До полноќ

Во Собранието по вечерната пауза гласање за избор на нова влада

Во вечерниот дел на собраниската расправа за избор на нова влада продолжија препукувањата меѓу пратениците од власта и опозицијата за тоа што направила досегашната власт и беа изнесени критики кон програмата предложена од мандатарот Зоран Заев, кој бара поддршка за вториот владин кабинет.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Дајанчо Ефтимов, Александар Велјановски и Петар Ристески говореа за новата програма на владата која, како што велат, нема конкретни проекти да понуди за граѓаните, вреди колку што вреди зборот на Заев и е збир на нереални ветувања.

Според пратеникот Костадин Костадинов од СДСМ, за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо тоа што денес сме 30 земја членка на НАТО и започнуваме преговори со ЕУ, затоа што, како што рече, не успеаја нивните намери да ја закочат иднината.

Овие два дена сме сведоци на екстремистичка реторика која разочарува, затоа што ни кажува каков ќе биде односот на опозицијата кон овој парламентарен дом. Но ниту екстремистичката реторика, ниту заканите кон Парламентот не може да ја скријат вистината, а тоа е дека на 15 јули граѓаните го одредија патот по којшто теба да се движи Северна Македонија, рече Костадинов.

Според него, секогаш од осамостојувањето па до денес, кога СДСМ ја имал честа да ја предводи државата, ги носел тешките и крупните, но државнички одлуки, но и во интерес и на граѓаните и на државата.

Токму тоа се случуваше и во овие три години во оваа влада предводена од премиерот, а сега и мандатар Зоран Заев. Со храброст и решителност го отворивме прашањето што сите влади се плашеа да го отворат. Ја тргнавме и последната пречка од нашиот евроинтеграциски пат и ја внесовме Северна Македонија за три години таа сега е 30-та членка на НАТО и почнуваме преговори со ЕУ, рече Костадинов.

Оцени дека најголемата опозициска партија се занимава со секундарни прашања, два дена нема ништо суштинско и како што рече, луѓе кои се занимаваат со секундарни прашања, а не со интересите на граѓаните имаат недостиг на аргументи.

Наместо национализам да повикаме на национален консензус да ги сплотиме силите. За таа цел очекувам од овој момент дека ќе го искористите правото на реплика да дебатираме за суштински работи, им порача Костадинов на пратениците од опозицијата.

Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците во реплика до Костадинов рече дека имаат кревко мнозинство кое не им дава надеж за работата на оваа влада.

Сакам да им укажам на двете поголеми партии на оваа колаиција да се откажат да пробијат во албанскиот опозициски блок, да не се сооочите со тужба за купување пратеници. Наместо ДУИ да се реформира, СДСМ се дуизира, вие сте како сијамски близнаци, рече Рашиди.

Исто така во реплика до Костадинов пратеничкатата на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска рече дека нема да гласа за новата Влада бидејќи старо-новите кадри не покажале досега реформи, а и изрази уверување дека и во иднина нема да покажат.

Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека владината програма не нуди никакви решенија, ниту план за тоа како да се намали иселувањето, додека имаме пет илјади граѓани кои живеат на работа на сиромаштија.

Не очекувам брз крај на оваа влада, иако искрено го посакувам, но очекувам да се случи народ и народот да биде тој, што ќе стави крај на овој владин состав. Затоа што, верувам дека народот заслужува народна влада, наведе Петрушевска.

Даниела Колева од СДСМ, и реплицираше дека колегите од ВМРО-ДПМНЕ како да живеат во друга држава, кога велат дека претходната влада ништо не направила.

Оваа влада и овој премиер нудат напредок, прогрес и меѓуетничка интеграција, а ВМРО-ДПМНЕ нуди скратени права и слободи и поделба на наши и ваши. Одиме напред со овој премиер и министри, кои покажаа дека знаат и умеат, изјави Колева.

Претходно, собранискиот спикер Талат Џафери се пријави за збор процедурално, откако пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Петрушевска го нарече „предавник" пратеникот од мнозинството Зеќир Рамчиловиќ. Двајцатa се од скопската општина Петровец и си разменија неколку реплики и контрареплики пред да реагира Џафери.

Редно е некој да реагира процедурално, еве јас ќе реагирам. Далеку ќе одиме вака „енглески". Како поискусен, можеби по мандати, мислам дека со време ќе ви помине и оваа фаза на вокабулар. Затоа очекував некој да укаже, но не треба бидејќи јас ќе реагирам процедурално, кажа Џафери.

Халил Снопче од Алијанса за Албанците упати критики кон програмата на новата влада изразувајќи критики и дека во изминатите четири години не е ништо направено во борбата против коруцијата, инфраструктурата, дигитализацијата, инвестициите во човековиот капитал, за регионалниот развој, иселувањето на луѓето...

Димитар Апасиев од Левица, пак, укажа дека во новата влада на клучните места нема припадници од другите националности.

 Имаме најмногу економисти, дури осум, етнички имаме 112 Македонци и Албанци. се чудам зошто нема Турци или Роби или Срби или Власи. Има 16 мажи и четири жени, во поглед на сексуалната определеност не би навлегувал, рече Апасиев.

Посочи и дека согласно Уставот не постои функција потпретседател на влада, и според него, тоа се измислени функции на владата, кои, како што рече, не постојат во нашиот уставен поредок.

Заевизмот го нарековме највисок стадиум на груевизмот. Тогаш беше заробена држава, а сега е хибриден режим според Ксенофон, преку четири елементи кои ние ги имаме. Имаме доминација на приватните и бизнис интереси, значи концентрација на богатство и моќ, второ имаме арбитрарнст и страховлада, третата одлика е напната и нездрава заверничка атмосфера, и последната одлика е некадарна администрација составена од чинвници и подлизурковци кои ќе доведат до здивена корупција, рече Апасиев.

Собранискиот спикер Џафери прогласи пауза од половина час, по што се очекува да продолжи расправата и гласањето за новата влада.

Каракачанов: На Бугаринот паметот му доаѓа следниот ден...

повеќе

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе