Избори или не во Европа

Во Србија, Исланд и Францијa и покрај пандемијата - избори, во Полска и Велика Британија одложени

Меѓу процесите кои се погодени од пандемијата на ковид-19 се и изборните. Европските лидери се справуваат со нова ситуација, планирани избори пред пандемијата – локални, регионални, парламентарни, претседателски, референдуми, но короната го запре целокупното дотогашно функционирање на општествата, па го доведе во прашање и одржувањето на гласачките процеси во новонастанатата ситуација.

li

Владите, политичките партии, електоратот во европските земји се изрични дека здравјето на граѓаните е пред се и фокусот е борбата против ковид-19, особено со оглед на тоа што во справувањето со вирусот треба да се почитува физичката дистанца. Сите влади, и оние чии мандати се истечени се фокусирани на менаџирање на коронакризата. Сепак голем број европски земји се соочуваат со сериозни политички прашања, поради што е потребно изборите да се одржат што е можно поскоро, кога епидемијата ќе го овозможи тоа.

Македонија е пред одржување на десеттите парламентарни избори од осамостојувањето, кои беа одложени поради пандемијата на ковид-19. Државата нема функционален парламент и политичка влада. Втората „пржинска“ влада овој пат поради коронакризата остана повеќе од сто дена. Парламентарните избори беа закажани за 12 април, па одложени поради вонредната состојба и ширењето на коронавирусот. Изборниот процес беше прекинат на 22 март со заклучок на ДИК, а по донесената Уредба со законска сила од Владата.

Партиите кои учествуваат на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски во вторникот не се усогласија за датум, а на почетокот на следната недела ќе има нова лидерска, за која вчера лидерот на СДСМ Зоран Заев изрази уверување дека ќе заврши со усогласен датум за избори.

„Здравјето на граѓаните е пред се, никој не брза да оди на избори и не сака веднаш да оди на избори, но треба да се земе предвид фактот дека коронакризата одминува, а земјата нема функционален парламент, нема политичка влада која треба да ја носи одговорноста“, порача вчера Заев во интервју за Телма, во кое потенцира дека ние сме единствена европска држава, која во моментов нема функционален Парламент и додаде дека изборите би се одржале за четириесетина дена, во втората половина на јуни.

Земјава е во вонредна состојба. Втората 30-дневна вонредна состојба завршува в сабота на 16-ти мај, а Владата сѐ уште нема одлука дали ќе побара нејзино продолжување.

Изминатите денови бројките од здравствените власти покажуваат намален интензитет на болеста, почна и олабавувањето на рестриктивните мерки. Институтот за јавно здравје вчера регистрира 24 оздравени пациенти, починати од Ковид-19 вчера имаше три лица, а од 309-те тестирања потврдени беа 20 нови случаи.

Лидерот на СДСМ вчера во однос на гласањето рече дека во услови додека се уште има присутност на коронавирусот нема многу суштински да се смени гласањето бидејќи, како што напомена и до сега се внимавало на избирачкото место, без групирање и запазување на редот.

„На избирачкото место и во нормални околности, односно без ваква состојба како што е со коронавирусот, нас не не пуштаат да влеземе додека не излезат тие што гласаат или пак да се групираме по ходниците бидејќи можно е да се влијае врз гласачите. И овој пат тоа ќе биде така. Ќе се знае дистанца определена од 1,5 до два метра, колку што е според здравствената комисија, носење на маски итн. Се влегува се подава лична карта на дистанца, при легитимирањето ќе ја симнеме маската потоа ја враќаме маската и понатаму поминуваат стандарните дејствија. На влезот и на излезот дезинфицирање, а ако треба државата и да купи пенкала тоа ќе го направи, ќе купи еден милион и 800 илјади пенкала што од прилика чини 150.000 евра“, истакна Заев во гостувањето на ТВ Телма.

Тој нагласи дека покрај гласачите и избирачкиот одбор треба да биде заштитен и дека очекува за тоа да се изјасни Комисијата за здравство како би се спровело сето тоа.

Во Србија избори на 21 јуни, истиот датум се споменува и за вториот круг од локалните во Франција.

И Европа, која како и целиот свет се справува со пандемијата од Ковид-19, исто така се соочува со ситуации поврзани со изборни процеси, референдуми, стравувања за здравјето на граѓаните…

Во Србија, која од завчера ги отвори границите, Собранието претходно донесе Одлука за укинување на вонредната состојба како и дека изборниот процес ќе продолжи, заедно со предизборната кампања, а граѓаните на Србија ќе излезат на гласање на 21 јуни.

На седницата на Националното собрание, премиерката Ана Брнабиќ рече дека услов за укинување на вонредната состојба е дека „повеќе од седум дена, има помалку од 5 отсто од заразените во однос на бројот на тестирани“.  Брнабиќ рече дека тој услов е исполнет и заклучно со 28 април тој процент е под пет отсто и дека се исполнети шест критериуми на Светската здравствена организација.

Гласачите во Франција на 15 март излегоа на локални избори, откако Владата донесе одлука да ги одржи и покрај забрзаното ширење на коронавирусот во таа земја во тој период. Вториот круг од локалните избори во Франција е одложен. Резултатите од првиот круг на изборите остануваат валидни. Вториот круг се споменува да се одржи на 21 јуни.

Изборната комисија на Велика Британија му препорача на Парламентот изборите за градоначалник на Лондон, собранието во Лондон, локалните избори во Англија и Велс и изборите за регионални полициски и комесари за криминал, закажани да се одржат на 7 мај 2020 година, да се одложат за да се ублажат физичките контакти за време на изборната кампања за избори.  Врз основа на тој совет, владата на Велика Британија донесе законска регулатива за одложување на изборите до 6 мај 2021 година.

Во Полска беа одложени изборите за претседател на државата, кои требаше да се одржат на 10 мај. Партиите се согласија сепак, да се одржи гласање преку пошта, но резултатите ќе бидат ништовни и регуларно ќе се одржат избори во јули или август.

Италија планираше да одржи уставен референдум на 29 март, за гласачите да одлучат дали ќе го намали бројот на пратеници. Референдумот е одложен и не е одреден датум за негово одржување.

Во Германија имаше регионални избори на 15 март. Јужниот регион Баварија, вториот најпогоден регион од вирусот во државата, одржа избори на 15 март. Канцеларката Ангела Меркел не објави „радикални мерки“ на национално ниво  до следниот ден. Луѓето вклучени во организација на изборите носеа ракавици, а на гласачите им беше дозволено да носат свои пенкала. Одзивот беше поголем од последните избори пред шест години, иако официјални лица овој пат регистрираа поголем број поштенски ливчиња за гласање.

Во Европа на повидок се и други избори, Исланд има претседателски во јуни, во Франција во септември треба да се одржат избори за Сенатот. Во октомври избори има во Австрија, Босна и Херцеговина, Чешка,  Грузија, Литванија, Молдавија, Црна Гора и Украина.

 

 

Легенда под Главна слика

li

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе