Во врска со ситуацијата во Босна и Херцеговина, Османи оценува дека настаните од 90-те години нема да се повторат во регионот.
„Не сме во фаза кога ова може да се претвори во војна или конфликт“, вели тој, посочувајќи го присуството на НАТО.
НАТО, според него, е гарант за политичката предвидливост, стабилноста и безбедноста или, како што вели, „тоа е горивото што го прави моторот да се движи“.
Шефот на дипломатијата посочува дека решавањето на прашањето за пристапување во ЕУ со Северна Македонија и Албанија исто така ќе поттикне Србија и Косово „да го следат патот на помирувањето“.
„Со тоа го отворате патот и за решавање на прашањето на БиХ“, вели Османи, додавајќи дека судбината на регионот на некој начин зависи од отворањето на меѓувладините конференции со ЕУ.
„ЕУОбзервер“ додава дека високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Жосеп Борел даде слична изјава во понеделникот на средбата со шефовите на дипломатиите на ЕУ, истакнувајќи дека меѓувладините конференции со Северна Македонија и Албанија треба да се одржат што е можно поскоро, до крајот на годината.
„Доколку тоа не се случи, ќе има негативно влијание врз кредибилноста на Унијата и на целиот регион“, изјави Борел.
Бриселскиот портал потсетува дека со години се одложува почетокот на отворање преговори, што доведе до фрустрации во земјата. Европската комисија, додава „ЕУОбзервер“, посочи дека ова одложување ја загрозува поддршката на ЕУ за регионот и отвора пат за можно руско или кинеско влијание.
Во текстот уште се наведува дека Македонија во 2018 година се согласи да го смени името, по долгогодишниот спор со Грција. Бугарија оттогаш постави свои барања, поврзани со јазикот и идентитетските прашања.
„Нејасно е дали Бугарија ќе ја смени тактиката, но новата центристичка антикорупциска партија во Бугарија ‘Промената продолжува‘, најверојатно ќе состави нова влада. Освен изборите во Бугарија, и во Северна Македонија има политички превирања“, коментира „ЕУОБзервер, додавајќи дека „прозападниот премиер Зоран Заев поднесе оставка на крајот на октомври, за подоцна да ја повлече“.