„Во градови каде што преовладува текстилната индустрија, жените се истовремено главните носители на приход во домаќинството. Незаконитото намалување на платите значи неможност за задоволување на животните потреби на едно семејство. Родовата димензија на работничката криза е опфатена во Посебниот извештај за состојбата со човековите права во време на ковид-19“, се вели во Извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Веднаш по прогласувањето на вонредната состојба, од Хелсиншкиот комитет за човекови права велат дека биле сведоци на груби прекршувања на работничките права, чиј број секојдневно се зголемувал.
Хелсиншкиот комитет за време на кризната состојба непрекинато продолжи да им обезбедува бесплатна правна помош на сите работници.
„Работодавачите веднаш започнаа со масовни отпуштања на работниците, односно откажувања на нивните договори за вработување, а до нашата
организација беа пријавени 37 такви случаи, кои се однесуваа на приближно 453 работници. Намалениот обем на работа беше причина некои од работодавачите, без воопшто да ги известат работниците, да им ги откажат договорите за вработување од деловни причини. Во неколку случаи на работниците им беше само усно соопштено да не доаѓаат на работа, без да им биде доставен писмен отказ. Онаму каде можеа, работодавачите влијаеја врз работниците да потпишат спогодби за раскинување на нивните договори. На некои од нив, договорите им беа раскинати со фалсификување или искористување на нивните потписи, претходно ставени на бланко листови. Недоброволно, 321 работник во 35 случаи потпишаа спогодби за прекин на својот работен однос. На овој начин, ним им беше оневозможен каков било пристап до заштитен механизам и тие останаа да се борат за „гола" егзистенција на маргините на општеството“, се вели во Извештајот.
Потешкотиите во работењето, а особено во секторите како угостителство,
туризам, производство на облека и обувки, трговија и слично, беа причина
платите на илјадници работници да бидат намалени, а на некои од нив,
воопшто да не им бидат исплатени.
Само во Комитетот беа регистрирани 24 вакви случаи, кои опфатија речиси 702 работници.
Не беа поштедени ниту оние работници кои беа ослободени од работни обврски
согласно мерките на Владата. Хронично болните, бремените работнички и
родителите на деца до 10 годишна возраст, кои беа ослободени од работни
обврски, се соочуваа со 50 % намалени плати. Покрај тоа, Комитетот регистрираше и случаи во кои работодавачите воопшто не ги ослободуваа од работни обврски работниците кои спаѓаат во оваа категорија.
„Голем дел од работодавачите не ги почитуваа мерките и препораките на Владата и на Министерството за здравство за превенција и заштита
од коронавирусот. Особено незаштитени и загрозени беа работниците во првата борбена линија против вирусот, работниците во супермаркетите, продавачите и продавачките. Работодавачите не им обезбедија соодветна заштитна опрема, па тие ги остваруваа своите работни задачи изложувајќи се на сериозен ризик за своето здравје и живот. Притоа, тие не добија зголемување на платите соодветно на зголемениот ризик на работното место. Комитетот регистрираше вакви прекршувања во 19 случаи, кои опфатија приближно 1018 работници“, утврдиле од Хелсиншкиот комитет.
Овој извештај се базира на податоците кои што Комитетот ги евидентира при секојдневната комуникација со граѓани кои се обраќаат за правна помош, на анализата на ефектите од донесените владини уредби во овој кризен период, како и на редовното набљудување на состојбата во поединечни области.
Покрај состојбата со работничките права, Извештајот се осврнува на состојбата на лицата со попреченост, старите и бездомните лица, децата, на лицата лишени од слобода, на ЛГБТИ заедницата, како и на состојбата со семејното насилство во изминатиот период и на постапувањето на институциите.