Професор Владимир Пивоваров, експерт за безбедносни прашања

Вратените од сириските боишта се темпирани бомби и прашање е кога ќе бидат „активирани“, неопходна е ресоцијализација

По враќањето на првите седуммина македонски граѓани од сириските боишта и нивното префрлање во притворското одделение во Шутка, професорот Владимир Пивоваров, поранешен шеф на воената разузнавачка и контраразузнавачка служба во разговор за МКД.мк објаснува дека сето она што се случува сега со ваквите лица е пост фестум и исклучително сериозна работа, но основното прашање е зошто овие луѓе се радикализирале. Безбедносните служби, како што вели, мора многу будно да ги следат и нив и нивното опкружување во самите Казнено-поправни установи, а потоа треба посебен третман на ресоцијализација.

„Основното прашање е зошто овие луѓе станаа радикализирани. Тој процес на радикализација се одвиваше на некоја територија на која постојат служби. Целта на секое разузнавање е секоја безбедносна појава да ја открие во рана фаза, значи кога не „боли“ и кога не може да дојде до последици. Ова пост фестум во целиот случај е многу сериозна работа. Инаку мојот термин за овие лица е темпирани бомби, прашање е кога ќе бидат активирани, порано или подоцна. Тоа е најопасното нешто што може да се случи на тлото на Европа. Досега немавме ниту еден терористички акт по принципот човек самоубиец. Тој е најопасниот, и за откривање, а пост фестум може да ги броиме само жртвите и да кукаме што се случи и зошто се случи. Ова е многу сериозно прашање, вели професорот Пивоваров.

Зошто велите дека се темпирани бомби?

Прво и основно, тие, таму каде што биле, не одат да јадат благи колачи. Тие одат таму да се обучуваат, да се индоктринираат. Индоктринација значи перење на мозок. Тој човек се простил со својот живот и воопшто не му е гајле кој друг покрај него ќе загине, дали дете, дали возрасен, кој и да е според вера и националност. Тој си ја остварува својата цел да замине кај Господ според нивниот непишан Куран, а таму ќе го чекаат сто девици и ќе живее убав живот на оној свет, во рајот. Значи испран му е мозокот и нему не му треба многу да го направи тоа што некој еден ден од него ќе го побара. Тие, сепак се терористички организации по принцип на мафијата, и таму постои хиерархија.

Ниту една вера не предвидува такво нешто. За жал, јас ова го почувствував уште во 2002 година како шеф на воено разузнавање во мојот Липковски крај. Првото одење во џамиите, пристигнување на тие радикализирани оџи кои нудеа на почеток по 200 долари по глава на дете кое некое семејство ќе го даде во џамиите. Исламската верска заедница (ИВЗ) требаше многу активно да се вклучи во тој процес, да не го дозволи процесот во тој период уште кога беше во рана фаза за да се спречи. Инаку, генерално токму во такви верски објекти во тој период се одвиваа ваквите обуки и едукации. Потоа кога ќе наполни 15 години, го носеа детето на дополнително школување на Блискиот Исток. Таму школото веќе беше, што би се рекло со сите „тертипи“, ги учат како и на кој начин да постапуваат во име на наводно нивниот Алах.

Но, за тоа не е виновна само Исламската верска заедница, туку и државата. Каде е одговорноста на државата?

Апсолутно. Ние во тоа време со официјални информации се обраќавме до надлежни институции и ги информиравме дека оваа појава постои. Општеството треба да има разработен систем кој ќе функционира. Треба да се вклучи труд и социјала, требаше и бироата за вработување. Тоа е само пример. Требаше многу институции да се вклучат. Од она што може да се прочита од странските институции како ги ценат овие лица, во Русија на пример, тоа се лица генерално со низок коефициент на интелигенција, многу лесно подводливи, можат многу лесно да се заведат и да се инструираат во една приказна во која тие веруваат дека тие, регионот или нивното опкружување е понижувано, уценувано... Генерално тоа се лица кои толку се индоктринирани во оваа нивна проблематика, што апсолутно мислам дека многу тешко ќе може кој било систем да ги врати, односно да изврши дерадикализација на таквите луѓе. А тоа биле луѓе отфрлени и од семејството и од заедницата, значи некој многу лесно можел да ги придобие, да ги „залепи“.

Друга важна работа е што ако тероризмот нема финансии, тие не можат да постојат. Сѐ е во врска со пари. Значи тој сегмент е битен, ако им ги отсечеме тековите на парите, црните бизниси, дрогата и сѐ останато што води до добри приходи, нема да може да ангажираат и да издржуваат такви групации.

До судењето овие седуммина ќе останат во Шутка, а после тоа во некоја Казнено-поправна установа каде што би почнал процесот на ресоцијализација. Но дали постои опасност додека се тие во затвор да испровоцираат други нивни соборци или следбеници да дејствуваат?

Не само други, и тие самите можат нешто да направат. Ако дојде некој од нив до најнеопходната хемија за произведување на вакви експлозивни направи, може тоа и таму да го направи. Но, ова се сѐ претпоставки. Затоа службите, пред сѐ безбедносните, мора многу будно да ги следат и нив и нивното опкружување во самите Казнено-поправни установи, а потоа треба посебен третман на ресоцијализација. Не е ист оној џепарош што ми меша в џеб да украде некој денар и ваквиот криминалец. И тој и тој е криминалец, но овој е посебен вид криминалец кој треба да има посебен третман. Психолози, педагози, социолози...

Има причини кои ги натерале тие луѓе да заминат.

Токму оваа категорија на луѓе самоубијци е најтешкиот облик на откривање и спречување на можни терористички акти. Во светот во промили се бројат случаи каде службите и на големите земји успеале претходно да ги спречат овие акти кога биле во завршна фаза.

Како треба да се работи на нивната ресоцијализација?

На нивната психа некој делувал некогаш. Тие го направиле тоа и дошле до оваа фаза, биле спремни да загинат. Значи сега треба некој со нив да го направи обратниот процес. Да ги врати во нормала. Дали ќе успее тој процес, никој не знае, секој човек е посебна индивидуа, илјадници фактори влијаат едно лице да се одлучи на ваков чекор. Низ тие психолошки разговори точно ќе треба да се дојде до причините кои довеле до тоа. Не се кај сите исти причините зошто се нашле на тоа место. Секаде се различни. Секој од нас е поинаков. Некој на нешто вели „да, добро е“, некој на истото вели дека „е лошо“. Не треба да се занемари и тоа што генерално со години има промени во системот кај нас и на Балканот, менување на моралните вредности, па она беше морално станува неморално и обратно. Тоа е еден од факторите кои доведуваат до тоа ваквите луѓе многу лесно да бидат заведени, да не речам заблудени.  

Инаку, нивната индоктринација, да не се лажеме, не траела две-три секунди, па бевме изненадени. Таа траела со години и била присутна во нашето опкружување.

Имате ли проценка колку луѓе од Македонија се вклучени на боиштата во Сирија и во другите земји?

Она што го знаеме од јавните гласила е дека проценката и од меѓународни извори е дека од Македонија се околу 150 лица. Точен податок се разбира имаат безбедносните служби. Но кај нив важи принципот на тајноста. Ние зборуваме само за податоци кои се јавно објавени. Никако официјални. Мислам дека ако службите имаат податок за поголема бројка, тогаш тоа е  е загрозувачко и загрижувачко за општеството.

Македонија доби пофалби за ваквиот чекор од Пентагон, од американскиот Стејт департмент дека покажува како помага во борбата против ИСИС...

Видете, ова не е политички, туку морален чекор. Ние сме потписници на антитерористичката коалиција. Дали ние бевме први или ќе биде Албанија или некоја друга земја, секој мора да си ги земе своите луѓе. Тоа е суштината на тој договор. Проблем е што ние во законот не воведовме клаузули. Во британскиот закон на пример има клаузула, дека на таквото лице веднаш штом ќе биде откриено му се одзема државјанството, што значи не може да се врати на територија на Британија. Тука е проблемот, законодавствата во коалицијата се различни.

Ние последни го донесовме и мислам со многу благи санкции за учество во странска армија. Ние немавме таква клаузула. Во некои земји дури се оди до таму да биде одземен целокупниот имот, и нивен и на нивните семејства. Што значи тие целосно во старт ја елиминираат појавата.

Може ли да очекуваме и други случаи?

На наша територија, да. И ние и секоја земја, порано или подоцна ќе мора да си ги прибереме проблемите во својот двор. Тоа е суштината на таа резолуција. Прашањето е како ќе настапи државата. Слушнавме дека има веќе план за ресоцијализација на овие лица, има Национална стратегија  и центар за ресоцијализација, односно мерки кои ги предвидува владата, а кои се однесуваат на многу институции во државата кои треба да се вклучат во тој процес на ресоцијализација.

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе

Прашањето е претенциозно, интенционално и суштински погрешно формулирано, не го задоволува т.н. троен тест на единство и е итро, манипулативно и сугестивно.

повеќе