕУ да видиме јасен план дека идејата за членство е реална, опиплива и достижна во догледно време,“ порача Маричиќ во емисијата „Топ тема" на телевизија Телма.

Почнавме со спротивставени мислења околу Законот за работни односи, со кој недела се прогласува за неработен ден. Завршивме на Уставен суд.

повеќе

Да ги споменеме и другите големи глобални предизвици: големите опасности од еколошка катастрофа; зголемувањето на нееднаквоста во нашите општества; и напливот на нови технологии кои можат да го нарушат светот доколку истите не бидат соодветно користени и контролирани.

повеќе

Им благодарам на Русите како креатори, но посебно на бугарските послушни  извршители за пропагандата што ја водат против Македонија. Што направија?

повеќе