По објавувањето на официјалните резултати од изборите

Во преговорите за формирање влада не се исклучуваат трансфери на пратеници во сите правци

Многу сиромашни се информациите од партиските штабови за тоа како одат преговорите за формирање ново владино мнозинство. Официјалните резултати од предвремените парламентарни избори навистина нудат голем број комбинации и многу непознати равенки. Во игра повторно е менувањето на партискиот дрес или напуштање на пратеничката група и формирање нова.

СДСМ, преку партиско соопштение, најави дека ќе формира влада што „ќе работи уште повеќе и уште подобро и ќе го испорача резултатот кој го очекуваат граѓаните“. На ова ВМРО-ДПМНЕ одговори дека досегашната влада предводена од социјалдемократите не сработила „апсолутно ништо“ и не успеала „да реализира ниту едно ветување што го имаше во предизборна кампања“, па затоа граѓаните не заслужувале уште една таква влада.

Сепак, од таборот на ВМРО-ДПМНЕ многу помалку доаѓаат информации за можно формирање нова влада во споредба со соопштенијата за големиот корупциски скандал Рекет и за, како што велат, неспособноста на власта да се справува со епидемијата од коронавирусот. „За ВМРО-ДПМНЕ е важно да се почитува правото и правната држава и да се направи коалиција темелена на определбите за интеграција на државата во Унијата, но и коалиција што ќе ги почитува законите и владеењето на правото“, информираа од партијата.

На ова од СДСМ велат дека „сите пратеници во наредниот парламентарен состав ќе имаат можност да се приклучат кон прогресивните сили, предводени од СДСМ“, соопшти партијата, која како носител на коалицијата „Можеме“ на парламентарните избори од 15 јули освои најмногу пратенички мандати – 46.

Ова е веќе прва назнака за можни трансфери во Собранието.

Први ваквото решение за овие сѐ уште непознати равенки го најавија токму лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, во првиот ТВ-дуел за време на кампањата. Обајцата отворено рекоа дека е можен премин или поддршка на правилните политики на одреден број пратеници на спротивниот табор. Новиот пратеник на Левица Димитар Апасиев неодамна рече дека тоа веќе било завршена работа со веќе договорени пет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои за одредена цена ќе ја поддржат новата влада што ќе ја составува СДСМ.

Изминативе денови извори од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека водат неформални преговори за да се избере „најпогодниот коалициски партнер“. Кој е тој партнер?

Наједноставната равенка е 46 + 15 (пратеници на ДУИ) = 61. Но и за ова наједноставно решение има многу - „но“.

Од ВМРО-ДПМНЕ (44 пратеници) засега нема информации дали и со кого преговараат за „најпогоден коалициски партнер“ за парламентарно мнозинство, но велат дека прават напори за „составување влада на принципиелни основи и европски вредности“.

ДУИ веќе најави дека нема да коалицира со партии што не ги поддржуваат рамковниот договор и договорите со Бугарија и со Грција, а партиската потпретседателка Теута Арифи отворено вели дека не го гледа ВМРО-ДПМНЕ како партнер во новата влада.

Интегративците (ДУИ) полека се откажуваат од својот главен услов (за време на кампањата) прв премиер Албанец. Омекнувањето доаѓа како резултат на информациите дека и коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива е активна на ова поле и меѓу пратениците на ДУИ. Тоа подразбира и можен трансфер на одреден број пратеници од ДУИ во пратеничката група на АА/А.

Алијансата на Албанците е на ставот дека е отворена за разговор со сите партии за коалицирање, но потенцира дека со ДУИ потешко се гледа во ист владин состав, иако и таква коалиција не е исклучена како опција. Партијата смета дека што поскоро треба да се формира политичка и кредибилна влада, меѓу чии главни приоритети ќе бидат преговорите за членство со ЕУ.

„Сѐ е можно, но многу тешко и речиси невозможно е да се направи коалиција со ДУИ. Тоа е најтешко и не верувам дека ќе биде. Меѓутоа, повторно одлучуваат органите на партијата“, изјави Арбен Таравари, генералниот секретар на Алијанса за Албанците, на синоќешниот протест за демократија. Вчера лидерите на Алијанса и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, во обраќањето пред Канцеларијата на ЕУ во Скопје упатија барања до земјите-членки на ЕУ да не се признава легитимитетот на ДУИ како претставник на Албанците и да почне процес на реформа на Изборниот законик.

„ДУИ не е победник на овие избори, туку е крадец на албанската политичка волја. Може да ја има легалноста според ДИК, но никогаш нема да има легитимност за застапување на албанскиот народ во Северна Македонија. Ако сме земја што се стреми кон европска интеграција, слободата и демократијата треба да бидат клучен збор за оваа интеграција. Бараме од земјите на ЕУ да се осуди злоупотребата на правото на глас и да не се признае легитимноста на ДУИ како претставник на Албанците во Северна Македонија, како и да почне процесот на радикална реформа на Изборниот законик за идните избори да станат пример дека нашата земја ги исполнува европските стандарди за фер и демократски изборен процес“, порачаа од вчерашниот „Марш за демократија“ Алијансата за Албанците и Алтернатива.

Сите овие комбинации, заедно со повикот од судот во Хаг за Али Ахмети, само ја намалуваат „вредноста“ на бројот на пратениците на ДУИ, партија што во почетокот изгледаше како неизбежна во формирањето на новата влада. Од СДСМ за време на кампањата постојано изјавуваа дека е време интегративците по 18 години на власт да заминат во опозиција.

Левица (2 пратеници) засега најавува опозициско дејствување, иако нејзиниот лидер Димитар Апасиев не ја исклучува можноста партијата да поддржи евентуална влада што би ја формирале ВМРО-ДПМНЕ и сите останати партии на Албанците без ДУИ. Тука тој веројатно смета и на тие 4 пратеници од Беса од заедничката листа на коалицијата „Можеме“ на СДСМ.

За коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива прифатливо е мнозинството со СДСМ и ДПА (1 пратеник), но не и со ДУИ и Левица. Оваа формула значи 59 пратеници, што веднаш ги отвора шпекулациите за можни пратенички трансфери меѓу партиите на Албанците во Македонија.

Планот на дел од дипломатите во земјава за концентрациска влада во која би влегле сите поголеми партии (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и АА/А), без никаква улога на лидерите на партиите во извршната власт), засега тешко влегува во комбинација, пред сѐ поради суетите на лидерите на партиите.

Картите се на маса, преговорите во тек, останува само она за што и се организираа предвремените парламентарни избори - итно формирање функционални институции.

 

А.Д.

Јас, Ангела Илиевска , учесник во повеќе протестни движења низ годините наназад, со себе го носам товарот на мојата личност и идеалите кои ги застапувам низ сите тие движења.

повеќе

Германија не го негира своетo фашистичко минато, ниту дека ја окупирала Франција, па следствено, не се ни менувани ни учебниците во обете земји, ниту се бришани делови од споменични натписи.

повеќе

Некогаш, долго после нашава посета на овој свет ќе се појави некој кој ќе го интересира нашиот престој тука.

повеќе