ВМРО-ДПМНЕ бара специјална државна комисија против ковид-19, а не кажува какви мерки предлага

Во владиниот Предлог-закон за заштита на населението од заразни болести нема конкретни мерки за борба против пандемијата, нема мерка за зајакнување на капацитетите на институциите кои што вршат ковид тестови, нема мерка за поевтино тестирање на ризичните групи на население како пензионери или хронично болни, ниту има мерка за пошироко тестирање по однос на бројка во позагрозените општини како што се Скопје, Прилеп, Струмица, Тетово и други градови, оценува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Како што рече пратеникот Антонио Милошоски на денешната прес-конфернција, овој закон, според нив, е повеќе техничка измена и дополнување наместо да биде закон во кој што би имало суштински мерки за борба и справување против пандемијата.

„На ова ниво на загрозеност од пандемијата каде што Македонија за жал има една од најголемите стапки на смртност по однос на еден милион жители во Европа дојдовме и како резултат на несоодветните мерки и слабата доверба која што Комисијата на министерот за здравство ја има кај јавноста. Сметаме дека оваа комисија која што уште пред изборите почна да ги политизира мерките, а во последно време видовме дека беше и пасивна кога некои ресторани, дискотеки во Скопје и во Струмица блиски до семејството на власт правеа концерти, забави, журки и тогаш не се реагираше соодветно, носи дел од одговорноста за оваа загрижувачка состојба со пандемијата со ковид“, рече Милошоски.

Тој информираше дека вчера претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Вело Марковски се сретнал со министерот за здравство по однос на предлог законот и ја изнел идејата на ВМРО-ДПМНЕ да се формира една специјална државна комисија за заштита и борба против пандемии и епидемии во моментот кога постојат или во иднина во момент кога повторно би се случиле.

„Во однос на комисијата за справување со пандемија и епидемија предложивме таа комисија да брои 11 члена по функција тука би биле министерот за здравство и директорот за Центарот за управување со кризи, а внатре би членувале 3 специјалисти инфектолози, двајца епидемиолози, двајца микробиолози, еден имунолог и еден специјалист интернист. На наше разочарување оваа идеја и предлог не беа прифатени од министерот за здравство. Очигледно е дека министерот за здравство за разлика од мнозинството во јавноста се уште има блиска доверба во неговата советодавна Комисија за ковид што ја предводи докторот Караџовски, за која Комисија ние сметаме дека носи дел од одговорноста за многу ненавремени или за многу несоодветно преземање на мерки изминативе пет месеци. Затоа сметаме дека Македонија мора да реагира посериозно, мора некој за сегашната ситуација да понесе одговорност и мора постручни лица да ги заземат местата на оние членови на Комисијата кои одеа на концертот на Владо Георгиев во дискотеката Мош“, изјави Милошоски.

Тој му порача на министерот за здравство Венко Филипче уште еднаш да размисли зошто се одбива иницијативата за формирање на специјална државна комисија за справување со ковид пандемијата која што би ја предложила Владата, а би ја изгласало Собранието.

„Ние како партија забележуваме дека на власта често и треба изговор и кривец. До пред 3-4 месеци се вадеа со паролата Наќе е крив, потоа кога Наќе веќе не беше министер, народот е крив, сега ќе бараат виновник во опозицијата или во некои други структури, но не во власта. Затоа за да не им послужи како изговор тоа што законот кој го предлагаат има недостиг од суштински мерки за борба против пандемијата и да не почнат со спинови за тоа кој е виновен за слабото работење на Комисијата на министерот за здравство, ВМРО-ДПМНЕ ја повикува власта уште во текот на денешниов ден, да закаже собраниска седница. Знаеме дека немаат кворум, но ние ќе бидеме коректни, ќе го направиме кворумот на собраниската седница. Иако ќе бидеме воздржани, сепак ќе овозможиме овој предлог закон да помине. Но, предупредуваме уште еднаш, ваков каков што е не очекуваме да донесе преголеми резултати, бидејќи во законот недостигаат суштински мерки за борба против пандемијата“, додаде Милошоски. 

Одговарајќи на новинарски прашања, Милошоски, сепак, не кажа кои здравствени мерки ги предлага ВМРО-ДПМНЕ.        

„Јас повторно би кажал дека ја предлагаме специјалната државна комисија за борба против пандемијата, бидејќи таквите стручни лица можат да дадат многу подобри мерки отколку политичарите. Ќе земам само една споредба и како човек и како, пред некое време, пациент од оваа заразна болест, но и како пратеник се чувствувам со многу поголема доверба и сигурност кога ги слушам изјавите на проф. Др. Никола Пановски за разлика од тоа кога ги слушам изјавите на премиерот Заев кој што тврди дека вирусот лебдел и дека со секое движење ние го креваме во воздух. Сметам дека такви паушални изјави, несериозни не се потребни во овој момент кога навистина сме загрозени со пандемијата“, рече Милошоски.

 

И покрај сета надеж што се роди со објавите за докажана ефикасност на неколку кандидати за вакцини за ковид-19, има долг пат пред нас што треба да се изоди за да се дојде до универзална и лесно достапна „вакцина за луѓето“. 

повеќе

Самиот Никос Коѕијас не го почитува договорот што го потпиша со Заев и Димитров. Ќе реагира ли македонското МНР на терминологијата во неговата колумна, како што вети дека секогаш ќе реагира кога се крши Договорот од Преспа? Треба. Ама не е за верување.

повеќе

За првпат 16 врвни бизнисмени од земјите на Западен Балкан, врз основа на мерливи критериуми, ќе го следат напредокот на економските реформи во регионот и ќе го известуваат Брисел.

повеќе