„Мене ми е прифатлив пристапот на новиот бугарски премиер кој заговара историјата да не биде единствениот канал преку кој ние, како две соседни држави, комуницираме. Да разговараме за инфраструктура, за енергетика, за економија, за трговска размена, за европски интеграции, за човекови слободи и права, но секако не да разговараме за тоа што се случило пред три или пред пет века. Тоа е модерен пристап кој го поддржувам. Се разбира, не го поддржувам временскиот рок, кој беше најавен, од шест месеци. Мислам дека проблемот помеѓу нас може да се реши за многу покус временски период“, рече Пендаровски на заедничката прес-конференција со косовската претседателка Вјоса Османи.
Одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата во Приштина, Пендаровски негираше дека има безбедносна закана по земјава доколку не добие датум за преговори во најскоро време и потсети дека како претседател ги има сите релевантни информации од безбедносните служби и такво нешто не постои.
„Ако извесен период и понатаму не добиеме датум за преговори и спорот со Бугарија не биде разрешен па да останеме подолго време во чекалната на ЕУ, ве уверувам дека ниту денеска има, ниту утре ќе има безбедносна дестабилизација на земјата“, рече Пендаровски.