Во Протоколот министерот Османи потпишал обврски за Македонија што не биле договорени во Комисијата

„Тоа прашајте си во МНР“, беше одговорот на членовите на македонскиот тим од Заедничката експертска комисија на Македонија и Бугарија на прашањето на новинарите за, според Протоколот, обврската преземена за некој урнек на лекција за цар Самоил и за промени во учебникот по географија во 7. одделение.

На вчерашниот брифинг со новинарите на повтореното прашање за овие обврски од Протоколот потпишан на 17 јули меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и на Бугарија Бујар Османи и Теодора Генчовска, македонските членови на Комисијата одговорија дека тие за тоа воопшто не разговарале со своите бугарски колеги.

Во Протоколот, во делот „Темата за историјата“ пишува дека македонската влада „ќе подготви и достави прелиминарен урнек“ од лекција за 7. одделение на темата Самоилова држава.

Во истиот документ пишува дека двете држави, преку надлежните институции, треба да „подготват и претстават предлог-текстови за лекции врз основа на препораките на Комисијата“ за настаните и историските личности од „заедничката историја за кои Комисијата постигнала согласност“, и да ги земат предвид „содржините на натписи на табли, историски споменици, споменици и информациски материјали во музеи и други објекти од образовно и културно значење, како и во информативни медиуми во јавна сопственост... Владите на двете земји на заедничка церемонија ќе откријат обновени табли на тврдината на Цар Самуил во Охрид, кои ќе ги одразуваат препораките на Комисијата“.

Во делот од Протоколот насловен „Мерки што треба да бидат преземени по одржувањето на Меѓувладината конференција за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори“, македонската влада презела обврска до почетокот на учебната година 2023/24 да ја промени содржината на учебникот по географија за 7. одделение, поради „неосновани етнички/територијални претензии“.

„Двете држави се согласија, при утврдување на други случаи на неосновани етнички/територијални претензии во учебници и учебни помагала, тие да бидат извадени од образовните програми и нивната содржина да биде променета“, пишува во Протоколот.

Урнек на лекција за Самоиловата држава нема, рекоа на вчерашниот брифинг. За какви натписи и табли по споменици низ Македонија и Бугарија станува збор – не се знае.

Од она што може да се разбере за учебникот по географија за 7. одделение во Македонија, се чини дека станува збор за лекцијата за последиците од Букурешкиот мировен договор од 1913 година, со кој Македонија беше поделена.

Со потпишувањето на Протоколот Османи всушност се согласил дека описот на историските факти за Букурешкиот договор за поделбата на македонската територија меѓу Србија, Грција, Албанија и Бугарија е со етнички и територијални претензии.

Од одговорите на македонските членови на Заедничката комисија се гледа целосна некоординираност меѓу Комисијата и македонското МНР и навлегување на политиката длабоко во толкувањето на историските прашања. Од потпишувањето на Протоколот до денес нема официјална реакција од македонскиот тим на Заедничката комисија за длабокото мешање на политиката во нивната надлежност.

Професорот Ванчо Ѓорѓиев, еден од членовите на оваа комисија, лани во октомври поднесе оставка токму поради „отворените обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата...“. Веднаш потоа со изјави се јавија и министерот Бујар Османи и копретседателот на Комисијата Драги Ѓоргиев, кои рекоа дека такво нешто никогаш немало.

А.Д.

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе

Шоковите кои се случуваат истовремено и распадот на меѓународната соработка го направија управувањето со кризи невозможно - барем со користење на стандардните алатки. 

повеќе

Oд Словото за академик Божин Павловски, 80 години од раѓањето и 60 години од неговото творештво.

повеќе