Во Собранието на Македонија

ВМРО-ДПМНЕ достави предлог за укинување на „пржинска влада“, на ред се партиските препукувања

Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието на Македонија го достави најавуваниот предлог за укинување на 100 дена „пржинска влада“, со цел, како што изјави пратеникот Никола Мицевски, во услови на сеопфатна криза да не се губи време, зашто таква техничка влада ионака нема моќ за значајни одлуки. Тој нагласи дека веднаш потоа треба да се организираат брзи избори. Од СДСМ потсетија дека „пржинска влада“ датира од времето на „заробената држава“ на Груевски, а и ДУИ се согласува за укинување, но исто како и СДСМ, само со консензус. Избори велат, ќе има, но во 2024 година.

Предлогот со кој ВМРО-ДПМНЕ бара да се укине „пржинската влада“ и да се оди на предвремени избори, гласи: Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Влада. Координаторот на оваа пратеничка група  Никола Мицевски рече дека во ова време на општа криза е нецелисходно да постои период од 100 дена техничка влада.

„Во земјава имаме општ хаос. Енергетска и епидемиолошка криза, но и економска и не смее да се дозволи да се загуби ниту еден ден, не па 100 дена со техничка влада која не би можела да реши ниту еден значаен проблем, ниту може да работи од интерес за граѓаните. За да не се губи време, бараме предлогот  да биде ставен на дневен ред уште на седницата во среда и тоа по скратена постапка“, рече Мицевски.

Од СДСМ велат дека е најдискутабилно што предлогот претставува и своевидна уцена, бидејќи „пржинската влада“ се поврзува со итни избори, но од друга страна, како што нагласи координаторот на пратеничката група Јован Митрески, ВМРО-ДПМНЕ признава дека државата сега има кредибилни институции за организирање на избори.

„Во времето кога се изгласа 'пржинска влада“ државата беше заробена од режимот со Груевски на чело, па мораше да се преговара. За прифаќање на овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ потребна е согласност и од другите партии, но како и да е, рековме дека предвремени избори нема да има, туку редовни во 2024 година. Тоа значи дека има доволно време партиите да седнат и аргументирано да разговараат и да се постигне договор“, рече Митрески.

Од ДУИ порачаа дека како што се донесе Договорот од Пржино, дека така треба и за овој предлог за укинување на негова одредба да се седне и да се преговара, на маса да седнат најголемите партии, како и тогаш..

Како што рече Арбер Адеми, координатор на интегративците во Собранието, пракса во земјава е за значајни законски решенија кои навлегуваат и во избори и во функционирање на Влада, да се има консензус.

„Иако не изгледа логично една земја членка на НАТО, која очекува и преговори за членство во ЕУ, да има техничка влада од ваков тип, а ние  како ДУИ не сме против укинувањето, напротив, се согласуваме за тоа со СДСМ, сепак е потребен консензус. Имајќи предвид дека рековме оти избори нема да има до 2024 година, постои доволно време за разговори. И, не е добро вакви законски решенија да се поднесуваат еднострано, туку по постигнат консензус“, рече Адеми .

Според Адеми, токму заради глобалните енергетска и здравствена криза, во наредниот период владините партнери треба силно да се концентрираат на реализација на програмите од интерес на граѓаните и државата.

Пржинскиот договор беше постигнат во 2016 година, по долги преговори на тогаш четирите најголеми партии, со странско посредништво. Целта на одредбата за 100 дена техничка влада со учество во Владата на опозицијата, беше оргнизирање на фер, слободни и демократски избори.

П.Џ.

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе