Власта во потрага по поддршка за уставните измени, опозицијата бара собраниска седница - веднаш

Власта и опозицијата продолжуваат со реториката за тоа дали има или нема и како ќе се стаса до доволно гласови во Парламентот за уставни измени.

И премиерот Димитар Ковачевски и првиот потпретседател на Владата Артан Груби се децидни дека уставни измени мора да има бидејќи единствена алтернатива за Македонија е Европската Унија. Груби, пак, кажа и дека се разговара со пратеници и лидери на партиите од опозицијата за поддршка во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ возврати повикувајќи уште следната недела да се гласа за уставни измени ако тие ги имаат потребните гласови, но доколку тие не поминат во Парламентот, Ковачевски да си поднесе оставка.

Премиерот Ковачевски во интервју за РТС го повтори ставот дека алтернативата на Македонија е во ЕУ, исто како и стремежите на Албанија и на Србија, иако процесот и времетраењето на самиот процес од 17 години го намали кредибилитетот на Унијата во Македонија.

„Конечно минатиот месец Северна Македонија ја одржа првата Меѓувладина конференција, го одржавме и првиот скрининг состанок, веќе имаме распоред финализиран во однос на одржувањето на билатералниот скрининг кој започнува на 15-ти септември. Многу скоро во текот на наредните денови Северна Македонија ќе ја официјализира и претстави преговарачката структура во однос на се она што се потребно да се направи во тој билатерален скрининг. Веќе се екипираат структурите во Секторот за европски интеграции во Секретаријатот за европски прашања“, рече Ковачевски.

Премиерот оценил дека со тек на време прво ќе се врати кредибилитетот на Европската Унија, заради тоа што веќе го отпочнавме процесот и заради тоа што голем број експерти, институции и невладиниот сектор ќе бидат вклучени во преговарачкиот процес.

Според него, Северна Македонија има јасен патоказ на кој начин ќе се одвива пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија. Надминати се, како што посочил Ковачевски, одделни прашања и дилеми и во преговарачката рамка стои чист македонски јазик, загарантиран е идентитетот на македонскиот народ и целиот преговарачки процес, а историските прашања се дел од работата на Историската комисија и не се дел од преговарачкиот процес.

„Она што ние го имаме како обврска на тој пат, што впрочем го имаа и голем број на други земји е уставно прилагодување со тоа што Северна Македонија има уште една дополнителна активност, која треба да ја направи, а тоа е вклучување на делови од други народи кои живеат во нашата држава и тука веќе таква заинтересираност имаат изразено хрватскиот, црногорскиот, бугарскиот народ меѓутоа и други како што е еврејскиот, кој веќе искажа желба да бидат дел од Уставот“, изјави Ковачевски.

Истакнувајќи дека тој самиот смета дека ова е добро, бидејќи постојат држави во ЕУ коишто имаат и по 25 делови од народи во својот Устав, а ние веќе имаме други народи во Уставот како што се српскиот народ, влашкиот, албанскиот, ромскиот и така натаму.

Првиот потпретседател во Владата Артан Груби изјави дека уставните измени мора да се случат, бидејќи без нив Македонија е во регрес, во статус кво и не може да оди напред и од овој процес апсолутно најголем добитник е македонскиот народ. Посочи дека проевропското крило во опозицијата е во подем во Собранието и оти ќе даде поддршка за уставните измени и дека веќе има контакти и комуникација со пратениците и со претседателите на политичките партии за, како што рече, начин на којшто и тие ќе ја дадат својата поддршка за европска иднина на земјата.

„Сакам да појаснам дека уставните измени не дека ќе се случат, мора да се случат. Без уставните измени Македонија е во регрес. Без уставните измени Македонија е во статус кво и не може да оди напред и затоа секој што сака европска Македонија, секој што сака развој, секој што сака да ја види нашата земја рамо до рамо со членките на ЕУ ќе даде поддршка за уставните измени од коишто најголем добитник е македонската заедница во Република Северна Македонија затоа што конечно, конечно се прави одвојување на македонскиот народ од бугарскиот народ. И тоа со прифаќање на самиот бугарски народ којшто имаше други претензии. Како што знаете, се до вчера. Од овој процес најголем добитник апсолутно е првенствено македонскиот народ во РСМ и сите граѓани на државата затоа што сметам дека се заокружува целокупната тапија на државноста на РСМ“, изјави Груби.

Според него, се потврдува од страна на Бугарите дека има апсолутно одвојување, дека постои македонскиот народ и македонскиот јазик и дека тоа е реалност и они го прифаќаат тоа со овие уставни измени.

„Значи, имаме посебна заедница на Бугарите во РСМ која што не е повеќе од 3.500 граѓани како што видовме со последниот попис и дека сите други се Македонци кои зборуваат македонски јазик и се дел од македонскиот народ“, вели Груби.

Првиот потпретседател во Владата смета дека „проевропското крило кое што е во подем во опозицијата во Собранието ќе даде поддршка за уставните измени и веќе имаме контакти, комуницираме со пратениците, комуницираме со претседателите на политичките партии за начин на којшто и они ќе ја дадат својата поддршка за европска Македонија“.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа посочувајќи дека Груби кажува лаги.

„Ако имаат пратеници за уставни измени уште наредна недела нека ги стават на дневен ред, ако не Ковачевски веднаш да си поднесе оставка“, повторија од партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, соочени со секојдневните неуспеси и порази на секое поле, Владата на Ковачевски се обидува очајно да направи дефокус.

„Тоа што нема учебници во образованието, тоа што Македонија има највисока стапка на инфлација и најниска стапка на економски раст. Тоа што се до гуша заглавени во криминал, се обидуваат да го покријат со лажни вести“, посочуваат од опозициската партија.

Прашањето за уставни измени, велат од ВМРО-ДПМНЕ, не е прашање дали сме за или против Европска Унија, туку дали сме за или против идентитетско обезличување и прифаќање на бугарските ултиматуми.

Новиот бугарски амбасадор во Вашингтон Георги Панајотов во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик пред два дена изјави дека услов бугарската Влада да поддржи отворање и затворање на поглавјата со Европската Унија е Северна Македонија во целост да ги исполни одредбите од Договорот од 2017 година, во кој многу важен дел се историските прашања.

Прашан дали Бугарија ќе бара промена на историјата како услов за да ѝ дозволи на Северна Македонија да ги отвора и затвора поглавјата во преговорите со ЕУ, Панајотов наведува дека работата на Комисија за историски и образовни прашања за сите периоди од, како што вели, нашата заедничка историја мора да заврши пред Северна Македонија да влезе во ЕУ.

Сведоци сме деновиве на сензационална приказна за некаков американски тим кој, внимавајте, агресивно ќе ловел корупција во Македонија.

повеќе

Најавите на американската администрација за бескомпромисна  борба против овие корумпирани,  неспособни  и криминални структури на сите нивоа на државата за македонските граѓани се единствено светло во тунелот.

повеќе

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе