Попис 2021

За дијаспората пописот е речиси завршена работа, интересот незначителен

Помалку од три илјади македонски државјани во странство се самопопишале преку електронската апликација  на Државниот завод за статистика по 5 септември и се чини дека или интересот е речиси никаков, или дека тие што сакале да бидат вброени во нерезидентно население веќе се попишани, а останатите не сакаат да учествуваат во пописот. Во исто време, во земјава теренските попишувачи внесле податоци за вкупно 1.212.339 лица, 378.033 домаќинства и 516.787 станови, заклучно со 20 часот вчера.

Можноста за самопопишување во странство, од април па до синоќа во 20 часот, ја искористиле вкупно 193.982 лица.

Официјално, со 23 август беше надмината бројката од 190.540 македонски државјани кои се попишале во странство. Оттогаш до вчера интересот е многу мал, или пак граѓаните кои сакаат да влезат во официјалните податоци тоа веќе го сториле.  Според бројот на лицата во државите во кои се попишале најбројни се лицата од Швајцарија, Германија, Италија, Австрија... Во долниот дел на оваа табела се Австралија, Канада, САД, каде како што е познато, живеат голем број на македонски државјани, но нивниот интерес е мал, дали од политички или од други причини, тоа веројатно ќе биде предмет на анализа како  на Заводот за статистика, така и на Владата.

Според уверувањата на директорот на Заводот, Апостол Симовски, бројот на македонски државјани во странство ќе биде во графата нерезидентно население и нема да се пресметува вкупно со бројот на лицата што живеат во Македонија. Според Симовски, податоците за дијаспората се важни за државата, прво за да се знае колку македонски државјани живеат во странство и во кои земји и континенти, а второ, со цел прецизно да се знае колку граѓани живеат во Македонија и на тој начин да се планираат генералните политики за развој.

Пописот во дијаспората не беше прекинат со одложувањето на пописната операција за септември, а во април интересот на дијаспората беше голем, неофицијално, особено меѓу Албанците со македонски пасош.

Деновиве заменик директорот на Државниот завод за статистика Иљми Селами, забележувајќи го овој надолен тренд, повика оние државјани за кои е тоа можно, да бидат попишани преку теренските попишувачи во земјава.

Според Селами, малите бројки на попишани лица во дијаспората се должат и на хакерски напади врз апликацијата за самопопишување.

„Има проблем и со веб страницата и со апликацијата за попис на дијаспората, има постојани хакерски напади на таа веб страница. Затоа велам, да бидеме сигурни, би апелирал до нашите сограѓани кои се на печалба, да не чекаат да се попишат на апликацијата и нека ги испратат нивните матични броеви на нивните блиски овде во Македонија. Попишувачите ќе ги попишат заедно со нивните роднини", изјави Селами.

Од друга страна, Симовски неколку пати рече дека целата пописна операција е цел на бројни хакерски напади, но и нагласи дека процесот се одвива добро благодарејќи на стручните лица кои го одржуваат и системот и софтверот. Тој не спомна дека има проблем со попишувањето на дијаспората.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во земјава со одлука на Собранието беше одложен поради третиот ковид бран, а официјално започна на 5 септември и ќе трае до 30 септември.

П.Џ.

Дали и колку градовите им служат на интересите на своите граѓани (демократија) или на елитите кај кои се концентрира капиталот (авторитарност)?

повеќе

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе