Нефункционалност на системот

За бегството на Игор Спасов, Спасовски бара одговорност од судија или обвинител

Клучното прашање во однос на бегството на Игор Спасов е одговорот од обвинителот и судијата врз основа на кои проценки е дозволено да му се направи прекин со судска одлука на издржувањето на казна затвор, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.  

Одговарајќи на новинарско прашање како побегнал и каде е Игор Спасов, Спасовски рече дека многу поважно е да се види и конечно да се реши проблемот на нефункционалност на системот.

„Сите разговараме за тоа како сега ќе го решиме проблемот откако тој ја напуштил државата. Прашањето е клучно и за тоа мора да се сноси одговорност, мора да одговори и обвинителот и судијата врз основа на кои проценки е дозволено да му се направи прекин со судска одлука на издржувањето на казна затвор“, рече Спасовски по презентацијата на возилата за брза интервенција за потребите на специјалните единици во Полицискиот центар во Ѓорче Петров.

За таквите прекини на издржувањето на казната затвор, според него, се известуваат веројатно Агенцијата за извршување санкции и Казнено – поправните установи, а МВР не добива такви информации.

„Ние дознаваме во моментот кога тие бараат да го пронајдеме.Тоа покажува колку овој систем е нефункционален, па би рекол можеби и корумпиран, затоа што јас не знам од кој аспект се цени одлуката и тоа како предлог што се дава одредена личност да биде пуштена на прекин на казна“, изјави Спасовски.

Тој апелираше до сите институции сериозно и одговорно да ги разберат пораките од јавноста дека правдата мора да ја постигнеме сите заедно.

„Правдата не може да биде една институција. Кога говорам, говорам со факти, не може еден ден да ги апси МВР, да спроведува истраги, да води предистражни постапки, за утредента да ги видиме на слобода заради тоа што некој судија или обвинител одлучил на таков начин. Разбирам дека притворот не смее да биде казна, разбирам дека постојат низа мерки на индиции кои може да се изрекуваат, меѓутоа мора да биде во остварувањето на интересот на државата и на граѓаните“, вели тој.

Спасовски уште додаде дека во судството е потребен и ветинг и кривична одговорност.

„За вакви случаи Јавниот обвинител треба да подигне истрага против некој судија и против некој обвинител и да се докаже поврзаноста во однос на ваквите случаи. Дали има врска помеѓу оној што е осуден, помеѓу лекарите кои тоа го прават, дали има врска помеѓу обвинителот и судијата итн… Конечно ваквите работи мора да се расчистуваат ако сакаме навистина да имаме држава што ќе ги остварува првичните интереси, а тоа е да имаме правда во државата“, рече Спасовски.

Поранешниот специјалец Игор Спасов е осуден на 14 години затвор за убиството на Мартин Нешковски, а кое се случи вечерта по прославата на ВМРО-ДПМНЕ по победата на парламентарните избори. Казната затвор во прекин му е од лани поради здравствени проблеми. Тој требаше да се јави во Затворот „Идризово“ на 18 октомври. Спасов од минатиот понеделникот се бараше на територија на државата, но откако истражните органи не го пронајдоа и немаа никаква дојава за него, од минатиот вторник доцна попладнето МВР распиша меѓународна потерница по него.

ЕУ, свесна за демократскиот дефицит на земјите од Западниот Балкан (но и останатите, претежно економски проблеми), како да тежнее кон формирање блиски, но и специфични односи со овој регион, без полноправно членство.

повеќе

Нарушени се човековите права и слободи, нема владеење на правото и правосудството, кои треба да бидат основа на процесот.

повеќе

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе