Претстојат измени на Законот за работни односи

За жените ќе остане условот на 62 години да можат да се пензионираат

Доколку во Собранието на Македонија биде усвоен предлогот за задолжително пензионирање на возраст од 64 години, тоа нема да значи дека таа возраст станува задолжителна и за жените, велат од СДСМ кои денеска го доставија предлогот за измени на Законот за работни односи.

Доколку Собранието на Македонија го усвои законскиот предлог кој денеска го достави пратеничката група на СДСМ, според кој ќе стане задолжително заминувањето во пензија со 64 години возраст и со најмалку 15 години работен стаж, тоа нема да значи дека условот за пензионирање ќе биде продолжен за две години за жените.

Ова за МКД.мк го изјави координаторот на пратеничката група Јован Митрески кој објасни дека со нивниот предлог условот за жените да можат да се пензионираат останува истиот, 62 години возраст и 15 години стаж, но нема да можат да го одложуваат заминувањето во пензија повеќе од две години, односно ќе можат да работат најдолго до 64 годишна возраст.

За мажите и досега условот за заминување во пензија беше 64 години, но доколку бидат донесени измените на Законот за работни односи, како што тоа го предлага СДСМ, пензионирањето на таа возраст станува задолжително.

Во предлогот се оставени и исклучоци за продолжување на работниот стаж во областа на здравството и високото образование и тоа година за година, со решение на директорот на установата и со согласност на вработениот, но не подолго од 67 години возраст.

Како што вели Митрески, станува збор за реализација на ветување на партијата, со цел да се отворат работни места за младите и образувани лица и да се ослободи јавната администрација од непотребен број на вработени.

Инаку, во Програмата на Владата е наведено дека ќе се изготви и законско решение кое ќе овозможи предвремено пензионирање до максимум пет години пред остварувањето на правото на пензија, а тоа би значело мажите да можат со 59 години да се пензионираат, а жените со 57 години, при што ќе треба да имаат предвид дека ќе добијат пропорционално намален износ на редовната пензија.

Од Владата велат дека се прават анализи и засега не може да се каже кога евентуално овој предлог за измени на Законот за работни односи ќе биде изготвен.

П.Џ.

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе

За државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

повеќе