Во Собранието на Македонија

ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог за понишување на Законот за попис

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието поднесе Предлог на закон за престанување на важење на Законот за попис, по итна постапка. Зад партијата стојат над сто илјади граѓани со свој потпис, со име и презиме, и тие сметаат дека станува збор за фингиран попис и дека статистичката операција треба да се помести за друг период поради епидемијата со ковид-19, изјави пратеничката Иванка Василевска.

„Како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, поттикнати од огромната поддршка од граѓаните, но и од нашата борба против ваков фингиран попис, го поднесовме овој Предлог на закон за престанување на важењето на Законот за попис и бараме закажување на итна и неодложна седница на Собранието на која што ќе се изгласа овој Предлог на закон и ќе се стопира овој политички попис и оваа национална катастрофа во најава", изјави на денешната прес-конференција пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска.

Василевска во име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ апелираше до сите пратеници, без разлика на која политичка партија и коалиција и припаѓаат и без разлика на етничка и национална припадност, да го поддржат овој Предлог закон.

Пратеничката истакна дека за неколку дена за нивниот предлог за укинување на Законот за попис се потпишале сто илјади граѓани, кои, како што рече, со име и презиме, јасно и гласно го кажале своето мислење и недоверба и рекле големо „НЕ" за ваков попис.

„Сите факти и аргументи говорат дека власта подготвува политички фалсификат и нерелевантен и фингиран попис", рече Василевска, која потенцираше дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да биде нем набљудувач на овој процес.

Според неа, Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ уште од самиот старт укажувала на многубројни недостатоци и аномалии на Законот за попис и од тие причини поднела околу триесетина амандмани чија цел била подобрување на текстот на законот, но ниту еден не бил прифатен.

Василевска како забелешки на Законот за попис ги посочи „злоупотребата на европското знаменце и европските вредности и скратената можност за стручна и опширна дебата, недостиг на консензус од сите политички партии, проблематична и недоречена методологија за спроведување на пописот, нефункционален и небезбеден систем за електронска евиденција на дијаспората и погрешен тајминг за одржување на пописот, иако многу европски земји поради ковид кризата го одложија пописот за една година".

Според неа, власта „не отстапува од политичкиот договор" и намерата по секоја цена да се одржи пописот.

Василевска истакна дека ВМРО ДПМНЕ не е против попис на населението, бидејќи таква статистичка операција е многу важна и неопходна за земјата, но дека сака да упати силна порака дека е „против фингиран и наместен попис со кој власта ќе фингира бројки кои се резултат на партиско-коалициски пазарења и договори на штета на сите граѓани на Република Македонија".

На 2 Август 2021 година ќе се одбележат два значајни настана од историјата на македонскиот народ.

повеќе

Албанскaта политичка и научна јавност имаат објективен пристап и разбирање дека прашањата што се на масата за разговори со Бугарија не се воопшто лесни за решавање.

повеќе

Половични регионални форми на соработка и здружување се опасни за Македонија.

повеќе