Во желбата за „чист“ македонски јазик политичарите го згрешија чистиот македонски јазик

Спогодбите за соработка и за транспорт од 1996 година, Времената спогодба за трговија и трговски прашања од 2001 година, како и Рамковната спогодба за правилата за соработка во врска со финансиската помош од ИПА-програмата од 2007 година, се дел од мноштвото меѓународни договори и документи што Република Македонија ги потпишала со европските институции на македонски јазик. Прашањето за употребата на јазикот во нив доаѓа откако Владата завчера го потпиша Договорот со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража – Фронтекс.

Нема дилема дека Македонија и досега ги потпишуваше договорите на македонски јазик, вели Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика, откако земјава го потпиша Договорот со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) со кој се регулира статусот на пограничните служби и соработката со европските погранични органи.

„Разликата е во именувањето на јазикот. Досега се користеше клаузулата дека договорот е составен на ‘службените јазици на страните’, додека во овој договор таксативно се наведени службените јазици на кои тој е составен и изрично се вели ‘македонски јазик’. Инаку, ова требаше да се случи веднаш по Преспанскиот договор, но тогаш Предлогот на Европската комисија за потпишување статусен договор за Фронтекс од октомври 2018 година го блокира Бугарија. Комисијата поднесе нов предлог во септември 2022 година, откако во Европската Унија беа поднесени декларации за македонскиот јазик, од Бугарија и од Македонија“, вели Ристевска Јорданова.

Таа објаснува дека сите досегашни меѓународни договори што ги потпишуваше Република Македонија се потпишани без фусноти - нешто што власта сега го потенцира како успех дека Договорот со Фронтекс е потпишан на „чист македонски јазик“ без фуснота, односно без никаква забелешка.

„Секако дека немаше фусноти, но не се споменуваше експлицитно ‘македонски јазик’“, вели Ристевска Јорданова.

Желбата за политички поени е причина за погрешна употреба на македонскиот јазик

Одговор на прашањето што значи тоа дека Договорот со Фронтекс е потпишан на „чист македонски јазик“ без фуснота треба да дадат претставниците на власта, вели Ристевска Јорданова. Таа смета дека во желбата политички да поентираат, од власта целосно погрешно го користат терминот „чист македонски јазик“, термин што вообичаено се употребува за стандардниот македонски јазик, со почитување на правописните правила.

„Претпоставка е дека и досегашните договори биле на ‘чист македонски јазик’, дека биле лекторирани, објавени во Службен весник. Она што веројатно сакаат да го кажат е дека нема фуснота на одредбата за јазикот во текстот на договорот за Фронтекс, како што првобитно бараше Бугарија во нејзината рамковна позиција од 2019 година, во која ги формулира своите барања. Имено, Бугарија првобитно бараше кај ‘македонски јазик’ да има фуснота ‘во согласност со Уставот на Република Северна Македонија’. Но во договорот нема фуснота. Сепак постои декларација на Бугарија за македонскиот јазик во ЕУ приложена кон Преговарачката рамка дека македонскиот е само дијалект на бугарскиот јазик“, вели Ристевска Јорданова.

Поранешниот вицепремиер за европски прашања Ивица Боцевски се чуди од каде толкава еуфорија кај првите луѓе од Владата и мисли дека договорот е потпишан на „нивниот ‘чист македонски јазик’, којшто е веројатно различен од стандардниот македонски јазик“.

„Постои Устав на Република Македонија, Закон за меѓународни договори, а и Виенска конвенција за меѓународно право на меѓународни договори од 1969 година, чиј потписник е Македонија, како земја-наследничка на Југославија. Покрај тоа постои Директорат за меѓународно право при Министерството за надворешни работи (МНР), државен протокол при МНР, самото МНР, Владата, Собранието и Уставниот суд. Нормално, постои и воспоставена пракса. Уште поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) потпишувала договори на македонски јазик, како еден од нејзините три службени јазици. Впрочем првиот договор помеѓу СФРЈ и Европската заедница, меѓу другите го преговараше и го потпиша тогашниот сојузен министер, предложен од Социјалистичка Република Македонија (СРМ), Стојан Андов. Освен тоа, непотпишувањето меѓународен договор, во име на Македонија, на кој било друг јазик освен на македонски јазик и на неговото кирилско писмо е тешко кривично дело“, вели Боцевски за МКД.мк.

Фактите говорат едно, политичарите тераат друго

Додека фактите прецизно ја покажуваат состојбата, политичарите не престануваат со препукувањата кој, дали и за што извојувал уште една дипломатска победа во Европската Унија.

На вчерашната седница во Собранието, координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески рече дека договорот со Фронтекс претставува прв официјален договор со ЕУ на официјален македонски јазик, без фусноти, без никакви додавки и појаснувања.

„Ова е исклучително важен и историски настан за македонскиот народ, затоа што целосно се потврдува македонскиот јазик во ЕУ и се издигнува на рамниште на сите други 24 јазици во Унијата. Одлуката што ја донесовме во Собранието за почнување преговори со ЕУ, со прифаќање на заклучоците за заштита на македонскиот јазик и идентитет, се потврди дека е вистинска, државничка и патриотска“, рече меѓу другото Митрески.

Реагираше Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека и претходните договори со ЕУ се потпишувани на македонски јазик.

„Тоа е јазикот што го зборуваме, а ако вие имате некој друг македонски јазик, тоа е ваш проблем. Да сме се радувале дека на македонски јазик сме потпишале договор!?“, рече Мицевски.

Покусо не останаа ниту поранешните премиери Зоран Заев и Никола Груевски. Тоа што за првиот е „македонски сон и реалност“ за вториот е „кампања за некоја идна отстапка на власта“.

По потпишувањето на договорот со Фронтекс, Заев на својот фејсбук-профил напиша дека „Северна Македонија потпиша договор со ЕУ на којшто стојат потписите на сите земји членки на Европската Унија.“

„Ееееј... Грција и Бугарија потпишаа договор со нас на МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК! Сега веќе не треба да веруваме, СЕГА ВЕЌЕ ЗНАЕМЕ зошто беше храброста, решителноста, визијата... Радувај се, мој македонски народе! Испишавме историја!“, напиша Заев на фејсбук.

И Груевски својот став го искажа преку Фејсбук. Тој пишува дека меѓународните документи и порано и сега, и во иднина се потпишуваат и ќе се потпишуваат на македонски јазик, со кирилично писмо и најчесто се потпишува уште и на англиски и/или некој друг јазик, зависно со кого се потпишува документот.

„На ист начин функционираат сите држави. Никој досега не побарал од Македонија да не биде така. Тоа не е предмет на спор или дебата со никого. Тоа не е тема во ниту еден спор. Отворениот спор од надвор е за тоа како се викал тој јазик до 2 август, а не како се вика потоа и денес“, напиша Груевски. 

Искра Опетческа

Објавено

Петок, Октомври 28, 2022 - 12:56

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе

Влијанието на корупцијата врз економијата е значајно. Корупцијата може да доведе до неефикасност и погрешна распределба на ресурсите, да ги обесхрабри странските инвестиции и да ја поткопа конкурентноста на фирмите.

повеќе