Предлог законот за ЈО стигна во Собрание

ВМРО-ДПМНЕ подготвува нов текст: Законот од Владата не е системски, туку закон на мускули

Предлог законот за Јавното обвинителство и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за Совет на јавните обвинители се доставени во Собранието и се архивирани, но засега не се знае дали ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствува на седницата и ќе учествува во расправата.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, како што информираат од собраниските служби, треба да ги разгледа предлог-законите и ќе постапи согласно деловникот. Според вчерашните најави на Џафери, тој може собраниската седница за оваа точка да ја закаже на 26 јули. Извори од ВМРО-ДПМНЕ велат дека сѐ уште анализираат и размислуваат, но ако решат да учествуваат, ќе поднесат нивен законски текст за, како што велат, „да се види разликата во споредба со законот на СДСМ и ДУИ”. 

ВМРО-ДПМНЕ, според нашите соговорници, останува на ставот дека не би го поддржале предлогот на Владата, бидејќи „ако се носи системски закон за обвинителство тој треба да го надживее мандатот на некоја влада”. 

„А ако е ваков, закон донесен на мускули тој ќе се смени кога ќе се сменат околностите, односно кога ќе се смени владата. Владата со предлог Законот за Јавно обвинителство сака да си направи модифицирано обвинителство по свој терк и да си ја постави Вилма Рускоска”, ни изјавија од ВМРО-ДПМНЕ. 

Што се однесува до предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, нашите извори велат дека предлагаат Советот на јавни обвинители кој досега 15-20 години бил под политичко влијание да се бира на непосредни тајни избори во целото обвинителство, односно во сите обвинителства, за да има конкуренција. Според нив, тој не треба да одговара пред владата и никому да не биде политички должен, туку да одговара пред фелата. 

„Потоа, откако ќе има избор на државен јавен обвинител, по американски терк, тој од редот на сите обвинители да си избере тим кој ќе биде потврден од Советот на јавни обвинители. Кога ќе му заврши мандатот или ќе биде сменет од различни причини, новиот јавен обвинител да си бира нов тим во кој се разбира може да има членови и од претходниот. Целта е да има освежување во обвинителството”, објаснуваат од партијата. 

Доколку се прифати ова решение, според истите извори, тогаш Советот на јавни обвинители треба да донесе одлука за местото за кое сега се предлага Вилма Рускоска и тоа на оглас. 

„Рускоска за нас не е прифатливо решение, особено по последните случувања со Катица Јанева. Во случајот ‘Рекет’ сметаме дека не одлучува по свое убедување, туку со политичка селекција. Тренира строгост за политички неподобна личност”, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Истите забелешки, како што велат оттаму, ќе ги пренесат и на средбите со еврокомесарот Јоханес Хан и со високиот американски претставник Филип Рикер кои утре, односно задутре ќе бидат во Скопје. 

„Ние на средбите со Хан и со Рикер би им ги кажале недостатоците на законот, и дека ако е тоа моделот, не е системско, туку мандатно решение па кога ќе се сменат околностите ќе се сменат и страните. Тоа е селективна примена на правдата”, изјавуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Што се однесува до предлогот обвинителите и истражителите од СЈО автоматски да бидат префрлени во новото обвинителство, од партијата негативниот став го појаснуваат со случајот „Рекет”.   

„Работата со ‘Рекет’ е сериозна. Наводно биле изнесувани материјали од СЈО со кои подоцна Боки 13 рекетирал. Значи некој од СЈО, дали цели или селектирани материјали, копирал или изнесувал. Е сега според новиот закон ако сите од СЈО се префрлат во новото обвинитлство, ќе имаме еден или повеќе несигурни луѓе. Затоа не треба сите обвинители од СЈО по автоматизам да се префрлаат во новото обвинителство, туку секој да конкурира па ако е избран добро, ако не, да се врати онаму од каде што дошол”, ни изјавија од ВМРО-ДПМНЕ. 

Денеска и партискиот портпарол, Димче Арсовски најави дека во најкус можен рок во некој од следните денови ќе излезат детално со забелешките на предлог законот на Владата, а во меѓувреме „фокусирани се на финиширање на нивниот предлог и ќе излезат со конкретни предлози”. 

„Во делот за одбивањето на Вилма Русковска тоа е веќе добро познато и која е причинита и нејзината поврзаност со власта, така да очекувајте во некој од следниве денови да излеземе со конечни забелешки и конечни предлози.

Но, овој закон кој што го поднесува Зоран Заев веруваме дека не е со искрени намери. Туку можеби е закон кој што ќе сака на некој начин да се амнестираат тие како влада. Така да почекаме сепак уште ден, два да завршиме со анализите и веднаш потоа ќе ги знаеме сите чекори следни кои што ќе ни следат за носење на законот”, рече Арсовски.

Ж.П.Б.

 

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе