Интервју: Мирјана Лазарова-Трајковска, поранешна судијка во Судот во Стразбур

За референдумот треба отворена и толерантна дебата за неодговорените прашања, а не политички слогани и пароли

Претстојниот референдум е сложен и заради конструкцијата на прашањето, но пред сѐ заради глобалните и локалните политики. Во исто време, од потпишувањето до денес има голема празнина во однос на информирањето на граѓаните за содржината на самиот договор, како се дошло до него и што тој ќе донесе во иднина. Некои од најновите анкети потврдуваат дека малкумина го прочитале договорот, а многу прашања остануваат да лебдат неодговорени, вели поранешната судијка во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, Мирјана Лазарова-Трајковска во интервју за МКД.мк. Според неа, не се доволни изјавите на политичарите со слогани и политички пароли, туку треба квалификувана и толерантна јавна расправа и појаснувања со домашните експерти.

Во јавноста се слушаат различни толкувања за референдумот, но според усвоениот Закон каков е точно референдумот, консултативен или обврзувачки, консултативен со обврзувачки резултат?

Вие зборувате за законската уреденост, но јас морам да ве упатам прво на Уставот како највисок правен акт со кој се уредува ова прашање. Уставот на Република Македонија во членот 73 не прави разлика меѓу консултативен и обврзувачки референдум, туку јасно утврдува дека одлуката донесена на референдум е задолжителна.

Законот за референдум прави разлика меѓу референдум заради одлучување и референдум за консултирање на граѓаните, но спротивно на Уставот, Законот прави разлика и утврдува дека одлуката донесена на референдум за одлучување е задолжителна, а одлуката донесена на референдум за консултирање не е задолжителна.  Тоа, одредбата од членот 8 став 3 од Законот правно ја прави неприменлива бидејќи Уставот има повисоко место во хиерархијата на правните акти и тој во делот на задолжителноста на одлуката донесена со непосредно изјаснување на граѓаните е недвосмислен. Сметам дека и фактот што Собранието на Република Македонија во основата за носење на Одлуката за распишување референдум од 30 јули 2018 година се повикало директно на уставната одредба, а не и на Законот за референдум потврдува дека член 73 од Уставот е основот по кој понатаму ќе се постапува по завршувањето на референдумот. Дотолку повеќе што референдумот е распишан на државно ниво и на него треба да се произнесат најмалку половина од избирачите. 

Имаше различни изјави за референдумот, дека ако референдумот не успее ќе одлучуваат институциите, дека Договорот од Преспа ќе се смета дека е прифатен доколку нема цензус на референдумот распишан на 30 септември, па сè до тоа дека недоволниот одѕив на граѓаните, за да го направат процесот успешен, значи над 50%, претпоставува дека тие, граѓаните му дават мандат за Парламентот да одлучи сам или ако не може да се стигне првиот праг, а јасно мнозинство од излезените биде на страната на владиниот предлог, треба секако да се постапува по тој предлог. Колку се реални или произволни овие изјави?

За вака важно прашање, пред да се пристапи кон  ратификација на меѓународниот договор политички посоодветно ќе беше Собранието да распишеше претходен консултативен или обврзувачки референдум (во зависност од прашањето), а не како што ние сега се соочуваме со прашањето со дополнителен консултативен референдум.  Поточно, целта на овој референдум е преоценување на законот за ратификација на билатерален договор кој веќе е усвоен, иако не е објавен.

Да, дополнителен референдум може да се распише и за преоценување на закон што претходно е донесен. За дел од правниците спорно е толкувањето за она што ќе следи по референдумот и по одлуката на граѓаните. За мене на овој план нема дилема, бидејќи и Уставот е јасен и тој наложува дека одлуката на референдумот е задолжителна. И Законот за референдум јасно утврдува дека одлуките на референдумот на државно ниво се сметаат за усвоени ако за нив гласале мнозинството од вкупниот број граѓани кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список, освен во случаите кога за одделни прашања со Уставот и со тој закон поинаку не е утврдено.

За вакви прашања уреденост во Уставот постои само во член 120 став 3 во кој се утврдува дека одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави треба да биде усвоена на референдум на кој за неа гласало мнозинството од вкупниот број на избирачи. Во сите ситуации останува децидноста на уставната норма дека одлука донесена на референдум е задолжителна.

Можни ли се такви комбинации со резултатите?

Какви било комбинации со кои би се оспорила важноста на гласот на граѓаните не треба да бидат предмет на расправа. Референдумот е најсилна форма на непосредна демократија. Какви и да се резултатите од референдумот, Собранието е должно во рок од 60 дена по објавувањето на резултатите од референдумот да го уреди прашањето, односно законот по кој се одлучувало на референдумот, во согласност со резултатите од референдумот. Не смее да се заборави и дека референдум за исто прашање не може да се повтори пред истекот на рокот од две години од денот на одржаниот референдум.

Кој треба да ја води кампањата или јавната пропаганда? Засега сѐ се сведува на препукувања со соопштенија меѓу власта и опозицијата и на социјалните мрежи?

Да, во право сте. Социјалните мрежи станаа најважниот медиум за референдумска кампања. Не треба само таму да се бара граѓанството кон кое треба да води јавната пропаганда. Оваа е сложен референдум и заради конструкцијата на прашањето, но пред сѐ заради глобалните и локалните политики. Во исто време, од потпишувањето до денес има голема празнина во однос на информирањето на граѓаните за содржината на самиот договор, како се дошло до него и што тој ќе донесе во иднина. Некои од најновите анкети потврдуваат дека малкумина го прочитале договорот, а многу прашања остануваат да лебдат неодговорени. Не се доволни изјавите на политичарите со слогани и политички пароли. Недостасуваат отворени разговори, расправи и појаснувања со домашните експерти кои активно или пасивно учествувале во доместификацијата на договорот. Несомнено, недостасува квалификувана и толерантна јавна расправа.

Инаку, според законот, јавната пропаганда во однос на референдумот е законска обврска на овластениот предлагач на референдумот, во овој случај Собранието на Република Македонија. Во Правилникот за подготовка, организирање и спроведување на референдумот на државно ниво на 30 септември 2018 година, Државната изборна комисија прифатила дека кога група пратеници се предлагачи на предлогот за организирање референдум, овластен предлагач е Собранието на Република Македонија. Тоа, според мене, подразбира дека за добробит на политичкиот плурализам и опонентите видени преку собраниските пратенички групи кои не се потпишани на предлогот имаат право да учествуваат во кампањата пред референдумот. Во таа насока го читам и Кодексот за добри практики во врска со референдуми на Европската Комисија за демократија преку правото.

Што е со набљудувањето на гласањето на референдумот?

Бидејки Законот за референдум, за набљудување на референдум организиран на државно ниво се повикува на примена на одредбите од Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, референдумот можат да го набљудуваат домашни здруженија и странски организации, кои се регистрирани најмалку една година пред денот на одржувањето на референдумот, а во чии статути е вклучено начелото на заштита на човековите права, меѓународни организации и претставници на странски земји. Државната изборна комисија ја утврдува процедурата за набљудување на изборите и изборната постапка и издава овластување. Само акредитираните набљудувачи можат да информираат за текот на референдумот и активностите поврзани со неговото набљудување. Набљудувањето на референдум подразбира можност да се следи целиот процес на подготовки, а не само денот на одржување на референдумот, односно целата постапка на водење на предреферендумската кампања, вклучувајки го и медиумското покривање, финансирањето на кампањата итн. Транспарентното и отворено работење на изборните органи, медиумите и сите вклучени институции е предуслов за демократски организиран референдум. Со оглед на актуелноста на референдумското прашање и на договорот кој е предмет на референдумот убедена сум дека ќе има интерес и присуство не само на домашни, туку и на меѓународни набљудувачи.

Ж.П.Б.

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе

Република Македонија треба да понуди законска можност за реализација на правото на приватен и семеен живот за истополовите партнери.

повеќе

Умре Милена Дравиќ. Да живеевме во некое друго време, во некоја друга земја, таа вест ќе се прикажеше на екраните на југословенските телевизии, како што ни се прикажа веста за смртта на Тито.

повеќе