Мешовита комисија

Состанок во Охрид како последна шанса, вратена варијантата „народите на двете држави“

Во средината на октомври членовите на мешовитата бугарско-македонска комисија за историските прашања ќе се сретнат најверојатно во Охрид. Можеби таму атмосферата ќе биде потолерирачка, велат членови на македонскиот дел од комисијата. По нивната последна средба во Софија и најавите на бугарскиот претседател Румен Радев, состанокот во Охрид можеби ќе биде и последниот обид за наоѓање решение за отворените прашања. Повторно била вратена варијантата „народите на двете држави“, а не „македонскиот и бугарскиот народ“.

На изјавата на Радев, претседателот на Бугарија, од македонска страна немаше никаква официјална реакција. Македонските членови на мешовитата комисија се договориле да не реагираат на изјавата на Радев, од македонското Министерство за надворешни работи исто така нема реакција, а без изјава или соопштение остана и претседателот Стево Пендаровски.

Бугарскиот претседател Румен Радев на заеднички состанок со бугарските членови на мешовитата комисија предупреди на можно редефинирање на бугарската надворешна политика во однос на членството на Македонија во ЕУ.

„Ако вие, почитувани господа, можете да дадете гаранција дека во рамките на преостанатиот еден месец, вашата комисија ќе ги реши сите спорни прашања, вклучително настани, личности, корекција на учебници, на натписи во музеи, споменици, на ставовите на јавните медиуми, тогаш бугарската влада ќе може да продолжи со политиката на поддршка на Република Северна Македонија во ЕУ. Ако не можете да дадете такви гаранции, треба власта да направи екстремни мерки за изработка на нов национален став“, изјави бугарскиот претседател Румен Радев.

Бугарските историчари последниот состанок на заедничката комисија одржан минатата недела во Софија го оценија како најнеуспешен и најнеплоден до сега. Од она што го дознаваме, на состанокот било побарано при дефинирањето на улогата на Гоце Делчев и можните заеднички прослави да не стои „македонскиот и бугарскиот народ“, туку „народите на двете држави“.

Членови на комисијата од Бугарија изјавуваат дека на последната средба во Софија се случил сериозен концепциски судир и делумна блокада на работата на комисијата. Бугарскиот тим инсистирал дека Гоце Делчев е Бугарин и дека целата средновековна историја на обете земји е бугарска.

„Јасна е видливата промена во позициите и обидот сѐ што е претходно договорено, дури и работи за кои никој не спори, повторно да се стават на маса. Како да немаат веќе желба да најдеме решение“, вели бугарски член на комисијата.

Според официјалната бугарска историографија до 1944 година, во двете земји има само еден народ, кој се поделил како резултат на последиците од документ на Коминтерната.

Патот до членство во ЕУ за Македонија е долг и тој освен преку Брисел, Париз и Атина мора да помине и преку Софија, потсетуваат бугарски дипломати.

А.Д.

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да го вратиш.

повеќе