Откако спикерот поднесе предлог за измени во Деловникот

ВМРО-ДПМНЕ не кажува дали ќе се согласи Собранието да работи онлајн

Откако вчера претседателот на Собранието Талат Џафери достави предлог со кој со Деловникот ќе се овозможи седниците да се одржуваат и во онлајн формат, во таборот на најголемите противници на седници без физичко присуство на пратениците, во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, се воздржани. Велат, најпрво да го прочитаат предлогот на Џафери. Спикерот Џафери прецизира дека неговиот предлог се однесува на пратеници кои се позитивни на ковид-19 или се во изолација.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ засега не се изјаснува по однос на предлогот за измени на собранискиот Деловник, што вчера го поднесе претседателот на парламентот Талат Џафери, со кој, доколку се обезбеди мнозинство, ќе може седниците на Законодавниот дом да се одржуваат и онлајн, без физичко присуство на пратениците.

„Предлогот што го поднел претседателот на Собранието Џафери не е доставен до пратениците, така што додека не го прочитаме не можеме да коментираме", изјави за МКД.мк координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Владејачкото мнозинство уште од почетокот на минатиот месец, кога се случи мал број на пратеници да отсуствуваат од седниците поради тоа што беа позитивни на коронавирусот или биле во контакт со заразени лица, бара од опозицијата согласност за одржување на седници од далечина, преку интернет. Притоа, соочени со неможноста поради немање на мнозинство да се изгласаат повеќе закони, се повикуваа и на искуствата на повеќето парламенти во Европа, кои поради пандемијата преминаа на одржување на онлајн седници.

Од ВМРО-ДПМНЕ, како и од опозициските партии на Албанците, беа на ставот дека нема деловнички можности за седници од далечина, а дел од пратениците изјавуваа и дека доколку се одржи онлајн седница дека тоа ќе значи кршење на Уставот. Овие партии не прифаќаа ниту можност онлајн да се работи од канцелариите во Собранието, а не само од дома. Велат дека Деловникот во своите одредби е многу прецизен дека „Собранието работи само со присуство на пратениците“. Но, во изјави за медиумите се наведуваше и дека власта е таа што треба да си обезбеди кворум за седниците и мнозинстсво пратеници за гласање. Со други зборови, на тест е ставено владејачкото мнозинство во Собранието.

Претседателот на парламентот Талат Џафери вчера самоницијативно, како што информираше, поднесе Предлог на деловник за дополнувања на Деловникот на Собранието по скратена постапка, со кој од пратениците бара да изгласаат можност, во одредени услови, во случајов поради пандемијата, да работат онлајн.

„Имајќи ја предвид новонастанатата состојба предизвикана од коронавирусот ковид-19, поаѓајќи од уставно загарантираната функција на Собранието на Република Северна Македонија како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, кој својата организација и функционирање ги уредува во согласност со Уставот и Деловникот, потребно е одредбите од Деловникот на Собранието да се усогласат спрема новонастанатата здравствена состојба. Предложените измени се токму во насока на постигнување на таа цел односно, непречено работење на Собранието со овозможување на далечинска односно електронска работа на пратениците со електронско присуство на седниците на Собранието и работните тела а во исто време овозможување на остварување на претставничката функција", наведе Џафери во својот предлог.

Тој денеска прецизира дека предлогот се однесува на пратениците кои поради ковид-19 нема да можат да учествуваат на седниците на Собранието и на комисиите и ќе бидат на домашно лекување или во домашна изолација, за што ќе треба да известат приложувајќи решение од здравствените власти.

Ваквиот предлог е на линија на барањето и на пратеничката група на СДСМ која минатиот месец побара можност за онлајн учество на седниците во случај кога пратеникот е позитивен на вирусот или бил во контакт со заразено лице.

Во моментов, шестмина пратеници не се во можност физички да учествуваат во работата на Собранието.

Инаку, поради пандемијата, седниците на Собранието не се одржуваат во салата за пленарни седници, туку во новоизградената голема Протоколарна сала под големата купола на зградата на парламентот. Во оваа сала постои можност пратениците да седат на поголемо растојание еден од друг, што претставува запазување на една од мерките за заштита од коронавирусот.

П.Џ.

Во моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за општествена одговорност и за граѓанскиот статус.

повеќе

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе