Иницијатива на владеачкото мнозинство

Власта сака ново министерство за политички систем, а истото пред две години го пишуваше и во „тиранската платформа“

На 14 март пратениците ќе расправаат за иницијативата за формирање на ново министерство - за политички систем и односи меѓу заедниците. СДСМ ветуваше намалување на министерствата, експертите се против, а на 7 јануари 2017 година формирањето на вакво министерство го „предвиде“ „тиранската платформа".

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците треба да биде замена за Генералниот секретаријат за спроведување на Рамковниот договор.

На иницијативата за формирање ново министерство потпишани се пратениците Јован Митрески од СДСМ, Артан Груби, Џеват Адеми, Реџаиљ Исмаили и Ејуп Алими од ДУИ, Панчо Минов, независен од ГРОМ и Зеќир Рамчиловиќ од независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ.

Се бараат промени во два закона – Законот за Владата и Законот за организација и работа на органите на државната управа. Во образложението на предлогот пишува дека ќе бидат потребни дополнителни финансиски средства, но не се наведува колку.

„Заради функционирање на државата во делот на работите поврзани со политичкиот систем, спроведување на Охридскиот рамковниот договор и принципите што произлегуваат од овој договор, како и унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците во Република Северна Македонија, се појави потреба да се основа ново министерство за политички систем и односи меѓу заедниците“, пишува во образложението. За бараните законски изменипратениците ќе расправаат на веќе закажаната собраниска седница на 14 март.

Во точка 2 од „тиранската платформа“, на која беа потпишани ДУИ, Алијанса за Албанците, Беса, ДПА и Еди Рама, премиерот на Албанија, во точка 2 пишува: „Постигнување економска рамноправност и оп­штествена благосостојба, особено преку рамномерен регионален развој - создавање нов механизам, во форма на една државна комисија за финансирање на општините, за донесување одлуки со право за владини грантови во корист на општините; создавање министерство за политички систем и за односи меѓу заедниците, како надлежен орган за почитување на правата на заедниците и за поттикнување на економскиот и на социјалниот развој во неразвиените подрачја; oстварување правична застапеност во органите за безбедност, војската, разузнавањето и правдата и остварување правична застапеност во сите нивоа на централната власт, како и во јавните служби или претпријатија со јавни акции“.

Јавноста ја потсетува власта на нивното ветување за намалување на бројот на министерствата. Ако ова министерство се основа, Македонија ќе има рекордни 26 министри (заедно со вицепремиерите и министрите без ресор). Експертите велат таа бројка треба да се намали на 11. На пример Словенија има 14 министерства, Ирска има 17 министерства, Франција 16, Обединетото Кралство 25 министерства, Србија 21, Бугарија 19, Албанија 15, Грција 23...

Еве што на оваа тема пред 4 години изјави актуелната министерка за одбрана Радмила Шекеринска: „Македонија е убедлив негативен рекордер, 26 министри – и да се два милиона, што не се, на 81.000 луѓе во државата имаме по еден министер. Ако ја анализирате Гeрманија на пет милиони луѓе – еден, ако ги проверите Естонија, еве земји блиски по големина со Македонија, Латвија, Естонија, ќе видите 90, 100, 150 илјади граѓани на еден министер. Тоа сметаме дека мора да се промени. Бројот на министри во Владата на СДСМ нема да надмине повеќе од 20 и ќе гледаме тој број да се намалува, а ќе почнеме разговори со сите други партии во парламентот за да го намалиме и бројот на пратеници помеѓу 90 и 100, што сметаме дека најмногу ќе ѝ одговара на Македонија“, изјави Шекеринска.

Денеска на оваа најава реагираше и професорката Ана Павловска Данева реагираше на најавата за основање ново министерство: На македонската државна управа ѝ е потребно намалување на бројот на министерства и министри, а не создавање нови. Тажно!“

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе