Нема кој да го затвори каменоломот кај Превалец

Водата во реката Тополка и натаму се загадува, а газдата се пресметува со инспекторите

Продолжува загадувањето на реката Тополка од испусниот канал на фирмата „Каменолом техно павер", која стопанисува со фабриката за вар и каменолом Превалец кај Велес. Во водата измерени се концентрации на суспендирани честички и неколку пати поголеми од максимално дозволените.

Ова во декември лани го констатирале инспекторите од инспекторатот за животна средина, кои издале забрана за испуштање на отпадната вода на фирмата во реката Тополка. Но и покрај забраната, состојбата на терен што ја сними нашата екипа во почетокот на месецов покажува дека водата во Тополка е бела од отпадната вода од фабриката. Од инспекторатот се зачудени од нашите фотографии направени во почетокот на месецов, бидејќи кога тие биле на терен, констатирале дека фирмата ја почитува забраната, односно немало испуштање вода од испусниот канал во Тополка.

Инспекторатот ги чека и резултатите од анализите од пробното тестирање за влијанието на бучавата емитирана во животната средина од инсталацијата врз населеното место Превалец, како и од мерењата на емисии на прашина од статичен емитер на печка. Земен е и примерок од отпадната технолошка вода од испусниот канал. Доколку и овие анализи се позитивни и покажат загадување и бучава над дозволеното, од инспекторатот велат дека ќе преземат соодветни инспекциски мерки во согласност со А-дозволата за усогласување со оперативен план, како и Законот за животната средина. Какви - не откриваат.

Состојбата со загадувањето, на која се пожалија пред нашата екипа жителите на Превалец, е таква со години. Инспекторите дури лани во декември се окуражија да се зафатат со систематски преглед на загадувањето и бучавата.

Жителите чии куќи се на педесетина метри од фабриката ни се пожалија дека постојано живеат во еден голем облак од прашина од фабриката, дека бучавата е неиздржлива, особено кога се врши минирање, а водата во реката нонстоп е побелена без жив свет во неа. Иако реагирале, институциите со години биле глуви на нивните апели.

При последните контроли, додека си ја вршеле работата, инспекторите биле под закана од лица вработени во фабриката, како и од еден од сопствениците, за што е информирана и полицијата. Исти закани добивме и ние - да не фотографираме, да го заборавиме бројот на газдата бидејќи сме биле „инструирани“ и некој „нѐ натерал баш сега да истражуваме за загадувањето таму“.

Во телефонскиот разговор со газдата на „Каменолом техно павер“, во обид да добиеме изјава и од другата страна, ги добивме следните одговори:

Не сакам да ме замараш, заборави го мојот број. Кој си ти фактор да ме испитуваш. Дојди утре во канцеларија во 10 часот, ќе видиме дали ќе дадам изјава.“

И бидејќи „падна договор“ да се сретнеме во седиштето на неговата фирма сместена на патот накај Бардовци во Скопје, нашата екипа по неколку одложувања претпладнето тргна накај Бардовци да ги чуе одговорите од сопственикот. Но на половина пат натаму се јави газдата со закана дека ако не стигнеме за пет минути, да не доаѓаме затоа што тој излегувал на состанок. Понудивме одговори да испрати и на мејл, но ни нив не ги добивме за повеќе од десетина дена.

Од инспекторатот за животна средина детално ги опишаа патешествијата на нивните инспектори при обидот да си ја вршат работата. Велат дека ги чекаат, но не знаат до кога, испитувањата што сама си ги прави фирмата во договор со акредитирана лабораторија, а на кои поради сомневање за претходните резултати присуствувале и тие.

На денот на извршувањето на пробно тестирање на влијанието на бучавата во животната средина, одредено физичко лице, вработено во ДПТУ „Каменолом техно павер“ ДООЕЛ извоз-увоз Скопје, вербално го нападна, омаловажуваше и попречуваше инспекторот за животна средина во извршувањето на својата службената должност. Ова физичко лице е уредно пријавено во полицијата во Велес, од чија страна е поднесена соодветна пријава.

Во средината на месец декември 2017 година, извршени се мерења на емисии на прашина од статичен емитер на печка, како и земање примерок од отпадна технолошка вода од испусниот канал. Во периодот додека се извршувани овие активности, еден од сопствениците на правното лице „Каменолом техно павер“ го вознемируваше и оневозможуваше државниот инспектор за животна средина во извршувањето на својата службената должност. За овие настани пријавено е во полициска станица од општа надлежност Велес, од чија страна се преземени соодветни законски мерки“, информираа од инспекторатот.

Од таму се зачудени од нашите фотографии бидејќи кога тие биле на терен констатирале дека фирмата ја почитува забраната, односно дека немало испуштање вода од испусниот канал во Тополка.

Го прашавме и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, како планира да го реши проблемот со загадувањето на велешани.

Надлежните служби на општина Велес на првите реакции на граѓаните за штетно влијание на загадувањето со штетни честички на прашина од фабриката во Превалец се обратија до надлежното Министерство за животна средина и просторно планирање, поконкретно до државниот инспекторат за животна средина, заради фактот што фабриката во Превалец е инсталација. А тоа не е во надлежност на општината, туку на министерството. Немаме официјален одговор до каде е стигната постапката, но неофицијални податоци имаме дека постапката е во тек“, изјави Коцевски.

Од Министерството за економија пак ни одговорија дека концесијата за експлоатација на минерална суровина – варовник за овој локалитет во 2013 година ѝ е дадена на фирмата ДПГТУ „УС-констракшн“ експорт - импорт ДООЕЛ Куманово.

Од страна на државниот инспекторат за техничка инспекција, при вршење редовен инспекциски надзор, е констатирано дека рударските работи ги врши фирмата 'Каменолом техно павер' со сопствена механизација и договор за деловно-техничка соработка“, нѐ информираа од Министерството за економија. Од таму објаснија дека концесијата не е пренесена и е на друга фирма, но главните работи согласно со регулативата може да ги врши друг, како во случајот „Каменолом техно павер“.

И додека загадувањето во Превалец чека институционално решение, на теренот загадувањето на реката и на околината е видливо и со голо око.

Александра Филиповска

Фото: Ване Михајловски

Објавено

Четврток, Јануари 18, 2018 - 11:16

Владите постојано ги повторуваат истите грешки. Тие го сметаат долгот како предност за долгорочен раст, наместо она што тој всушност е: тежок товар и извор на масивни долгорочни ризици.

повеќе

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе