Афера „Двојник“ или „Мафија“

Војната меѓу клановите Кавачи и Шкаљари се водеше со македонски пасоши со украдени идентитети

На 24 декември 2018 година во некоја од канцелариите на управните служби на македонското Министерство за внатрешни работи во 16,40 часот влегол Јован Павичевиќ, потпишал барање за македонски пасош, се фотографирал, оставил отпечаток од прст и добил македонски пасош со украден идентитет на Јордан Георгиев. По Павичевиќ тогаш имало распишано меѓународна потерница на Интерпол. На 26 декември тој си го земал македонскиот пасош и веќе наредниот ден како Јордан Георгиев, на некој од граничните премини на Македонија излегол од државата.

На 12 јануари 2020 година во Виена, во соработка со партнерски служби, Јован Павичевиќ, атентатор и член на црногорскиот нарко картел – Кавачи, бил приведен.

По него била распишана меѓународна потерница од Интерпол Подгорица уште на 12 септември 2018 година за кривично дело недозволено држење на оружје и експлозиви за кое подоцна е осуден на 3 години затвор.

Во неговата куќа во Никшиќ биле пронајдени импровизирана експлозивна направа тешка еден килограм, електродетонаторска каписла, извор на напојување, антена за прием на сигнал, магнет за фиксирање на направа на возило, далечински управувач за активација на направата и два наменски апарати за следење на движење на возило и лица.

И кумот на Веља Невоља и број 3 во нарко картелот Кавачи поседува македонски пасош со украден идентитет.

На 21 ноември 2019 во Скопје пристигнал Радоје Живковиќ, викан Жути, број 3 во црногорскиот нарко картел Кавачи. Тој иако се барал со меѓународна потерница од Интерпол Подгорица за трговија со дрога, во 9.45 часот влегол во некоја од канцелариите на управните служби на  МВР поднел барање за македонски пасош, се фотографирал и 5 дена подоцна си го земал македонскиот пасош со украден идентитет на Мустафа Појуков. Македонската полиција дури на 26 февруари 2021 го открила неговиот вистински идентитет.

Според српските и црногорските медиуми, Радоје Живковиќ е братучед на водачот на картелот Кавачи, Радоје Звицер и кум на Вељко Беливук познат како Веља Невоља. Неколку дена по апсењето на Веља Невоља на почетокот на февруари 2021, Радоје Живковиќ преку босанскиот портал „Провјерено” упати директни закани до СНС - партијата на српскиот претседател Александар Вучиќ. Според податоците на безбедносните служби, објавуваат српските медиуми, Радоје Живковиќ бил задолжен за координација на активностите на Веља Невоља во Србија, вклучувајќи и подготовки за атентат врз високи политички фигури. Истрагата на српското обвинителство сѐ уште трае, а Радоје Живковиќ е сѐ уште во бегство користејќи го македонскиот пасош со украдениот идентитет на Мустафа Појуков.

Последната акција на црногорското обвинителство против картелот Кавачи е извршена на 23 април годинава кога по добиени детални податоци од службите во Холандија, Белгија и Велика Британија било откриено дека била планирана ликвидацијата на Милиќ Миља Шаковиќ нарачана од Радоје Звицер и Милан Вујотиќ.

На 27 јануари 2020 година во 16.48 часот Љубомир Лаиновиќ баран со две меѓународни потерници од Интерпол Атина и Интерпол Белград влегол во управните служби на македонското Министерство за внатрешни работи, потпишал барање за пасош, се фотографирал, оставил отпечаток од прст и на 31 јануари истата година станал македонски државјанин, со македонски пасош и нов идентитет – Зоран Сотир. Лаиновиќ е во бегство и е главниот осомничен за ликвидацијата на лидерите на криминалниот клан Шкаљари – Игор Дедовиќ и Стеван Стаматовиќ.

Според податоци од безбедносните служби на Србија и на Грција, и обезбедените докази од црногорските истражители, Лаиновиќ, припадник на кланот Кавачи, е атентаторот кој на 19 јануари 2020 година во Атина ги убил Дедовиќ и Стаматовиќ. На Лаиновиќ, 1,5 месеци по вадењето на македонскиот пасош, му се губи секоја трага, и тој сѐ уште е во бегство.

Инаку и Дедовиќ и Стаматовиќ се на списокот на криминалците кои поседувале македонски пасош со лажен идентитет. Игор Дедовиќ тоа го сторил уште на 20 декември 2017 во Скопје и добил македонски пасош со украден идентитет на Горан Тасевски. Стеван Стаматовиќ на 12 ноември 2018 година поднел барање за македонски пасош по што добил таков документ со украден идентитет на Емил Филипов. На 15 ноември 2018 година Стаматовиќ, како Емил Филипов ја поминува македонската граница.

И Саво Лопичиќ има македонски пасош. За него има сомневања дека тој е човекот кој ги предал Дедовиќ и Стаматовиќ на Лаиновиќ за да го изврши атентатот врз нив. Инаку и Лопичиќ од август 2020 година е исчезнат. Неговиот „македонски идентитет“ на македонскиот пасош е Димитар Тупалски. Лопичиќ на 18 декември 2018 година во 11.10 часот поднел барање за пасош, се фотографирал и оставил отпечаток од прст, а истиот ден во 17.30 часот си го подигнал македонскиот пасош. Тој од Македонија со македонскиот пасош на име Димитар Тупалски излегол на 21 декември 2018 година.

И за сето ова и по последното судско рочиште за аферата „Двојник“ (издавање на фалсификувани македонски пасоши со украдени идентитети) вчера е донесена уште една пресуда од три години затвор за службеникот во МВР Фарук Буки. Вчера се осудени и службениците Весна Колевска и Бранислава Шпишиќ условно на една година затвор доколку во наредните три години сторат друго кривично дело. Претходно се осудени уште осум лица, шестмина вработени во МВР, кои ја признаа вината, а максималната изречена казна беше две години и пет месеци затвор. Официјалната бројка на издадени фалсификувани пасоши е 215. Oд обвинителство велат дека истрагата за нарачателите е во тек.

А.Д.

Со две потерници за перење пари Елвис Влади влегува во МВР и без проблем добива македонски пасош

Припадници на ИСИС со македонски пасоши слободно шетале по светот

Четворица светски наркобосови лани во ист ден добиле македонски пасош

 

Бобан Томовски, соработник на Седат Пекер, приведен на аеродромот во Истанбул

Седат Пекер преку видеопораки се пресметува со Турција и се фали дека бил пријател со македонскиот премиер

ВМРО-ДПМНЕ: Балкански мафијашки босови легално си добивале македонски пасоши со помош на Заев и Спасовски


Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе