понеделник, 20 април 2026

За скандалот со приведениот македонски дипломат секој го вперува прстот кон другиот

Објавено на

часот

Сподели

Јавното обвинителство денеска на прашањето на МКД.мк одговори дека нема надлежност да постапува за евентуални кривични дела сторени на територијата на друга држава. Доколку се утврди дека било сторено кривично дело за кое гонењето би било во надлежност на јавното обвинителство, тогаш обвинителство ќе постапи и ќе преземе кривичен прогон против евентуалните сторители, се вели во одговорот на ЈО.

Вчера Агенцијата за национална безбедност соопшти дека Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации нема доставено барање за спроведување на безбедносни проверки.

„Постапката за добивање на безбедносни сертификати се спроведува во рамките на строго законски определена постапка и истата започнува со поднесување барање за издавање на безбедносен сертификат до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во согласност со член 45 од Законот за класифицирани информации“, соопшти вчера Агенцијата за национална безбедност во врска со безбедносните сертификати на лицата поврзани со случајот со приведувањето и одредување екстрадициски притвор на Миле Миленкоски во Србија по црвена потерница од страна на Интерпол.

„Од извршената ревизија на постапките за спроведени безбедносни проверки е констатирано дека од денот на формирањето на Агенцијата за национална безбедност на 1 септември 2019 година до 27 август 2021 година, денот на приведувањето на М. Миленкоски, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации нема доставено барање за спроведување на безбедносни проверки, ниту за Миленкоски, ниту за останатите две лица споменати во медиумите. Воедно е утврдено дека од трите споменати лица, важечки безбедносен сертификат до денот на задржувањето во Србија имал само Миле Миленкоски и истиот е издаден врз основа на извршена безбедносна проверка од втор степен од страна на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање на 9 февруари 2019 година. За останатите две лица е утврдено дека не располагаат со важечки безбедносни сертификати“, наведува АНБ.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешната прес-конференција во ДУИ појасни дека дипломатот Миленкоски не бил пратен во ОБСЕ, туку во Виена, а зошто претходно бил испратен во ОБСЕ треба да одговори министерот што го испратил.

„Сѐ додека луѓето кои имаат безбедносен сертификат можат да работат во МНР помалку важно е дали ќе работат на трети спрат во мултилатерала каде што доаѓаат сите документи од цел свет или ќе бидат во едно претставништво на МНР во светот.

Мојата насока беше во првата група дипломати што ќе заминат во Виена да бидат дипломати кои имаат најмалку еден мандат во ОБСЕ. Зошто бил пратен во ОБСЕ претходно ќе одговара министерот што го испратил.

Ние од безбедносен аспект ги гледаме дипломатите низ призмата на обезбедени сертификати кои не ги дава МНР туку ги даваат службите“, рече денеска Османи.

„До овој момент ниту еден надлежен суд или обвинителство, од земјата или странство нема побарано од Министерството за правда информација или да постапува по лицето за кое прашувате. Одделението за Меѓународна правна помош при Министерството за правда е сервис кој постапува само по соодветно барање“. Еве го одговорот и од Министерството за правда.

Во МВР, пак, актуелниот и претходниот министер Оливер Спасовски и Наќе Чулев велат дека тоа не се случило во мандатот на другиот. Бивши и сегашниот министер за надворешни работи даваат разни објаснувања за тоа како овој проблем требало да го реши некој друг… И сѐ така во круг.

Она што е јасно дека институциите не реагирале и дека очигледно е дека некој сакал случајот да го скрие. А сега нема кој ни тоа да го истражи. А јасно е дека треба да се отвори истрага најмалку за злоупотреба на дипломатскиот статус и за непостапување на надлежна институција по меѓународна потерница.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ