Ден на трудот

За 1 Мај без протест за работничките права, од 14 часот полициски час

Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај првпат ќе биде одбележан онлајн, а првомајските празници ќе поминат со ограничено движење како една од мерките за справување со пандемијата на коронавирусот. Пандемијата што го промени начинот на живот и се рефлектира во сите сфери на живеење, ги натера синдикатите на размислување да го одбележат овој ден поразлично од досега. Наместо традиционалниот марш, годинава одбележувањето ќе биде онлајн, а барањата главно ќе бидат насочени кон тоа да се сочуваат работните места.

Здравствената криза предизвикана од коронавирусот се одрази и врз економскиот развој на државата и ја стави под знак прашалник ликвидноста на компаниите, а со тоа ги направи и понеизвесни работните места, поради што сè почести се апелите и реакциите на синдикатите да не се отпуштаат работници и да не се потпишуваат бланко договори.

Токму затоа мотото на првомајското одбележување на еден од најголемите синдикати во земјава – Сојузот на синдикати на Македонија, е „Здрави и безбедни работници, сигурни работни места, достоинствени плати и социјална заштита“.

За ССМ, во овие тешки моменти најважно е да се заштитат правата на работниците и нивните семејства и да не се дозволи ниту еден граѓанин да остане без основните средства за живот. До нив, како што велат, во изминатиот период пристигнале илјадници поплаки за отпуштање работници и кршење на работничките права по разни основи.

„По направените анализи заклучивме дека сите тие обраќања дојдоа од работници кои не се синдикално организирани. Кај работодавачите кај кои има синдикати, успеавме преку дијалог да ја избалансираме ситуацијата, па дури и да им помогнеме на работниците, но на некој начин и на работодавачите, кои се извор на основните приходи на нашите членови“, велат од ССМ во изјава за МИА.

Во првомајскиот проглас истиот овој синдикат истакнува дека кризата и вонредната состојба не можат да бидат причина за суспендирање на социјалниот дијалог, колективното договорање и за кратење на работничките права.

„Работничките права се наш таргет, а последиците од кризата треба и мора да ги поднесат сите чинители во општеството и претставниците на капиталот и претставниците на трудот како две страни на една целина. Но, сега и во овој момент се додека трае здравствената криза нашата грижа и активности се насочени кон заштита на работничките права и обезбедување на еднаквост во поднесување на неминовните последици, економски и општествени за сите граѓани без дискриминација и поделби по било кој основ“, се вели во прогласот.

Со слични барања е и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) кој во прогласот по повод 1 Мај бара почитување на правото на социјален дијалог, мерки со кои ќе се сведе на минимум отпуштањето на работниците и да нема кратење на платите и додатоците на плата.

„СОНК стои на својот став дека, дури и во вакви околности, односно и во вонредна состојба на државата, мора да се почитува правото на социјален дијалог и партнерство, особено кога се работи за вакви осетливи прашања, што се однесуваат на социјалната сигурност на работниците“, се вели во првомајскиот проглас во кој се посочува дека нема да се приклучат кон прославувањето на 1 Мај бидејќи, според нив, состојбата на работниците во земјава не е за славење.

Од СОНК укажуваат на потребата од консензус меѓу политичките субјекти во државата во овие кризни моменти со цел да се изнајдат најдобрите економски мерки и решенија за што побезболно да се надмине кризата.

Во пресрет на 1 Мај вчера загриженост за економските и социјалните состојби во државата искажа Конфедерацијата на слободни синдикати. За нив, е неприфатлив односот на дел од државните институции во делот на социјалниот дијалог во време кога земјата се соочува со пандемија.

„Загриженоста на КСС е уште пооправдана ако се има во предвид фактот дека се повеќе работници го губат своето работно место, а економските показатели покажуваат постојано влошување на состојбите, што е сосема спротивно од очекувањата, а особено и ветувањата на Владата“, истакнаа од КСС.

Тие укажуваат на сериозно кршење на одредби на закони и колективни договори, за што според нив постои опасност за еднострано суспендирање на Законот за работни односи.

Претседателот на КСС Благоја Рапловски во изјава за МИА вели дека и годинава ќе ја продолжат праксата да го одбележат 1 Мај со видео порака која ќе биде објавена на нивната Фејсбук страна.

1 Мај 2020 година ќе остане запаметен како ден кога целото синдикално движење во земјава ќе го одбележи Меѓународниот ден на трудот преку онлајн алатките.

Во историјата на синдикалното организирање во земјава имаше и период кога наместо протести, 1 Мај беше одбележан со кампањи насочени кон одредени области од заштитата на работничките права и беа иницирани и донесени неколку законски решенија, како што се Законот за мобинг и Законот за минимална плата.

Меѓународниот ден на трудот се празнува во знак на почит кон жртвите од штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго, кога демонстрантите барале воведување осумчасовен работен ден. Организаторите на штрајкот биле изведени на суд, а четворица од нив биле погубени. Три години по настаните во Чикаго, на првиот Конгрес на Втората интернационала што се одржала во Париз во 1889 година е решено секоја година на 1 мај, во сеќавање на чикашките работници, да се одржуваат масовни демонстрации.

Денот на трудот е државен празник во повеќе земји во светот. Во земјава од 2007 година за неработен ден е прогласен само 1 мај, а до 2006 година неработни беа 1 и 2 мај.

На 1, 2 и 3 мај, односно денеска, утре и в недела, ќе биде дозволено движењето на граѓаните од 5 часот наутро до 14 часот. Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 14 часот и ќе трае до 5 часот наутро следниот ден.

За лицата над 67-годишна возраст, денеска, утре и задутре ќе биде дозволено движење од 5 часот наутро до 11 часот.

Сите деца и млади лица до 18 години, денеска, сабота и недела ќе може да излегуваат од 12 до 14 часот. 

MИА

Секој може да биде менаџер во „добри денови", но најчесто менаџерската работа не е за „добрите денови" туку постојан баланс помеѓу проблемите и можностите за оптимизирано управување на компанијата.

повеќе

Нека се соберат во Дојран, нека се договорат и нека нѐ известат. Сите други пак нека се спремаат за вистински избори во постпандемискиот период.

повеќе

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе