По изјавите на Захариева

Внуката на Делчев вели дека Гоце бил Македонец (ВИДЕО)

Катерина Трајкова Нурџиева, внука на Гоце Делчев, уште пред неколку години изјави дека Гоце ќе се преврти во гробот ако дознае дека се води полемика дали тој бил Македонец или Бугарин. Таа вели дека нејзиниот дедо ќе се преврти во гробот ако дознае дека некој го присвоил името Македонија.

Таа раскажала дека уште на 16-годишна возраст тргнала по неговите стапки и го следела секој негов чекор. Нурџиева порача и дека Македонците треба да знаат дека Гоце и неговото семејство ѝ се посветени само на Македонија.

По изјавите на министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева дека Гоце Делчев е Бугарин и дека тука не треба да има каква било дискусија и по актуелното недоразбирање меѓу членовите на македонско-бугарската експертска комисија за тоа чиј бил Гоце Делчев, ова прашање ја разбранува македонската и бугарската јавност.

Бојан Маричиќ, советник на македонскиот премиер Зпран Заев вели дека ја подржува работата на комисијата која преговара за историја со Бугарија и дека по отворањето на прашањето за тоа чиј е Гоце Делчев, има информации дека Бугарија би можела или би сакала да го блокира почетокот на преговорите.

„А, она што се однесува на дискусијата во рамките на комисијата, ние таа комисија целосно ја поддржуваме, и сметаме дека таа комисија треба да се води со мудрост и со почит едни кон другите. Тоа е всушност и целта на комисијата. Исто така целта на комисијата е да овозможи едно зреење, растење во меѓусебниот однос и во односот кон минатото и сегашноста, и за историјата која што не поврзува“, вели Маричиќ.

Тој истакна дека точките, ликовите и настаните во историјата кои нѐ поврзуваат, треба да нѐ доближуваат, а не да нѐ разделуваат.

„Гоце Делчев самиот кажал што е по националност, односно Бугарин, тоа го напишал десетина пати. Сè додека продолжуваат да ги едуцираат своите ученици со лажниот национализам, ништо нема да се смени“, изјави Екатерина Захариева, шеф на бугарската дипломатија.

Вицепремиерот на Бугарија Красимир Каракачанов беше уште поексплицитен: „За мене ваквиот предлог е нескриен потсмев, што всушност го минира процесот на подобрување на односите меѓу двете земји. Досега, процесот со Скопје главно се потпира на великодушноста на Софија и посветеноста на меѓународните фактори. Но очигледно време е Бугарија да ја зацврсти својата позиција, слично како што направи грчката страна. Ако продолжи ова, бугарската делегација мора да стане од масата со сите можни последици за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и НАТО. Вината за тоа нема да биде наша“, рече Каракачанов.

Изјавата на Захариева следуваше по одржаниот прв состанок во понеделникот на заедничката меѓувладина комисија меѓу Македонија и Бугарија, која е формирана согласно обврските кои произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан речиси пред две години, на 1 август 2017 година, а со кој копретседаваат министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Никола Димитров и Екатерина Захариева.

Дводневната, шестата средба на Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, пак, се одржа на шести и седми јуни.

Академик Драги Ѓоргиев, кој е на чело на македонскиот експертски тим, не сака да ја коментира изјавата на Захариева, односно изјави на политичари, оти тоа е нивно видување на процесот, но може да зборува за она што го работела комисијата. За последната средба рече дека за бугарскиот експертски тим било неприфатливо 7 октомври да биде датум за заедничко чествување на Гоце Делчев, оти тој период го сметаат за дел од комунистичкиот режим кога се донесени одлуки кои биле погубни за бугарските национални интереси. Инсистирале заедничкото чествување да биде на 4 мај, денот на загинувањето на Гоце Делчев, датум за кој веќе е воспоставена традиција и кај двете земји.

„Датумот за чествување 7 октомври беше предложен во нашиот текст, како датум на предавање на останките на Гоце Делчев од Народна Република Бугарија на Народна Република Македонија, покрај други јубилејни датуми врзани за Гоце Делчев. Разговорите за чествувањето на ликот и делото на Гоце Делчев не се прекинати, напротив продолжија. Ние го имаме на знаење нивниот став дека за нив е неприфатлив датумот 7 октомври, меѓутоа продолжуваме да разговараме, утврдивме некои заеднички согласности околу биографски податоци за Гоце Делчев и ќе продолжиме и понатаму да разговараме. Следната средба ќе биде во првата половина на септември. Ние повеќе треба да се концентрираме на тоа зошто денес е важен Гоце Делчев за нас и за нив. Зошто ние го славиме, зошто тие го слават, и да најдеме решение. Дискусијата и расправата за одредувањето на неговиот идентитет е нешто што нема да даде резултат, нешто што повторно ќе создаде спротивставени мислења и гледања. Меѓутоа, аспектот дека се слави е важен и за Македонците и за Бугарите и може да создаде простор Гоце Делчев да биде мост меѓу двата народа и во тој правец јас го гледам напредокот. Секое наметнување на исклучив став од која било страна и чувство на триумф на едниот над другиот, дека едниот го победил другиот, е апсолутно деструктивно за работата на комисиите. Затоа, веќе реков дека работа на комисијата не е да има поразен и победник во овој дијалог туку да се најде решение со кое и двете страни нема да го изгубат своето достоинство“, објасни Ѓоргиев.

Комисијата веќе постигна согласност за заедничко чествување на светите Кирил и Методиј. Во фаза на изработка се препораките за средниот век, меѓу кои и тоа како да бидат претставени св. Кирил и Методиј во учебниците, оти и во нивните и во нашите се национализирани од денешен современ аспект, дека биле или Македонци или Бугари.

„За учебниците се согласивме и ги усвоивме препораките за праисторија и антиката кои ќе бидат доставени до владите. Во текот на овие два месеца ќе ги разменуваме нашите забелешки, ќе ги моделираме за да имаме прочистен текст на препораки кои ќе ги разгледуваме во Софија и евентуално ќе ги усвоиме препораките за средниот век и ќе им ги предадеме на владите. Меѓу другото, се работи за цел тој антички период и праисторија до раниот среден век“, објасни Ѓоргиев.

Пред неколку дена министерката за надворешни работи на Бугарија, Захариева изјави – „Ако не се договориме околу датата за чествување на сеќавањето на Гоце Делчев, нема да работиме во мешовита комисија со Македонија“. Ова говори дека ако владата на Заев ќе прифати сѐ што бара Бугарија, и дека за некој период ќе се дозволи Гоце Делчев да се прогласи за Бугарин.

Историчарот Петар Тодоров, член на заедничката историско-образовна комисија со Бугарија, во дебата на „360 Степени“, зборуваше за предлогот за заедничко чествување на Гоце Делчев.

„Јас ќе се пошегувам и ќе кажам дека е на мајка му и татко му. Депласирано е прашањето чиј е Гоце Делчев. Кога чествувате нешто заеднички, не чествувате затоа што тој бил Бугарин или Македонец, туку затоа што има нешто кај него што ве поврзува. Не може да им кажете на Македонците – ајде, ќе го чествуваме бидејќи Гоце Делчев бил Бугарин. Тоа нема никаква основа, и затоа мислам дека прашањето чиј е Гоце Делчев е депласирано и не може да биде предмет на дискусија, ако сакаме да имаме заедничко одбележување на личност која е силно застапена во историските традиции и во Македонија и во Бугарија“, рече Тодоров.

Тој вели дека Делчев припаѓа на наследствата на двете држави и тоа не може да се негира, без разлика како настанеле овие историски традиции.

„Кај нас е и дел од многу поважна работа, тој е и доста важен елемент, кога станува збор за државноста на Македонија“, рече Тодоров.

Тој оцени дека може да се дојде до договор, доколку има волја и дека потребна е макотрпна работа, а не ад-хок донесени решенија. Тодоров рече дека во предлогот стои 7 октомври и други датуми, а не само овој датум, и реагираше дека не треба дебатата да се води преку медиумите, туку на средбите на комисијата.

Членовите на комисијата ги критикуваат изјавите на бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, и велат дека таквите изјави ја отежнуваат нивната работа.

„Толкувањето на Захариева има политички и едностран карактер, мислам дека доколку се продолжи дискусијата на ваков начин тешко е дека ќе стигнеме до резултати“, сметаат македонските експерти.

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе