Најповиканите институции се изјаснија за спорот со Бугарија

МАНУ, УКИМ и Институтот по историја порачаа дека за македонскиот идентитет, јазик, историја, култура... - не се преговара!

МАНУ, Институтот за национална историја и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј", како најповикани да дадат свој суд по однос на клучните идентитетски, лингвистички, историски, културни или државни прашања, по канонадата на испорачани бугарски условувања за деблокада на македонскиот евроинтеграциски пат, деновиве категорично се изјаснија дека нема место за каква било и со кого било дискусија на тие теми и порачаа да се отфрлат решително обидите за политички интервенции и ревизи во тие сфери, зашто можат да предизвикаат поткопување на темелите на државата.

Во промеморијата на Македонската академија на науките и уметностите се истакна дека македонскиот јазик има просторен и временски континуитет, а македонскиот идентитет етнокултурна посебност.

Претседатателството на МАНУ потсети на научните факти кои говорат дека македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен континуитет (македонските дијалекти постојат и надвор од границата на денешна Македонија) и временски континуитет (македонскиот јазик опстојувал повеќе стотици години).

„Македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќе-вековните преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулирана свест за етнокултурната посебност, колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и наратив за припадноста на одреден географски и историски простор", се вели во Промеморијата на Македонската академија на науките и уметностите.

МАНУ притоа соопшти дека е за продолжување на напорите на Владата за интегрирање на Македонија во Европската Унија, но ѝ порачува на власта дека притоа треба да се залага за „почитување на меѓународните повелби и конвенции од коишто произлегуваат и неотуѓивите и суверени права на македонскиот народ на самоопределување, тесно поврзани со неговиот државотворен статус и национален, историски, културен и јазичен и номинален идентитет.

Затоа МАНУ, потсетувајќи на низа меѓународни документи и на настани кои значеа потврдување на македонската државност, како и на својата минатогодишна промеморија, порача дека „македонскиот народ ја искажувал и ја докажувал научно посебноста на својот историски, културен, јазичен, политички идентитет во континуитет, а особено во текот на 19 и 20 век, во текот на својата борба за национално ослободување и државно осамостојување, како и во рамките на македонската република во составот на југословенската федерација (1945 – 1991), односно и во рамките на независна и суверена Република Македонија.

МАНУ со своите ставови излезе само неколку дена откако Бугарската академија на науките преку соопштение ја поддржа политиката на Владата во Софија за условувањата кон Македонија. Бугарските академици го изнесоа ставот дека „бугарските научници, со научни средства, цврсто ќе ја бранат историската вистина за минатото на историско-географскиот регион Македонија, вклучително и за бугарската етничка и културна припадност на мнозинството од нејзините жители."

По своевидната канонада бугарски провокации и изнесување на тези во поглед на историјата на македонската држава и јазик, секако и по интервјуто на македонскиот премиер Зоран Заев за агенцијата БГНЕС кое предизвика бура од реакции во Македонија особено по однос на прашањето за улогата на Бугарија за време на окупацијата на Македонија, со конкретни ставови се јави завчера Институтот за национална историја.

Според напишаното во обраќањето до јавноста, очигледно е дека Институтот беше предизвикан особено од обидите за различно толкување на историјата на македонскиот народ и државата и релативизирањето на фактите од не така далечните историски настани, како што е тоа Втората светска војна.
Институтот категорично соопшти дека нема да прифати какви било обиди за политички влијанија врз работата на Институтот. При тоа, Институтот за национална историја категорично ги осуди сите форми на политичко оспорување на македонската историографија, на македонската национална историја и идентитетот и порача дека својата научна дејност нема да ја подреди на какви било политички влијанија.

Како најстара научна институција на македонската држава Институтот потенцира дека во неговата научна продукција „се анализираат и балканските политики во однос на македонското прашање и македонизмот, чиишто рефлексии можат да се согледаат и во актуелните состојби".

„Евроинтеграциите на македонската нација не смее да се условуваат со ултимативно прифаќање на „историски вистини" од други национални историографии", нагласија нашите историчари кои наведоа дека историјата може само научно да се интерпретира и дека таа не смее да биде за политичка употреба ниту пак да биде услована од политичките влијанија.

Јасна е пораката наведена во соопштението дека Институтот со својата потврдена професионалност и научна релевантност во историските истражувања, „не може да не реагира во услови кога политиките директно задираат во науката и особено кога со политички меморандуми цела една нација и историска наука се квалификуваат како фалсификаторство и се повикува на целосна ревизија на историјата на македонскиот народ и нација".

Најстариот универзитет во македонската држава „Св. Кирил и Методиј" вчера практично јасно ги предупреди преговарачите со Бугарија „да не се дозволи поткопување на темелите на државата" притоа изразувјќи став дека Универзитетот се придружува и ја поддржува Промеморијата на МАНУ за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ.

„Универзитетот ги повикува Владата на Република Северна Македонија и сите чинители во евроинтеграциските процеси да ги почитуваат достигањата на македонските научни работници од областа на хуманистичките, општествените и културолошките науки, како и сознанијата на светската славистика, лингвистика и современа историска наука", наведе Универзитетот во соопштението кое го наслови како Изјава.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Изјавата набележа дека македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен, и временски континуитет, дека тоа е посебен јужнословенки јазик изучуван во многу светски униерзитети. За македонскиот идентитет се потсетува дека е изграден врз колективното сеќавање и врз свеста за традицијата, културата, етнокултурната, политичката и јазичната засебност на македонскиот народ.

„Процесот на формирање на македонскиот народ и на македонската нација во ништо не се разликува од соодветните процеси кај другите балкански народи и нации, формирањето на еден народ не е и не може да биде последица на административен акт", нагласи Универзитетот.

Што се однесува пак до создањето на македонската држава, (за што пак бугарската официјална политика тврди дека станува збор за вештачка творба со одлука на Коминтерната и на водачот на југословенските комунисти Јосип Броз Тито, без да се спомене антифашистичката војна) Униерзитетот потсетува дека Македонија е „заедничка придобивка од долготрајната борба на македонскиот народ и сите други етнички заедници" и дека „ова историско тежнеење доживеало кулминација во антифашистичката војна, поради што македонската државност е заснована врз антифашистички начела".

Оттука, обезвреднувањето на идеалите и на жртвите за посебна македонска држава би значело и поткопување на темелите на државата, порача Универзитетот „Св. Кирил и Методиј", а овој став е заедничка позиција и на МАНУ и на Институтот за историја, како и на редица други реакции на општествени и друг вид институции и организации кои се јавија последниве недели предизвикани од негирањето на македонските идентитетски точки од страна на официјална Софија.

„Најенегрично изјавуваме дека историјата на македонскиот народ, македонскиот јазик, македонската култура и литература, односно сето она што го дефинира македонскиот идентитет, не смее да биде основа за политички диктат, ниту предмет на расправа на т.н. заеднички комисии“, се вели во писмото што го упатија група македонски интелектуалци. Во него на државниот врв му се порачува да не дозволи од никого присвојување на македонската историја, на македонскиот јазик и на македонското културно наследство, како и негирање на македонскиот национален идентитет.

Настојувањето на Бугарија „големата слика" да ја преврти и да ја презентира низ ЕУ - призмата за важноста земјите аспиранти да имаат решени билатерални прашања со членките, особено со соседните држави, има „мал" недостаток.

Таа „голема слика" во својот одраз ја дава „голема Бугарија", а таквите политики се нешто што ЕУ многупати го има осудено, барем кога во прашање беа крвавите војни на просторите на поранешна Југославија инспирирани од територијални претензии извлечени и од разни ненаучни толкувања на историјата но, и не така оддамна, кога Брисел изразуваше ставови на осуда кон инспираторите на кризни ситуации во поодалечените делови од истокот на Европа.

Освен тоа, Бугарија преку сѐ поизвесното вето што ќе го стави за евроинтеграцискиот напредок на Македонија, а имајќи ги предвид и изјавите од своите европратеници па завршувајќи сѐ до она што во последното интервју го искажа премиерот Бојко Борисов, ги погазува основните вредности токму на Унијата - правото на самоопределување, човековите права, правата на националните малцинства, ставот дека различните јазици се богатство на Унијата...

Тоа што единствено треба да се признае е дека Бугарија, членката на ЕУ, има уникатен пристап на „поддршка" на земја аспирант. И ќе биде „историски", секако. Како новина за Европската Унија во случајот со Македонија.

П.Џамбазоски

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе

Турската влада има нови барања од социјалните медиуми и дигиталните платформи како што се Фејсбук (Facebook), Ватсап (Whatsapp), Инстаграм (Instagram) и Твитер (Twitter). 

повеќе