За резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе се расправа на следната собраниска седница, Апасиев одбива двојазичен материјал

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска соопшти дека резолуцијата што ја предложи ВМРО-ДПМНЕ за евроинтеграцискиот пат на земјата и националните црвени линии е примена во Парламентот и дека таа би можела да се најде на дневен ред на наредната собраниска седница.

„Резолуцијата е примена во Собранието и е во изготвување да се распредели до сите пратеници. Согласно Деловникот, за актите за коишто не се распределени до пратениците не може да се отпочне собраниска постапка. Се надевам дека до наредната седница ќе биде спремен целиот материјал. Не е започната законската постапка за соодветниот документ“, рече Џафери, одговарајќи на процедуралната забелешка на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој на почетокот на 46. седница побара Резолуцијата да биде ставена на дневен ред.

Мицевски рече дека во јавноста имало голем интерес за овој документ.

„Оваа резолуција предизвика голема заинтересираност на македонска јавноста и е можност да продискутираме во македонското Сонбрание во контекст на блокадите на европските интеграции. Оваа Резолуција е добар документ затоа што би имала обврзувачко дејство согласно волјата на пратениците, а за Владата би значело оцртување на лошите рамки во коишто таа смее да разговара, но со почитување на црвените линии во кои се содржани националните и државните интереси“, рече тој.

Според Димитар Апасиев од Левица, доставувањето на материјалите двојазично на пратениците кои не се припадници на заедниците е противуставно и протиделовнички.

„Ние како Левица овие материјали од денеска ќе ви ги враќаме. Ова на албански јас не го разбирам. Барам во иднина на службите да им кажете дека јас не сум пратеник кој зборува јазик различен од македонскиот, да ми доставуваат материјали исклучиво на македонски јазик“, рече Апасиев.

Тој исто така го праша Џафери зошто двата закони што тие ги поднеле во мај и април не се ставаат и потсети дека тој е должен во рок од три дена нив да ги достави до пратениците со што започнува собраниската постапка.

„Немам што да додадам во однос на процедуралното, во контекст на постапката што ја направи во Собранието и не бара дополнителни објаснувања. Во 1996 година имаше 11 години, касно си дошол на оваа возраст. За среќа ние сме во 21 век 2021 година и твојата постапка укажува дека си еден век назад во однос на перцепцијата и разбирањето“, му одговори Џафери.

Собранието на денешната 46. седница ги изгласа Законот за ратификација на Спогодбата меѓу Република Северна Македонија и Грузија за укинување на визите, Предлог на законот за изменување на Законот за социјалната заштита, во второ читање, како и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за воведување на систем за управување со квалитетот и заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба, во прво читање.

Седницата продолжи по точките од дневен ред на 45. седница, односно за измените на Законот за ДДВ, според кои ДДВ-то за електричната енергија треба да се намали од 18 на 5 проценти.

 

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе